БОЗЕЛ
Латинското име му е Sambicus nigra, додека во традиционалната медицина бозелот се среќава под повеќе различни имиња. Расте насекаде, на влажни и на запуштени места, а расте и покрај патишта и во дворови. На планинските места расте како грмушка, а додека на ниските места како дрво, и достигнува височина и до 5 метри.

Се вбројува меѓу најстарите лековити билки и уште од времето на древните народи се  сметал за симбол на раѓањето и смртта, а се користел и за заштита од лошите сили. Цветовите на бозелот се ситни, бледи или бледожолтеникави, и се собрани во соцветија во форма на штит, а плодовите се ситни и тркалести, и кога се зрели имаат црно-сина боја. Бозелот цвета од мај до јули. Цветните китки од бозелот се берат на убаво и суво време, веднаш по отворањето на цветовите. Младите листови се собираат во април и во мај.

Активни компоненти
Содржи витамини А, Б1, Б2, Ц, етерични масла, горки супстанции, јаболкова киселина, сахароза и друго. Цветовите содржат гликозиди, танин, флавоноиди, каротин и витамин Ц, а додека бобинките содржат алкалоиди, каротин, танин, органски киселини. Се смета дека лековитите својства се должат на флавоноидите кои се силни антиоксиданти и кои ги штитат клетките од оштетувања.

Лековити својства
Лековитите својства на бозелот ги има во сите негови делови: во цветот, во плодот, во листовите, во кората и во коренот.
Во прв ред, бозелот има антивирално, антиоксидантско и антиканцерогено дејство. Клиничките испитувања потврдуваат дека бозелот не само што го намалува ризикот од настинка и грип, туку и ја намалува тежината на симптомите и воедно го скратува времетраењето на настинката и грипот.  Бозелот е, исто така, одличен лек за лекување болести на респираторниот систем, како бронхитис и пневмонија, а ги ублажува и симптомите кај болни од туберкулоза. Се употребува и при воспаление на усната шуплина, а во форма на инхалации се користи и при воспалени синуси. Земен во облик на топол чај, предизвикува зголемено потење, со што го ослободува организмот од токсините. Со потењето и со детоксикацијата се намалува телесната температура, што е од голема важност за смирување на симптомите на настинка и подобрување на функцијата на респираторните патишта. За оваа цел, цветот од бозел може да се користи поединечно или во комбинација со цвет од липа и од камилица.

Моќен антиоксидант и пријател на уринарниот и на дигестивниот тракт

Поради флавоноидите кои се јаки антиоксиданти, бозелот се користи и во лекување на дегенеративни болести, како и во превенција на рак. Бозелот го зајакнува имунолошкиот систем. Тој е и добар диуретик кој се употребува при заболување на бубрезите и на мочниот меур. Плодовите се ефикасни во подобрување на перисталтиката на цревата и се употребуваат при запек.

Лековити форми

Од бозелот се прават чај, сок, вино и џем. Џемот се подготвува од плодовите од бозелот и тој е многу вкусен за јадење, со пријатни мирис и арома. Одличен деликатес кој го подобрува празнењето на цревата. Идеален за употреба и кај децата. Виното од бозел ја регулира столицата, ја прочистува крвта, ги намалува стомачните и цревните грчеви, го подобрува апетитот и ја подобрува циркулацијата на крвта во организмот. Топлото вино од бозел се користи за лекување на бронхитис, настинки, грип, па дури и при воспаление на белите дробови.

Подготовка на чај: еден исушен цвет се попарува со чаша жешка вода. Садот се покрива 20-30 минути, се процедува, се засладува со мед и се пие по половина чаша, три до четири пати на ден, 15 минути пред јадење.

Сок од бозел: 1 лажица цветови од бозел, 1 кг шеќер, 0,5 литри вински оцет, 1 лимон, 5 литри вода. Во водата се става шеќерот и се додава винскиот оцет. Се вари 30 минути, на тивок оган. Потоа, се додава цветот од бозел и исечканите парчиња лимон и се вари уште 5 минути. Смесата се остава да отстои преку ноќ, и другиот ден се процедува низ газа и се става во  добро затворени шишиња.

Вино од бозел: 10-15 цветови од бозел, 4-5 литри вода, 0,70 кг шеќер, 2-3 лимона, 3 дл јаболков или вински оцет. Шеќерот се раствора во топлата вода. Потоа, се чека сирупот да се излади. Во изладениот сируп се додаваат лимонот, оцетот и цветовите од бозел. Ваквата смеса се остава да отстои 24 часа. Потоа, виното се процедува и се става во стаклени шишиња, кои треба да се добро затворени. Шишињата треба да отстојат на топло 2 недели, со повремено протресување. По 2 недели, виното е подготвено за употреба. Вкусното вино се пие по јадење, по 0,5 дл или по една мала шолјичка.

Свежо подготвената топла шолја чај помага да се справите со симптомите на настинка и грип. Чајот ќе ви помогне да се препотите, да ја намалите зголемената телесна температура и да ја ублажите упорната кашлица.

Препорака

Бидејќи не постојат доволно податоци за безбедна употреба во тек на бременост и на доење, не се препорачува употреба на бозел кај трудници и кај доилки.