СОВЕТИ ЗА ЗДРАВА ИСХРАНА ВО ЗИМА
Зимата претставува период карактеристичен за зачестена појава на настинки и грип, кашлици, бронхитис и други респираторни заболувања. Различните отежнувачки околности, како што се студеното време, кратките зимски денови, загадениот воздух, недостатокот на сончева светлина, доведуваат до тоа сè помалку време да поминуваме надвор, помалку да сме физички активни, да сме енергетски послаби, меланхолични и многу повеќе склони кон вирусни и бактериски инфекции поради намалениот имунитет.Нашиот организам мора да се навикне на овие услови, а за тоа правилната и здрава исхрана е од огромно значење.

Здравата исхрана нуди одлична превенција за време на зимскиот период. Секако, здравата исхрана не може да делува „преку ноќ“ или кога првите знаци на слабост на имуниот систем веќе се појавени. Само добро избалансирана, редовна и здрава исхрана на подолг временски период може значително да го подобри имунолошкиот систем на организмот.Како што е веќе познато, здравиот имунолошки систем е еден од основните предуслови за добро здравје. Затоа, правилната и здрава исхрана надополнета со умерена  физичка активност и со редовен сон се главни предуслови за јак имун систем кој во зимскиот период може да нè заштити од бактериските и вирусните инфекции,односно да го минимизира нивното времетраење кога ќе се појават.

Која храна треба да се консумира во зимскиот период?

Зимата е годишно време во кое треба да се посвети особена важност на исхраната, со цел да одржиме добро здравје. Исхраната во зимскиот период мора да биде избалансирана и внимателно осмислена. За жал, намалената понуда на разновидно свежо овошје и зеленчук во зимскиот период, ниските температури и празничните гозби можат сериозно да наштетат на балансот на организмот и дополнително да го ослабнат нашиот имун систем. Поради сето ова, исхраната  во зимскиот период  мора повеќе од кога било да биде избалансирана и здрава.
Добро е да се спомене дека овој период, освен дополнителни калории, на нашиот организам потребни му се и дополнителни витамини, микро и макроелементи, протеини, сложени јаглехидрати, есенцијални масни киселини.
Во избалансираната исхрана во зимскиот период пожелно е да бидат застапени намирници богати со витамините Ц, Д, А, витамините од Б комплексот , минералите цинк и селен, доволно внесување вода, како и храна богата со пробиотски култури (корисни бактерии). Тоа подразбира трпеза богата со свежи зеленчук и овошје, интегрални житарки, мешунки, јаткасти плодови, јајца, риба, посно месо, ферментирани млечни производи (кефир, кисело млеко, јогурт) и ферментиран зеленчук (кисела зелка, туршија).

Храна богата со витамин Ц 

Постојат безброј студии кои ги потврдуваат важноста и улогата на витаминот Ц во јакнењето на имунитетот и неговата силна антиоксидантска моќ. Овој ефект, пред сè, се должи на неговото синергистичко дејство со речиси сите витамини и минерали во организмот. Поради високата содржина на витамин Ц и на биофлавоноиди, во текот на зимскиот период од особена важност е да се консумира цитрусно овошје (лимон, портокал, мандарина, цитрон), како и киви, ананас и јаболко. Од свежиот зеленчук достапен во зимскиот период и богат со овој витамин, препорачливо е консумирање зелка (особено кисела), брокола и најголем дел од зелениот лиснат зеленчук (кељ, спанаќ, блитва…) На крај, но не и најмалку важна, туку напротив, би ја споменале шипката и чајот од овој плод, како најбогат извор на витамин Ц на ова поднебје.

Храна богата со витамин Д

Витаминот Д делува моќно во превенција и лекување на многу заболувања. Голем број научни студии покажаа дека овој витамин двојно го намалува ризикот од рак на дебелото црево, градите и јајниците. Ја ублажува депресијата, го зајакнува имунитетот и превенира настинка и грип. Нашиот организам може сам да го синтетизира, за што му е потребна сончева светлина, која, за жал, недостига во зимските месеци. Во намирниците застапен е во масните морски риби (лосос, туна), јајцето (во жолчката), телешкиот џигер, млекото, печурките.
Сонцето е најдобриот природен извор на витамин Д и поради недоволната изложеност  во текот на зимскиот период, препорака е да се консумира токму храна богата со витамин Д или тој да се обезбеди преку дополнително, односно суплементарно внесување.

Храна богата со витамин А 

Витаминот А, односно бета-каротинот како негов провитамин, претставува одличен антиоксидант кој ја зголемува отпорноста на организмот од вирусни и бактериски инфекции, што е од особена важност во зимскиот период . Намирници кои го содржат овој витамин се: тиква, морков, сладок компир, портокал, спанаќ, брокола.

Храна богата со витамини од Б групата

Витамините од Б групата позитивно делуваат на метаболизмот, ја одржуваат виталноста на организмот, го јакнат имунитетот, позитивно делуваат против стрес и депресија. Во намирниците најзастепени се во интегралните житарки, мешунките, јаткастите плодови (особено во костенот), банана, спанаќ, кељ.

Храна богата со цинк

Цинкот претставува минерал кој се грижи за зачувување и зајакнување на имуниот   систем. Освен што влегува во голем број ензимски реакции во организмот, тој докажано го намалува времетраењето на настинката и ги уништува вирусите, поради што од особена важност е внесувањето храна богата со цинк во зимскиот период. Намирници богати со цинк се месото, морските плодови, јајцата, семките од тиква, сусам, лук.

Додатоци во исхраната

Во текот на зимата, многу е тешко да се испланира здрава и избалансирана исхрана која на организмот ќе му ги обезбеди сите потребни хранливи состојки. Затоа, многу често во последно време се препорачува дополнително земање додатоци во исхраната. Препораките најчесто се за дополнително земање витамин Д, витамин Ц, цинк, пробиотици, рибино масло  и др.