ФУНКЦИОНАЛНА ОПСТИПАЦИЈА КАЈ ДЕЦА
Запекот (опстипацијата) е чест проблем во текот на детството и често се мисли дека е нормална варијанта на дефекација, која ќе се реши како што децата ќе станат постари. Можноста за рана интервенција честопати се пропушта, а ова може да резултира со компликации, како што се аналните фисури, задржувањето на столицата и фекалната инконтиненција/енкопреза. Превенцијата на запекот се фокусира на навремени промени во исхраната и обуката за дефекација во процесот на растење. Третманот на запекот зависи од возраста на детето и од времетраењето на симптомите. Тој може да вклучи едукација, промени во исхраната и фармакотерапија, самостојно или во комбинација.

Што е опстипација?

Опстипацијата, генерално, се дефинира како нарушување кое се карактеризира со постојана тешкотија или навидум нецелосна столица и/или ретки движења на дебелото црево (еднаш на 3-4 дена или поретко). Таа е симптом, а не болест.

Се карактеризира со (Rome III критериуми)
-изразена тешкотија при празнење;
-чувство на нецелосно празнење;
-тврда столица;
-помалку од 3 движења на дебелото црево, неделно.

Запекот (опстипацијата) е чест проблем во текот на детството и често се мисли дека е нормална варијанта на дефекација, која ќе се реши како што децата ќе станат постари.
Хронична опстипација: кога симптомите траат најмалку 12 недели (не последователно) во текот на 1 година и се појавуваат > 25% од столиците.

Опстипацијата во 95% од случаите се должи на функционалната опстипација, а само помалку од 5% се должи на органски нарушувања.
Во патогенезата на болеста има две различни патофизиологии кои често се преклопуваат:
-Нарушување на движењето на дебелото црево;
-Нарушено варење на храната.
Дебелото црево има функција:
-апсорпција на течност;
-бактериска ферментација;
-формација на столицата;
-елиминација на столицата.

Дијагностички пристап
Во дијагностичкиот пристап, главна цел е :

• Исклучување на органско заболување или опстипација предизвикана од лекови;
• Разликување на типот на функционална опстипација (нормално или бавно празнење или;
• Ефикасен и безбеден третман на проблемот (олеснување на дефекацијата и отстранување на поврзаните симптоми).
Опстипацијата, односно фекалната инконтиненција, во само 5% од случаите се должи на органска природа, како што се аноректалните и спиналните малформации. Таа дури во 95% се должи на функционалната природа, односно, за нејзино постоење нема вистинска болест како подлога. Водечки причини за појава на функционалната опстипација кај децата се лошата исхрана, несоодветниот тренинг за дефекација, потоа психолошката поврзаност во однос на лошото однесување со детето, неадаптација кај децата, страв од дефекација итн.
Овој тип опстипација најчесто се појавува по 2. година, не постои абдоминална дистензија, децата добро напредуваат во телесната тежина, нема малнутриција, аналниот тонус е нормален, имаме измет во ректалниот простор, и, ако се прави иригографија или ректална биопсија, тие се со уреден наод.   Во дијагностичкиот пристап кај функционалната опстипација, секогаш треба да исклучиме секакво сомнение за органска подлога на проблемот. Потоа, да направиме диференцијација дали се работи за нормално или за бавно празнење. Целно и најважно за пациентите, треба да се даде ефикасен и безбеден третман за да се реши проблемот на опстипацијата, односно, да се олесни дефекацијата и да се отстранат симптомите кои се поврзани со неа.

Третман

Во однос на терапијата и мерките кои може да се преземат за справување со опстипацијата, секогаш се почнува со нефармацевтски интервенции. Тоа е пристап во кој се советува внесување течности, внесување млеко до 500 мл/24 часа, нутритивни интервенции (сокови и овошје – сливи, круши, праски, киви, портокал, цреши, смокви, избегнување адсорбентска храна), како и внесување суплементи со влакна. Меѓутоа, сите интернационални „водичи“ за оваа состојба, заклучуваат дека нефармацевтската интервенција најчесто не е доволна. Како прва линија на препарати кои се советуваат за третман на опстипацијата се осмотските лаксативи (PEG, Laktulose) CBT, BF, PPT лаксативи. Како прв избор на лаксативно средство за деца, препорачано од ESPGHAN, е PolyethyleneGlycol (PEG) или Macrogol 3350. Тој има уникатни особини и механизам на дејство кои се разликуваат од другите осмотски лаксативи. Има помалку несакани ефекти, претставува инертна супстанција – нула ефект врз микрофлората, не создава гасови. Неговиот осмотски ефект е послаб, поради што е и помал ризикот од дехидратација и од губење електролити (особено важно кај мали деца).

Долгорочно надминување на проблемот

Кога веќе ќе се реши проблемот на опстипација, односно, кога детето ќе има нормална конзистенција на столицата, се пристапува кон тренингот за дефекација. Тоа е многу важен сегмент од третманот на оваа состојба кај децата, затоа што со правилен тренинг нема да дојде до повторување. Тренингот се  изведува во домашни услови на начин што детето се остава седнато на тоалет 5-10 минути на ден, околу 30 минути по оброк/јадење. Потребно е да се води дневник за дефекацијата на детето и тој се дава на лекарот. Овој тренинг се изведува во период од 2-3 месеци, за да му се даде време на детето да стекне навика за дефекација, а без притоа да му се прави психолошка пресија.

Асс. д-р Наташа Чучкова Никчевска, специјалист педијатар, ПЗУ „Жан Митрев“