СО ПРАВИЛНА ИСХРАНА ДО УБАВ И ЗДРАВ ЛЕТЕН ТЕН
По зимскиот период, кога кожата беше изложена на негативни надворешни влијанија (студ, ветар, сув загреан воздух во просториите…), потребна е нејзина подготовка пред изложување на сончевите зраци. Средствата за заштита на кожата од сонце штитат од оштетување на кожата и нејзино стареење. Сепак, секогаш треба да се има предвид дека правилната исхрана претставува многу важен дел од подготовката на нашата кожа пред нејзино изложување на сонце.

Заштитата на кожата започнува од чинијата

Постојат голем број совети за тоа како да добиете убав тен, односно како да не изгорите од сончевите зраци и да се заштитите од потенцијалните опасности кои може да ги предизвикаат високите УВ-зраци, меѓутоа тоа што е наjважно да знаете е дека својата кожа може да ја заштитите најмногу со помош на правилна и квалитетна исхрана.

Сепак, заштитата на кожата започнува од чинијата. Ниту еден козметички препарат нема да ја заштити кожата како правилната и балансирана исхрана. Правилната исхрана ја штити нашата кожа од слободните радикали коишто ги уништуваат колагенот и еластинот – најважните компоненти на здравата кожа. Доколку сакате да добиете добар тен, а притоа и истовремено да го сочувате вашето здравје, тогаш треба навремено да внимавате и да консумирате здрави намирници. Со секојдневното консумирање на одредени  намирници, ќе превенирате предвремено стареење на кожата и појава на брчки, ќе ја заштитите кожата од УВ-зрачењето, ќе ја поттикнете нејзината регенерација и ќе ја намалите можноста за алергиски реакции од изложувањето на сонце.  Затоа, во летните месеци е важно да внесуватехранакоја, благодарение на своите состојки, делува како природен заштитен фактор, односно храна која докажано има моќно фотопротективно дејство.Храна која делува како заштитен фактор од сонцето

Бројните научни истражувања покажаа дека одредени намирници и нутриентите кои ги содржат, може да претставуваат значајна поддршка во заштитата на кожата од оштетување и помош во заздравувањето од веќе настанатите оштетувања, како и да влијаат превентивно во намалувањето на ризикот од развој, односно од појава на рак на кожата. Овие истражувања покажаа дека нутриентите, како што се каротеноидите (бета-каротин, ликопен, лутеин, зеаксантин), витамините Ц, Е, А и Б, минералите селен, цинк и бакар, есенцијални масни киселини, со своите антиоксидантски својства ја штитат и ја регенерираат кожата од сонцето, односно имаат големо фотопротективно дејство. Овие нутриенти ги наоѓаме во храната.

Најдобар извор на овие нутриенти се свежиот зеленчук и овошје, интегралните житарки, јаткастите плодови, мешунките, рибата, млечните производи, растителните масла богати со незаситени масни киселини (особено ладно цеденото маслиново масло). Затоа, од особена важност е, во овој период од годината, освен, се разбира, секојдневното внесување доволно количество квалитетна вода, да консумираме и намирници како што се морков, домати, модри домати, темнозелен лиснат зеленчук (спанаќ, блитва, кељ), грашок, пиперки, бобичесто овошје (боровинка, малина, јагода, рибизла…), кајсии, лубеница, диња, ореви, бадеми, какао, маслиново масло, ленено семе, зелен чај итн.

Морков и темнозелен лиснат зеленчук

Освен што го штити нашиот вид, морковот, благодарение на фактот што изобилува со каротеноиди (особено бета-каротинот и лутеинот), претставува моќен заштитник на нашата кожа од оштетувања настанати од сонце. Нашиот организам го претвора бета-каротинот во витамин А, кој е од витално значење за здрава кожа.
Со секојдневното консумирање морков, ја правите вашата кожа поотпорна на УВ-зраците. Темнозелениот лиснат зеленчук (спанаќ, блитва, кељ) претставува моќен извор на каротеноиди со високо антиоксидантско дејство (лутеин, зеаксантин, бета-каротин). Истражувањата покажаа дека имаат заштитно дејство, помагаат од оштетувања на кожата  настанати од сонцето, како и дека имаат моќно дејство против делувањето на штетните радикали, превенирајќи појава на меланом (рак на кожа).
Во текот на летниот период, можете да направите вкусна салата од спанаќ или од друг лиснат зеленчук со додавање ладно, цедено, маслиново масло или масло од семки од грозје (богато со ресвератрол) и лимон, со што вашата кожа ќе ви биде благодарна.

 

Домати

Благодарение на големото количество на каротеноидот ликопен (кој ја дава препознатливата црвена боја) и флавоноидите, доматите покажуваат дека тие се добар сојузник во борбата против ултравиолетовите зраци на сонцето и штетата што може да ја предизвикаат на кожата. Ликопенот претставува многу важен каротеноид и антиоксидант со моќно фотопротективно дејство, кој има способност да ги неутрализира слободните радикали кои настануваат при подолго изложување на сонце. Доматите го намалуваат црвенилото по сончање, така што, можете доматно пире да нанесете на кожата како маска. Доматите, исто така, го креваат нивото на проколаген во нашето тело и го спречуваат стареењето на кожата, кое може да биде предизвикано од сонцето.

Бидејќи нивната биорасположливост (апсорпција) е најголема доколку доматите се малку термички обработени, можете да подготвите доматен сос или сок од варен домат. Свежиот домат, за подобра апсорпција, консумирајте го со ладно, цедено, маслиново масло. Колку е доматот повеќе црвен – толку содржината на ликопен е поголема.


Бобичесто овошје

Бобичестото овошје претставува мошне богат извор на антиоксиданти и витамин Ц со високо фотопротективно дејство кои овозможуваат природна заштита од штетните сончеви УВ-зраци. Боровинката, рибизлата, малината, капината и др. се богат извор на антоцијанини кои го намалуваат ризикот од многу хронични и дегенеративни болести и овозможуваат одлична заштита од УВ-зраците. Антиоксидантите кои ги содржат, се борат против слободните радикали кои можат да ја оштетат кожата поради изложување на сонце и стрес. Тие, исто така, се многу добар извор на витамин Ц, кој може да превенира создавање брчки при сончање. Високото количество на витамин Ц,исто така, помага во неутрализирање на слободните радикали (кои имаат голема улога за равој на малигни заболувања) и настануваат кога нашата кожа е изложена предолго на УВ-сончеви зраци. Освен тоа, танините кои ги содржи ова овошје, помагаат при намалување на болката од веќе настанатите оштетувања, односно изгореници од сонце.

 

Зелен чај 

Зелениот чај претставува чудесна намирница со голем број предности за нашето здравје. Тој содржи многу полифенолни соединенија (катехини) кои ја штитат нашата кожа од УВА и УВБ-зраците, ја прават затегната и здрава, и во голема мера го намалуваат кумулативниот штетен ефект од долготрајното излегување на сонце. Научниците откриле дека антиоксидантот од зелениот чаj, EGCG, одлично се бори против процесите на воспаление на кожата, ги неутрализира слободните радикали, намалувајќи ја нивната способност да создаваат оштетувања кои доведуваат до воспаленија. Танините кои ги содржи, го ублажуваат црвенилото и чувството на „жарење“ на кожата изгорена од сонце. Истражувањата покажале дека пиењето 2-3 шолји зелен чај дневно, го намалува за 30% ризикот од појава на рак на кожа.