Хидратација на организмот за време на летниот период
Во периодот на летните месеци, особено важно е да се истакне зголеменото внесување течности бидејќи, поради изложеност на високи температури и прекумерно потење, губиме поголемо количество течности од нашиот организам, и затоа е потребно да  надополниме со дополнително внесување преку храна и пијалаци. Правилната хидратација на нашето тело е важна во текот на целата година, но за време на летниот период, кога преовладуваат високи температури и кога сме најмногу изложени на ризик од топлотен удар и дехидратација, доволното внесување вода е од особена важност за одржување на течниот баланс кој е клучен за правилно функционирање на нашиот организам. 

Водата игра важна улога во сите процеси на нашиот организам. Претставува универзален растворувач на сите органски и неоргански материи. Особено е значајна за одржување на нормална телесна температура и крвен притисок, таа е есенцијална за одржување на правилна циркулација на крвта, има голема улога во пренос на хранливите материи до клетките на нашиот организам и нивно растворање, ја одржува хидратацијата на кожата (го помага одржувањето на нејзината еластичност и превенира предвремена појава на брчки), го подобрува варењето и превенира опстипација, како и го помага елиминирањето на токсините од организмот.

Во текот на летниот период, многу повеќе време поминуваме надвор, физички сме поактивни и повеќе се потиме, поради што многу е важно да бидеме добро хидрирани. Околу 2/3 од телесната тежина на нашиот организам отпаѓаат на водата. Човековото тело може да преживее некое време без храна меѓутоа без вода не може повеќе од неколку дена. Секој ден, нашиот организам природно губи вода преку бубрези, бели дробови, црева и кожа. Во жешките летни денови, преку потење губиме и до 1,3 литри вода дневно. Во овие топли летни денови треба особено да обрнеме внимание на еден често игнориран проблем – дехидратацијата.

Правилна хидратација на нашето тело не подразбира пиење вода само кога сме жедни. Вода треба да се пие многу порано пред да се појави чувство на жед.

Симптоми на дехидратација

Жедта не е најдобар индикатор за потребата од вода. Доколку сме почувствувале жед, тоа значи дека ние веќе сме дехидрирани. Дехидрираноста на организмот најчесто се случува во текот на летото, кога забораваме да пиеме доволно вода и да консумираме повеќе течности и храна богата со вода. Освен жедта, други симптоми кои може да се појават како резултат на дехидратација се: сува уста, урина во темна боја и необичен мирис, поспаност и континуиран замор, лош мирис на телото, слабост во мускулите, главоболка, вртоглавица и сл. Доколку дехидратацијата е посериозна, се појавуваат повеќе симптоми. Добро е да го слушаме своето тело, па затоа обрнете внимание на овие индикатори што укажуваат дека вашето тело е дехидрирано и му треба вода.

Како што кажавме претходно, нашето тело е околу 2/3 вода, затоа ефектите од дехидратацијата ги чувствуваме мошне брзо. Под дехидратација се подразбира негативен биланс на вода во организмот. Дехидратација настапува кога количеството вода што го губиме од  нашиот оранизам е поголемо од количеството што го внесуваме. Недостатокот на вода во телото предизвикува несакани последици. Ако дехидратацијата продолжи подолго време, последиците може да бидат фатални.

Клучното прашање кај хидратацијата е колку вода, односно внесување течности е доволно да се задоволат дневните човекови потреби. Телесните потреби за вода се индивидуални и зависат од неколку фактори, како што се: општата здравствена состојба, температурата, метаболичките потреби, степенот на физичка активност, возраста итн. Сепак, најчесто, препораките за пиење вода се во просек околу 2 литра вода дневно за жени и 3 литри вода дневно за мажи. Мажите имаат поголема потреба за вода бидејќи имаат повеќе немасно ткиво во телото. Според препораките на СЗО (Светската здравствена организација), оптимална хидратација се постигнува со внесување 80% вода како пијалак, а преку храна би требало да внесеме 20% вода дневно. 

Покрај пиењето вода во текот на летниот период, за одржување на хидрираноста особено е важно и внесувањето намирници кои природно содржат големи количества вода. Се поставува прашањето која е најдобра храна за хидратација на организмот.

Еве, неколку намирници кои најдобро хидрираат во летниот период:

  •  Краставица

Краставиците содржат околу 95% вода и се вбројуваат во намирници кои содржат највисок процент на вода. Нискокалорични се и содржат витамин Ц, К, А, Б6, калиум, магнезиум, манган, фитонутритиенти, како и диетални влакна. Бидејќи летото е нивна сезона, сега е време максимално да го искористите овој здрав и вкусен зеленчук.

  •  Лубеница

Лубеницата содржи околу 93% вода (150 г лубеница содржи 115 мл вода). Покрај својот неодолив сладок вкус, таа претставува богат извор на калиум, витамин Ц, витамин А, витамин Б6, калциум, магнезиум и др. Таа содржи ликопен (каротеноид и моќен антиоксидант) повеќе од кое било друго овошје и зеленчук.

  •  Тиквица

Тиквицата е популарен летен зеленчук кој содржи околу 95% вода и е нискокалоричен. Особено добар извор е на диетални влакна, витамин А, Ц и К, фолна киселина, магнезиум, калиум, бкакар и манган. Бидејќи при термичка обработка губи доста вода, најдобро е тиквиците да ги консумираме свежи.

  • Домати

Црвен, сочен и вкусен, доматот е неизбежен зеленчук во летниот период. Содржи околу 95% вода и се вбројува меѓу најхидративните намирници. Содржи значајно количество витаминот А, Ц и К, калиум и манган. Освен тоа, содржи ликопен и диетални влакна.

Водата навистина претставува еликсир на животот. Уживајќи во сите убавини што ни ги носи летниот период, не заборавајте да пиете доволно количество вода и да консумирате свежи намирници богати со вода кои најдобро ќе ве хидрираат во летниот период.

Вашето тело ќе ви биде благодарно.