ПСОРИЈАЗА
Псоријазата  претставува хронична, незаразна  инфламаторна состојба на кожата која се јавува кај околу 2-3% од светската популација. Во основа претставува автоимуно заболување во вид на тенка, сува и крлушеста кожа.

Причини

Не постои разлика во инциденцата на псоријаза помеѓу половите, а болеста може да се појави кај било која возраст (иако половина од случаите се јавуваат пред 25-годишна возраст). Псоријазата има повеќеслојна етиологија. Генетските и еколошките фактори (инфекции, ментален стрес, пушење, лекови, гојазност, повреди) заеднички делуваат од почетокот на болеста. Лековите како што се литиум, бета-блокатори, инхибитори на ангиотензин конвертирачки ензими и антималарични лекови се покажало дека ги отежнуваат симптомите. Наследоста на псоријазата е 35-90% и е многу комплексна, а доколку еден родител ја има дијагностицирано оваа состојба, можноста детето да ја наследи е 15%.

Симптоми
Симптомите на псоријазата се различни и се зависни од низа фактори како како што се временските фактори, инфекции, повреди на кожата, употреба на  лекови, стрес, пушење и алкохол.

Најчестите знаци и симптоми вклучуваат:
-Црвенило на кожата покриени со дебели, сребреникави лушпи
-Мали дамки по кожата (најчесто се гледаат кај децата)
-Сува, испукана кожа која може да крвари
-Задебелени нокти
-Чешање или болка
-Вкочанети зглобови кои отекуваат

Локализација
Најчесто се појавува на екстремитетите (типично на  лактите и колената), главата, стомакот, градите, ,гениталиите и многу ретко дланките, стапалата, и лицето. Големината на зафатеното место исто така може да варира од неколку милиметри до неколку сантиметри па дури и до целосно опфаќање на кожата по целото тело.

Во зависност од обликот и величината на промените се разликуваат повеќе типови на псоријаза и тоа:

Psoriasis vulgaris – најчест облик на псоријаза која се карактеризира со еритематозни, лушпести плакови кои подоцна може меѓусебно да се поврзат и да зафатат поголема површина на кожата. Вообичаени места за настанување на овие промени се лактовите, колената, скалпот, лумбосакралнта и периумбикалната регија.

Psoriasis guttata – еруптивна псоријаза, се карактеризира со појава на ситни еритематосквамозни жаришта густо поставени по трупот и кожата на екстремитетите. Најчесто се појавува кај децата и помладите, а обично и претстои стрептококна инфекција на горните дишни патишта.

Psoriasis intertriginosa е редок облик на псоријаза, кој ја опфаќа кожата на екстремитетите, пазувите, препоните, стомакот.

Psoriasis inversa е исто така редок облик каде промените се јавуваат на зглобовите, без зафатеност на екстензорните предели на зглобовите.

Psoriasis erythrodermicaклинички се карактеризира со црвенило и лушпи на кожата по целото тело вклучувајќи го лицето, дланките и стопалата. Во овој облик обично се јавува чешање и реактивно зголемување на лимфните јазли (дерматопатска лимфаденопатија).

Psoriasis pustulosa – се карактеризира со присуство на стерилни пустули било на кожата по целото тело (генерализирана пустуларна псоријаза), или на одредени локации (кожата на дланките и стапалата и акралните делови на рацете и нозете).

Psoriasis arthropatica – кога покрај кожата опфатени се и зглобовите, и се појавува кај 5-10% од пациентите.

Дијагноза
Во најголем број случаи, дијагнозата за псоријаза е многу едноставна. Се дијагностицира со земање на анамнеза и преглед на кожата, скалпот и ноктите. Може да се земе и мал примерок од кожата (лушпите) кој погледнат под микроскоп може да го утврди точниот тип на псоријаза вклучително и други болести.

Терапија
Терапијата е комплексен процес. Целта е пациентот да се доведе во период на ремисија (да се “успие” болеста) и да се одржува таа состојба што е можно подолго. Главната цел на третманот е да се спречат толку брзо растечките клетки на кожата. Прво и основно е да се отстранат наслагите (механички и/или медикаментозно, а со тоа и отстранување на воспалителниот инфилтрат). За таа намена се користи: тописки (надворешни) кератолитици (салицилна киселина, уреа, резорцин), тописки кортикостериоиди, калципотриол (Витамин Д3), тописки ретиноиди, индиферентни креми.