ЕСЕН И ЗИМА ДОБА НА НАСТИНКИ И ГРИП
За време на есенско-зимскиот период кога се соочуваме со големи температурни разлики, но и со зголемена влажност на воздухот, вообичаено е да се зголемат и инфекциите. Освен од надворешните фактори, нивното ширење зависи и од отпорноста, односно од имунитетот на луѓето.

Имуниот одговор, пак, е различен кај различните групи. Особено чувствителни се децата, повозрасните и хронично болните. Есенско-зимскиот период се карактеризира со настинки, вирусни и бактериски инфекции. Не треба да се заборават и алергиските реакции како резултат на зголемената загаденост на воздухот во овој период од годината. Инфекциите лесно се пренесуваат со кивање, кашлање и преку непосреден контакт со инфицираните површини. Вирусите и бактериите најчесто напаѓаат преку носот, носната шуплина, устата, очите и ушите. Особено подложни на инфекција се малите деца, па затоа потребно е да се внимава децата редовно да одржуваат хигиена на овие делови, но и на целото тело. И покрај сè што знаеме, инфекциите се сè позачестени особено кај децата кои престојуваат во градинките или одат на училиште. Поизложени на ризик од инфекција се луѓето кои посетуваат масовни собири, војниците и сите кои живеат или престојуваат во група. За да се спречи пренесувањето на инфекциите, потребно е редовно проветрување на просториите, да се избегнува престој во затворен простор со многу луѓе, особено за време на грип или други вирусни инфекции. Секако, многу е важно да се избере соодветна облека во зависност од временските услови и соодветно да се затоплуваат просториите во кои се престојува.
Потребно е да се истакне дека влажното и релативно топло време во овој период од годината може да биде предуслов за размножување и пренесување и на бактериските инфекции кои кај некои лица, можат да доведат и до компликации. Затоа, при секоја промена или појава на симптом, потребна е консултација со избраниот лекар, кој по извршениот преглед ќе ве советува кои испитувања да ги направите: анализа на крвта, CRP, брис од грлото, и брис од очите. На крајот, немаме поголемо богатство од здравјето и секој од нас треба да е целосно посветен во грижата за своето здравје.

За да се спречи пренесувањето на инфекциите, потребно е редовно проветрување на просториите, да се избегнува престој во затворен простор со многу луѓе, особено за време на грип или други вирусни инфекции.