Бреслинка

Едното од двете растенија, кои припаѓаат на родот на сливите, со латинско име Prunus, жителите на Варош го нарекуваат бреслинка. Расте и до десетина и повеќе метри височина, често и со широко разгранета крошна. Цвета рано напролет и има мали топчести плодови, поголемиот дел е тврда материја – коска, со тенок месест слој, а по зреењето има кафеава боја, со сладок вкус.

Ова дрво расте, по целата површина на Маркови Кули, особено на јужната и југоисточната страна, што укажува на фактот дека ова растение има потреба од сончева светлина. Тоа се закоренува во карпестите процепи по ридот.