Дали ми треба нов режим за нега на лицето во пролет?  ДА! 

 

Кожата на лицето во текот на годината поминува низ клучни транзиции, а со цел да го добиете најдоброто од неа, неопходно е да ја оптимизирате нејзината функција преку соодветна сезонска хидратација.

ХИДРАТАЦИЈА

И кога температурите опаѓаат и кога растат, кожата се соочува со предизвикот наречен хидратација. Ако сакате полна, хидратирана кожа со ефект на оросеност, тогаш побарајте лесен серум спакуван со витамин Ц. Ваквата комбинација спонтано ќе ја заштитува и ќе ја хидратира кожата, истовремено сведувајќи ги шансите за затнување на порите на минимум. Витаминот Ц е клучен за кожата која е склона на создавање митесери. За комплетно да ја угасите жедта на кожата, по серумот, нанесете крем на база на хијалуронска киселина, пептиди и витамини. 

СПФ-ЗАШТИТА

Не дозволувајте да ве залажат благите сончеви зраци, тие без исклучок ќе направат штета, а прво на списокот е фотостареењето. Стартувајте со СПФ-фактор 30 и обрнете внимание кремата или лосионот да штити од УВА, УВБ и инфрацрвени зраци. Ако кожата е склона на митесери,  ви треба варијанта што не содржи масло во составот, бидејќи со порастот на температурите, тоа ќе ги затне порите. Оваа препорака е задолжителна за оние со природно масна кожа. 

ПИЛИНГ

Во текот на зимата, студените денови, падот на влагата, острите ветрови и вештачката топлина во затворените простории, значително ја стресуваат кожата. За побрзо да ги почувствувате ефектите што ги ветува серумот или кремот за лице, неопходно е да го ексфолирате слојот од мртви клетки. Третманот за ексфолијација пожелно е да содржи овошје, гликолна или салицилна киселина. Гликолната киселина ќе ги отстрани наталожените нечистотии во порите, додека салицилната киселина ќе го впие вишокот маснотија. Новата кожа ќе овозможи длабока пенетрација на клучните состојки во кремите.

КРЕМ ЗА ОКОЛУ ОЧИ

Кожата околу очите е потенка во однос на остатокот од лицето и затоа брзо останува без вода. Кога на ова ќе го додадете замижувањето поттикнато од првите сончеви зраци, тогаш лесно ќе заклучите дека ви треба хрем за хидратација кој истовремено ќе работи на ситните брчки. Идеалниот производ би дошол спакуван со висока концентрација на антиоксиданти и пептиди кои ќе го штитат колагенот од штетните УВА-зраци.