Мигрена
> Дали знаевте? Мигрената е шеста на список болести кои го онеспособуваат човекот.

Членството на страдалници од најтешкиот облик на главоболка која буквално го онеспособува човекот, брои 30 милиони и тоа поголем број се жени. Како да си помогнете?Мигрената е главоболка која го онеспособува човекот во секоја смисла на зборот, а најмногу се чувствува во пределот на слепоочниците, челото и очите. Речиси е невозможно превентивно да делувате врз неа или да ја намалите болката штом настапи. При соочување со симптомите – мачна главоболка, гадење, чувствителност на светлина, мирис и звучни дразби – сѐ што луѓето можат да направат е да се скријат под јорган и да чекаат да помине, а тоа може да трае со часови, па дури и со денови.

Сето ова се должи на тоа што сѐ до неодамна, беше речиси невозможно да се воспостави контрола над оваа состојба. Лекарствата создадени за третирање на други состојби (како бета блокери, антидепресиви и лекови против воспаление) честопати се користат во случај на мигрена. Но, проблемот е тоа што овие лекови не делуваат кај секого, а честопати предизвикуваат и несакани негативни ефекти како умор, низок крвен притисок и намалено либидо. Друг проблем е тоа што речиси е невозможно да се предвиди дали некој лек ќе делува на пациентот, а доколку делува, дали тој ќе го направи зависен.

> 20 проценти од луѓето кои заболуваат од мигрена, истовремено страдаат од депресија

Нов лек за мигрена?

Што значајно се разви во однос на третирањето на мигрената во последните 20 години? Станува збор за нова класа лекови наречени калцитонин, генетски поврзан пептид, моноклонско антитело или CGRP mAbs. Овој лек се инјектира еднаш месечно и е првиот медикамент креиран за да превенира мигрена. Лекот помага без разлика дали страдате хронично (повеќе од 15 дена поминати со главоболка во месецот) или страдате одвреме-навреме. 

Лекот функционира така што ја намалува активноста на CGRP, протеин инволвиран во пренесувањето на мигренската болка. Како резултат, останатите придружни симптоми на мигрената, како воспаление и потекување на крвните садови, е малку веројатно да се случат. Според неодамнешните студии, по редовното консумирање на лекот во период од три месеци, многу пациенти забележале двојно намалување на деновите поминати со главоболка. 

> 5% од децата се соочуваат со мигрена.

Преиспитајте ги поттикнувачите

Она што со сигурност делува кај мигрената е избегнување на нештата што ја предизвикуваат иако нејзиниот почеток најчесто е комбинација од неколку фактори. Дијапазонот на поттикнувачи е навистина голем, почнувајќи од храна како старо сирење, алкохол, чоколада, кофеин, цитрусни овошја, сушено месо или риба, јаткасти плодови, диета, несоница, депресија, замор, силни мириси, силни звуци, интензивна светлина, менструален циклус, временски услови. Замислете, едно опуштање со филм до доцна во ноќта за некои луѓе следниот ден може да донесе темни облаци.   

Ако ги избегнувате оние преслатки варијанти на десерти поради неизбежната мигрена што следува по уживањето во нив, имаме добри вести: некои вообичаени поттикнувачи како чоколадата, најверојатно не ја поттикнуваат мигрената како што мислевме досега – се вели во последните истражувања. Прашањето е зошто овие задоволства ги бие лош глас? Почетокот на мигрената започнува со нагласена желба за храна и луѓето најчесто посегнуваат по благо, објаснува д-р Питер Годзби, професор на Колеџот „Кингс“ во Лондон. Кога, кратко потоа, ќе нападне мигрената, логично е пациентите да ја обвинат чоколадата – на овој начин се формирала таа ментална врска што е сосем погрешна. 

Следете ги симптомите за подобро да ја разберете сопствената мигрена и да заклучите дали поттикнувачот на кој се сомневате е легитимен, предлага д-р Годзби. Штом ги идентификувате вистинските поттикнувачи, не е пожелно 100 проценти да ги избегнувате. Зошто? Бидејќи на тој начин ризикувате да станете пречувствителни на нив лесно потпаѓајќи на главоболка, смета д-р  Пол Мартин, директор на Истражувачката школа по психологија во рамки на Австралискиот национален универзитетски колеџ за здравје и медицина. Неговото решение: зголемувајте ја толеранцијата преку пролонгирано, контролирано изложување. Да претпоставиме дека ниското ниво на шеќер во крвта ви поттикнува главоболка? Ако строго внимавате вечерата да ја консумирате во 19:00 часот, пробајте да ја поместите неколку минути поназад.  

Во просек, 1 од 4 жени ќе искусат мигрена во животот.

Лекот е во вашата глава!

Според една мала студија, луѓето кои медитираат имаат пократки, помалку болни и поретки главоболки. Нема штета да проверите, нели? Медитацијата го намалува стресот кој е број еден поттикнувач на мигрена, смета Ребека Ервин Велс, професор по неврологија во Училиштето по медицина „Вејк форест“. Според неа, можно е медитацијата да поттикнува невробиолошки промени во мозокот кои влијаат на начинот на кој ја процесираме болката. Друга теорија: штом луѓето се научат да живеат со болката, помали се шансите да прават драма од неа (од типот: „Оваа главоболка нема никогаш да помине!“), а паничењето само ја продлабочува болката. Истражувачите се обидуваат да откријат колку точно е потребно да практикувате медитација, и во кој облик, за да постигнете најголем бенефит, но се сомневаат дека таа може да делува и по неколку сесии. Една опомена за почетниците, потпирањето врз сопствената умественост го поттикнува стресот, бидејќи одеднаш станувате свесни за неа. 

Спортување, да или не?

Редовното спортување може да ја контролира мигрената или да го намали нејзиното траење, откриваат неодамнешните истражувања, иако досега ги обвинувавме салите за вежбање. Додека вежбате, телото лачи невротрансмитери кои прават да се чувствуваме добро, станува збор за „убијците“ на болка како бета-ендорфин и анандамид. Вежбањето само по себе го намалува стресот и помага при несоници (двајца големи поттикнувачи). 

Целете на две до три кардио-сесии во неделата. Задолжително загрејте се пред тренингот, во спротивно ризикувате да ве заболи глава. Ако за вас вежбањето е еден од потткнувачите на мигрена, не откажувајте се веднаш, пијте многу вода (дехидрацијата ја влошува болката) и внесете ужина богата со протеини за да одржите стабилно нивото на шеќер во крвта.

Дали мојата главоболка е мигрена?

Околу 20% од луѓето кои страдаат од мигрена, пред појавата на првите симптоми добиваат знак во вид на аура. Тие гледаат светлина што трепка, брановидни линии или точки или, пак, им се заматува видот. Некои луѓе чувствуваат чуден мирис или вкус или се сонливи. 24 часа пред почетокот на мигрената, настапува промена во расположението (возбуда, депресија, нервоза).

Прва помош – совети

  1.  Легнете во темна соба
  2.  Ставајте топли или ладни облоги
  3.  Масажа на болните места
  4.  Една, но само една кофеинска напивка
  5.  Мирисајте или нанесете масло од лаванда, ѓумбир или пеперминт 
Секое покачување на температурата за 5°C, го зголемува ризикот од појава на главоболка за 7,5%.