Сонце што тоне во море…

Одличен кадар за фотка или момент за преродување? Одлучете сами!

Кога бевме деца, родителите нѐ караа да не го чепкаме носот, заради бактерии, болести, а во очај знаеа да кажат и „да не ти стане како бабура“. Кога ни се појавија првите знаци на стареење, пријателите нѐ опоменуваа да не претеруваме со фацијалните експресии, бидејќи ќе ги потенцираме брчките. Да, сите овие фази се нормални, некој ги доживеал, некој доправа ќе ги доживее. Но, има една фацијална експресија за која психолозите велат дека е пожелно да ја практикуваме, а која за жал, голема е веројатноста новите генерации да ја избришат благодарение на паметните телефони. 

Лице кренато нагоре, очи широко отворени и усни што формираат совршено „О“ – токму за оваа фацијална експресија зборуваме. Ваков израз направивте кога за првпат видовте тиркизно море, се качивте на врв планина, а од таму видовте зајдисонце кое ви го одзема здивот, летавте меѓу мали бели облаци додека сонцето ве галеше преку стаклото. Измешани се емоциите што ја следат оваа експресија, луѓето истовремено чувствуваат восхит, радост, возбуда, па дури и доза страв. Токму затоа и не постои еден конкретен термин за да се опише оваа појава, но едно е сигурно, таа кај луѓето поттикнува креативност, продуктивност и општо подобрување на менталното здравје. 

Неодамнешните истражувања покажуваат дека експресијата може да ги редуцира симптомите на анксиозност и депресија, па дури и на воспаленија како настинки. Децата имаат природен инстинкт да ја доживуваат оваа сензација дури и на дневна база, бидејќи го откриваат светот, додека за возрасните претставува предизвик. Не сте завршиле работа со тоа што ќе отпатувате на некоја егзотична локација или ако со сила ја изведувате експресијата, неопходно е навистина да се соживеете со моментот и природата што ве опкружува. Но, ако го извадите телефонот пред таа волшебна глетка, тогаш сметајте дека сте расипале сѐ! 

Психолошките симптоми за оваа несекојдневна сензација се јасни, нешто слично како љубовта, ја препознавате штом ја почувствувате затоа што ја чувствувате. Биолошките симптоми пак, започнуваат во автономниот нервен систем, обиколката продолжува кај симпатичниот и парасимпатичниот нервен систем, па доаѓа до регулација на срцевиот ритам и крвниот притисок, за на крај да ги оконча и стрес-реакциите. Кога се активира симпатичниот нервен систем, срцето почнува забрзано да чука, а кортизолот (стрес-хормон) е на највисоко ниво; кога на сцена настапува парасимпатичниот нервен систем, телото, вклучувајќи го и срцето, влегуваат во зен фаза. Ова всушност е потврда колку е интересна целата оваа сензација, активирајќи ги двата нервни системи истовремено, таа всушност предизвикува интензивно чувство на задоволство, а некаде помеѓу и длабоко чувство на возбуда. Интригантно, но уште едно искуство кое има моќ да ги активира двата нервни системи, е сексуалниот чин поточно оргазмот. 

Со цел да се потврди позитивниот ефект што оваа сензација го има врз менталното здравје, била изведена магнетна резонанца врз испитаници кои биле пратени на седум дневно патување во спиритуален комплекс. Било потврдено дека, покрај намалувањето на физиолошките знаци на стрес, сензацијата буквално го менува мозокот. Биле забележани промени во нивото на допамин и серотонин – невротрансмитери одговорни за чувството на блаженство. Овие откритија по сѐ изгледа се потврда за трансформативната моќ што ја има медитацијата, иако, ваквата сензација е достапна за сите, не само за спиритуално ориентираните. 

Ајде да ја тргнеме малку наукава настрана, и да ве израдуваме со фактот дека ваквата сензација ги подобрува и социјалните вештини кај луѓето, потенцирајќи го чувството и потребата за припадност во група, би додале, нешто што е пожелно во оваа ера на интернет-изолација. 

Ако на крајот од статијава заклучивте дека немате доволно пари и поради тоа не сте привилегирани за оваа емоција, тогаш не сте разбрале ништо. Не ви се потребни Малдивите, и Охрид ќе заврши работа, ако научите не само да гледате, туку и да чувствувате. За некои луѓе  Пирамидите се само камења, за други се мистични, неверојатни, возбудливи. Соживејте се со природата, вклучете ги сетилата и сензацијата ќе ве преплави и на Водно. И да, не заборавајте да заборавите на телефонот!

Одете во природа, пијте кафе покрај река, искачувајте ги планините и потоа одново сѐ  – ова е рецептот за здрав живот во секоја смисла!