Ваш психолог – Оди во ќош!
Како и кога да ја применуваме оваа стара дисциплинска мерка за да не ја влошиме состојбата?

Праќањето на детето во ќош е дисциплинска мерка која до ден-денес ја применуваат и родителите и воспитувачите во градинките. Во теорија, оваа мерка звучи брилијантно: детето е немирно, го праќате во ќош за да остане само и за да се смири и, ете, одново е соработливо. Но, практиката тврди нешто друго: детето одбива да остане само, плаче додека е под казна и е уште повознемирено отпосле. Според неодамнешното истражување на Универзитетот за здравје и наука „Орегон“ во Портланд, 85 проценти од родителите кои го користат овој метод прават клучни грешки кои ја намалуваат неговата делотворност. На пример: разговараат со децата додека се во ќош, им дозволуваат да си понесат играчка со себе додека се под казна, пречесто ја користат мерката. 

Праќањето на детето во ќош не е комплетно безопасна мерка. Кога детето доживува тантрум или се соочува со голем наплив на нервоза поради неможноста да излезе на крај со сопствените емоции, праќањето во ќош може да биде контрапродуктивно. Во овие ситуации, на вашето малечко му е потребна утеха, всушност, нему сте му потребни кога му е најтешко, па неговото праќање во ќош може да делува како да сте го напуштиле. Да, одењето во ќош може да биде делотворно сѐ додека се користи во вистински ситуации, на соодветен начин кај деца над три години, не помали. 

> Само едно предупредување во однос на мерката може да ги редуцира седењата во ќош за 74%, ако детето не почне да соработува по 5 секунди, применете ја!

ВООБИЧАЕНИ ГРЕШКИ

> Пречесто ја користите мерката

Одењето во ќош не треба да биде со цел да го натерате детето да учи преку лошите дела што ги направило, примарната функција на оваа тактика е да спречи нештата да ескалираат. Никогаш, ама баш никогаш во историјата не се случило некое дете да појде во соба и навистина да размисли што лошо направило. Напротив, додека е под казна, детето размислува за тоа колку се сурови неговите родители. Имајте на ум дека едукативниот процес започнува по завршување на казната, тогаш детето е смирено и е спремно за разговор. Ќошот е мерка за смирување, едукативнот дел, пак, ви останува вам како задача.

> Му обрнувате внимание на детето додека е под казна

Детето е неопходно да почувствува блага последица по заминувањето во ќош, во спротивно ништо не сте постигнале. Поголемиот дел од времето детето пати за вниманието на родителите, па е спремно тоа да го предизвика и преку лоши дела. Бидете внимателни, тактизирајте, бидејќи ако му дадете преголемо значење на лошото однесување, тоа може да донесе уште полошо однесување. Детето го добило посакуваното внимание и сега му останува само да го повторува она што ги натера мама и тато да го караат. Праќањето во ќош воопшто не мора да го поврзувате со столче или агол во собата, доволно е да му го скратите вниманието на детето на краток временски период. Неопходно е детето да заклучи дека со неговото однесување предизвикало да го изгуби она што најмногу му значи. 

> Ја користите мерката за погрешна цел

Истражувањето на Државниот универзитет во Оклахома „Стилвотер“, откри дека тајмаутот најдобро делува кај малите деца кои обожаваат да контрираат, се однесувaат пакосно удирајќи или намерно го прават споротивното од она што ќе го побарате, но само ако прво пробате со поблаги мерки. Ако детето го ставите во ќош за различни типови проблеми или ако пречесто се користи мерката, однесувањето може да се влоши. Малите деца кои „кенкаат“ за чоколада или плачат за да играат на мобилен, подобро реагираат на други мерки. 

> Не користете фрази како: „Стопати те предупредив!“ – и тоа се смета за обрнување внимание.

Кој го смислил седењето во ќош?

Оваа воспитна техника датира од 60-тите години како похумана алтернатива на строгите мерки кои биле вообичаени за тоа време. Благодарение на д-р Артур Стаатс, просветните работници престанаа да ги удираат децата со линијар, а родителите заборавија на ременот, стапот и  чешелот. Денес, ваквите мерки се назамисливи и строго забранети!!! Цели декади посветени на истражувања покажаа дека децата кои редовно се тепани, е поверојатно да станат агресивни или да се соочат со депресија и анксиозност понатаму во животот. 

> Колку време да седи во ќош? Една минута за секоја година од возраста на детето.