ФАРМАЦЕВТ ВО СЛУЖБА НА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ
Со сите свои активности Фармацевтот несомнено има една од клучните улоги во системот на здравствена заштита. Како “експерт за лекови”, тој поседува вештини и знаења, донесува одлуки и дава препораки кои се од витално значење за пациентот.

Фармацевтска грижа и хумана посветеност

Соодветната употреба на лековите и медицинските средства се составен дел на здравствените протоколи за обезбедување здравствена заштита на пациентите. Начинот на нивната употреба е примарната мисија на фармацевтската практика. Во тој контекст, фармацевтот зад пултот не е само „издавач на лекови“, туку посветен и хуман профил кој со своето знаење целосно се става во улога на здравствен информатор и едукатор на пациентите.

Фармацевтот е тој којшто го издава препишаниот лек и како таков е директен и последен учесник во ланецот на препишана и издадена терапија. Ова подразбира способност и знаење:

  • да се издаде вистинскиот лек
  • да се отстранат сите сомнежи за евентуални пропусти при употреба на лекот
  • да се дадат вистинските упатства за начинот на употреба на лекот
  • информација за времетраењето на употребата на лекот
  • можните несакани ефекти и интеракции на лекот
  • начинот на чување на лекот

Особено важна е улогата на фармацевтот во давање совети, информации и едукација на пациентите кога станува збор за избор на лекови кои се достапни без рецепт. Понекогаш фармацевтот е тој којшто може да понуди соодветна терапија или да ја надополни веќе препишаната. Знаењето да понуди соодветна алтернатива од додатоци на исхрана и лекови без рецепт е важно во превенцијата од заболувања и генерално во подобрување на квалитетот на живеењето.

Безбедноста на пациентот на прво место   

Примат на секој фармацевт е обезбедување најдобра можна здравствена услуга за пациентот. Безбедноста на пациентот при употребата на препишаната терапија е директно зависна од квалитетот на услугата и дадената информација која треба да е на највисоко прифатливо ниво.
Затоа, предизвик на секој фармацевт е разивање вештина за комуникација со која ќе има лесен пристап до пациентот, ќе ги разбере неговите проблеми и барања и ќе понуди соодветна здравствена грижа.

Задоволен пациент = здрав пациент

Клучот за задоволството лежи токму во создавањето квалитетна врска помеѓу фармацевтот и пациентот. Начинот на комуникација, искажаната доверба и посветеното внимание се „дополнителна терапија“, надвор од онаа препишаната. Сепак, ова е заемен процес кој е зависен како од вештината на фармацевтот, така и од подготвеноста на пациентот да се довери и да соработува. Несомнено ваквиот однос и ваквата комуникација креираат врска на задоволен пациент и задоволен фармацевт.

Видливи ефекти

Зајакнувањето на улогата на фармацевтот и неговото сè поголемо влијание во здравствениот систем носи повеќекратна корист. Користа е директна и видлива не само кај пациентите, но и во пошироката здравствена и општествена сфера:

  • Намалени грешки и несакани ефекти од употреба на лекови
  • Улога во процесот на рационално користење на лековите
  • Улога во спречување злоупотреба на лекови
  • Корисни совети и информации за превентивна терапија
  • Заштеда на време и трошоци за пациентот
  • Заштеда на средства за здравствениот систем и општеството

Уникатната позиција на фармацевтот во здравствениот систем произлегува од неговата улога да ги поврзува лекарот и пациентот. Како „експерт за лекови“ фармацевтот ја проценува терапијата од различни аспекти, и на таков начин директно влијае врз подобрување на квалитетот на здравјето и животот на пациентите.