Стомачни со раце и нозе во вис

Мажите го обвинуваат пивото, жените бременоста, но има решение за попуштениот стомак и тоа не подразбира одење под нож. Да не се залажуваме, не е лесно да се дојде до стегнат стомак! И да, треба мнооогу време за видливи резултати. Ако спаѓате во групата на луѓе кои вежбаат дома, имајте на ум дека ова е најбезбедниот начин за да дојдете до стомачни мускули. Зошто го велиме ова? Бидејќи речиси и да не постои веројатност да ја правите вежбата погрешно и при тоа да се повредите. Но, средбата на рацете и нозете на средина (или формирање на латинската буква „V“) воопшто не е лесна задача. За оваа вежба е неопходна сила, издржливост и еластичност – фактори до кои се доаѓа постепено преку редовен тренинг. Ако сте почетници, стартувајте едноставно кревајќи ги рацете и нозете во вис, рацете оптегнати зад глава. Доколку рбетниот столб не може да го поднесе товарот, најверојатно ќе почувствувате болка во грбот или вратот што значи сте создале почва за потенцијална повреда. Прецизниот„V“ облик се постигнува постепено, не форсирајте се!

Фитнес инструкторите препорачуваат: Овој тип на стомачни вежби да се прават откако добро ќе ги загреете и, уште поважно, ќе ги истегнете мускулите на целото тело. Најубаво е да се прават на крајот од тренинг сесијата.
Избегнувајте ги: Ако сте бремени, имате слаб рбетен столб или хронични болки во грбот.

Иако имате тешка задача пред себе, на крајот од денот жртвата ќе ви се исплати, бидејќи оваа вежба истовремено го затегнува задникот, задниот дел од нозете (склони на целулит особено кај жените) и грбот. Што се однесува до бројот на повторувања на вежбата, важи правилото: помалку е повеќе. Што значи ова? Вежбата брзо ги троши мускулите и залудно ќе се трудите да ја повторите во што поголем бројкога заморот ќе ве спречи правилно да ја изведете. За почеток доволен е сет од 5 репризи, а постепено потрудете се да стасате до 10.

Знак дека ги правите погрешно!

ВЕ БОЛИ ВРАТОТ: Не потпирајте се на вратот кога правите стомачни! Не кревајте се влечејќи сила од вратот, туку од мускулите на трупот. Изморениот врат пропратен со болка ќе ги забави разултатите, ако веќе претходно не се откажавте од целата идеја за стомачни мускули благодарение на напнатоста што ја почувствувавте. Работете на тоа да ги вклучите мускулите на рбетот за да го олабавите притисокот кај вратот и нема да имате проблем.

  •  Кај грбот, долу: Долниот дел од грбот држете го на подот, бидејќи не изведувате свеќа, туку правите стомачни.
  •  Кај стомакот или папокот: Вовлечете го папокот кон рбетниот столб.
  •  Кај колената: Благо свиткајте ги нозете во колената, особено ако сте почетници.
  •  Кај брадата или лицето: Погрижете се да ја приберете брадата навнатре, а не да висите со главата надолу.
  • Кај рацете: Држете ги рацете строго исправени пред себе.