Вашиот дом – Нов велнес центар
Неколку совети за позитивни вибрации меѓу омилените ѕидови

Во карантин или не, домот е местото на кое со задоволство му се враќаме. Тоа е катче кое треба да нѐ ослободи од стресот што го акумулираме однадвор. Но, за да ви ги наполни батериите со позитивна енергија, погрижете се да не е токсичен.

Читањето го намалува нивото на стрес за неверојатни 68%

Загубете се меѓу зборови
Истражувањето на University of Sussex откри дека читањето го намалува нивото на стрес за неверојатни 68% – исто така го забавува срцевиот ритам, олабавувајќи ја тензијата во мускулите.  Затоа, одберете агол од која било просторија во домот и претворете ја во катче за читање. Сместете фотелја, фрлете едно кебенце во неутрален тон, ставете ваза со сушена лаванда и наредете неколку книги на подот.

Самата реорганизација на книгите, понекогаш е доволна за да креирате атмосфера што повикува на читање.

 

Поканете ја природата во домот 
Длабоката врска помеѓу луѓето и природата која е клучна за човековиот опстанок и благосостојба е и повеќе од легитимна. Затоа, актуелен е биофилија дизајнот или дизајн која ја имитира природата. Опкружување во кое се интегрирани екстериерот и ентериерот. Ваквиот дизајн особено се применува во канцелариите со цел да се зголеми продуктивноста и да се намали стресот меѓу вработените. Уште не ви е јасно! Канцеларија со вистинско дрво на средина или зелен ѕид креиран од вистински растенија. За почеток, претворете го балконот во мини џунгла.

Сте чуле ли за Воздушни цвеќиња? Потребен им е само воздух за да преживеат, а одлично ќе ги украсат челните ѕидови во дневната.

Технологијата зад врата
Психотерапевтот Nancy Colier во својата книга The Power Of Off, вели дека начинот на кој луѓето ја користат технологијата подразбира мозок оптоварен со безброј мисли, но минимум размислување. Во превод, рационалното и продуктивно размислување е сведено на минимум. Решението? Не толку „паметни домови“. Приклучете го телефонот да се полни во ходник и тетирајте го како да е фиксен; лаптопот сместете го на маса како да е десктоп компјутер. Идејата е да ја сместите технологијата на места кои ќе ве принудат свесно да одлучите дали ќе ја користите. Нејзината употреба нека ви стане избор, а не навика.

Прочистете го воздухот природно
Истражувањето на Imperial College London откри дека загадувањето на воздухот ги брише сите придобивки стекнати преку спортување, особено оние што се однесуваат на белите дробови и срцето. Не залажувајте се дека сте безбедни дома – хемикалиите, гасовите и бактериите се заглавуваат по ходниците, најмногу во зградите, а тоа значи дека воздухот може да биде 5 пати позагаден во споредба со оној надвор, тврди СЗО. И тука на сцена настапуваат цвеќињата кои го прочистуваат воздухот. Алое вера, продуцира кислород во текот на ноќта; Ѓаволскиот бршлен го отстранува формалдехидот и бензенот во воздухот.

27% се зголемиле пребарувањата, на Pinterest, за растенија кои го прочистуваат воздухот