5 непријателски супстанции  – Што не смее да содржат кремовите за нега?

Вие сте од „зелените“? Сигурни сте? Не е доволно само органското да влезе во ладилникот, за да имате целосно здрав начин на живот. Неопходно е преуредување и на шкафчето во тоалетот. Но, не сте направиле многу ако се фокусирате само на лицето, напротив, најголема апсорптивна моќ има кожата на телото, бидејќи зафаќа најголема површина. Појаснување: поважно е што нанесувате по цело тело отколку само на лицето, но идеално е да ги земете предвид и двете.

ПАРАБЕНИ – Побарајте метил, бутил, етил и пропилпарабен во составот: овие презервативи се користат со цел да спречат развивање бактерии во производите, но постојат низа индикации дека негативно влијаат на нивото на хормоните. Една студија, намалувањето на должината на менструалниот циклус кај жените го поврзува со покаченото ниво на парабени во нивната урина.

СУЛФАТИ – Натриум лаурет сулфат и натриум лаурил сулфат се сурфактанти коишто најчесто се користат во шампоните и купките со цел да креираат пенеста емулзија што ќе обезбеди длабинско чистење. Познати се по тоа што ги отстрануваат влагата и природните масла од кожата, а тоа доведува до сувост, црвенило и чувствителност.

ФТАЛАТИ – Присутни во парфемите, бидејќи го продолжуваат нивниот рок на полица, но се среќаваат и во некои други козметички производи (како лак за нокти или спреј за коса) со цел да им ја зголемат флексибилноста. Кожата ги апсорбира без никаков проблем, а тие, пак, го имитираат естрогенот во телото, а тоа негативно се одразува на хормонските нивоа и циклуси. Студиите ги поврзуваат со рак на дојка.

ПОЛИЕТИЛЕН ГЛИКОЛ – Супстанција што креира емулзија или делува како растворувач, овозможувајќи им на останатите состојки полесно да пенетрираат во кожата. Па, каде е проблемот? Најчесто е контаминиран со етилен оксид (призната канцерогена супстанција) и 1,4 диоксан (најверојатно, уште една канцерогена супстанција).

СИНТЕТИЧКИ МИРИСИ – Прво, термините „perfume“и „fragrance“,во суштина, се одлични паравани за голем број лоши состојки коишто производителите ги протнуваат навидум легално. Честопати, парфемите содржат фталати и алкохоли што ја сушат кожата. Второ, дизајнираните мириси поттикнуваат чувствителност и може да предизвикаат многу штети, почнувајќи од хронични главоболки, па до кожни алергии и инфекции.