Запознајте го вашиот најголем непријател и победете го!

Сакам да вежбам, но немам време. Мора да почнам да се хранам здраво, но тоа ќе ме чини многу пари. Треба да посетам некој курс, но нема кој да се погрижи за децата. И, така секој ден, постојано ги одложуваме идеите барајќи секакви изговори иако причинителот е еден. Појдете пред огледало и ќе го запознаете. Иако поважното прашање е: како да го победите? Но, ајде, прво, да побараме логично објаснување зошто сами на себе си поставуваме замки?

СТРАВ ОД НЕУСПЕХ

Од психолошка гледна точка, луѓето не сакаат да се изложуваат себеси на непријатни ситуации. Вработениот има одлична идеја, но ја чува за себе само за да не мора да контактира со претпоставениот. Дел од проблемот е тоа што, на невролошко ниво, мозокот не прави некоја разлика помеѓу страв од смрт и страв од средба со шефот.
Емотивниот процесор на мозокот или амилгадата, одговара на стравот така што испраќа стрес-сигнал до хипоталамусот, командниот центар на мозокот, поттикнувајќи лачење на стрес-хормоните кортизол и адреналин, и поттикнувајќи го телото да се соочи со заканата или да избега. Одеднаш, целото тело ви говори да излезете од која и да било ситуација во која сте се нашле иако тоа можеби ќе ве чини и отказ. Ако размислите рационално, сигурно ќе заклучите дека не сте под никаква закана, но за мозокот стравот е страв, и тој ви става пречки на патот со цел да ве задржи на сигурна територија.
Стравот е причината поради која многу луѓе ја оставаат најтешката задача пред истекот на рокот. Преку одложување на обврските до последна минута, индивидуата полесно доаѓа до оправдание за неуспехот. Иако избегнувањето на  можната болка од неуспех, ги уништува сите шанси за успех. Ваквата појава е честа кога нештата делуваат недостижни, бидејќи на човекот му е полесно да го контролира својот неуспех отколку да се соочи со можноста неуспехот да го изненади.

СТРАВ ОД УСПЕХ

Страв од успех или одбивност да се признае сопствената победа. Луѓето се залажуваат дека стравот од успех е полесна варијанта на страв, бидејќи поттикнува продуктивност. Недостигот на радост и уживање во своите достигнувања е саботирање во маскирана варијанта.
На пример, маратонецот кој го води стравот од неуспех, нема да тренира редовно за да си обезбеди совршен изговор за слабиот перформанс. Што ќе направи оној што го води стравот од успех? Тој најверојатно нема ни да се пријави на трката за да не се посрамоти од „слабиот“ резултат. Разврската и кај двете сценарија е иста: загрозување на шансите за успех!„Перфекционизмот е повообичаен мотив за страв во денешно време, а тоа се должи на социјалните медиуми и притисокот за совршен живот“, тврди Клои Брадериџ,автор на „Решение за анксиозност“ („The Anxiety Solution“). „Една неодамнешна студија откри дека од 1989, социјалниот перфекционизам се зголемил за 33 %“, додава таа. Културата што го охрабрува натпреварувањето еден со друг, носи дел од вината. Сите почнавме да се грижиме за својот имиџ, бидејќи нашата филтрирана верзија на животот ја има на увид цел свет. Нештата толку многу забегаа во погрешен правец, што честопати одиме на зимовање, иако мразиме снег, само за да дојдеме до фотографија за на Фејсбук. Сега е јасно зошто луѓето завршуваат заглавени во професии и односи – стравот од осуда го блокира сопственото „јас“.

Ослободете го патот од себе

  • Водете дневник за да ги идентификувате разорните мисли што ве одвлекуваат од целта. По еден месец, направете анализа за да проверите дали се однесувате по некоја рамка.
  • Визуализирајте ги промените што сакате да се случат, секој ден по неколку минути.
  • Нема поента да визуализирате одредено однесување без да го испробате на дело. Ако се опуштавте со алкохол, сега чајот е на ред.