Чист дом – чист ум

Нечистиот и неуреден дом не носи просперитет, бидејќи неубавата глетка, правта и непроветрените простории не само што влијаат на здравјето, туку и на психата.

Кога се чувствувате НЕРВОЗНО

Лекот е: ДЛАБИНСКО ЧИСТЕЊЕ
„Ако некоја ситуација ве иритира, фрлете се на рибање подови, када, рерна. Гледањето во блескавиот ефект делува смирувачки и поттикнува чувство на рамнодушност“, тврди Мелиса Мејкер, автор на „Clean My Space“.Плус, рибањето несомнено резултира со лачење ендорфин.

Олеснете си: НАБАВЕТЕ СООДВЕТНИ ПРОИЗВОДИ
За тврдокорните дамки ви требаат агресивни формули, можеби нешто на база на цитрусна киселина или екстракт од брезова кора кои се темелни, а, сепак, нема да ви ги уништат дланките. Тврдоглавата дамка може уште толку да ве направи нервозни, затоа погрижете се да ја победите.

Применете: КРИВУЛЕСТИ ПОТЕЗИ
Најчесто рибаме правејќи кружни движења, а така, нечистотијата од една точка ја враќаме назад на чистата точка. Затоа рибајте со цик-цак потег или кривулести потези, небаре пишувате латинично „S“.

Кога се чувствувате АНКСИОЗНО

Лекот е: РЕОРГАНИЗАЦИЈА

Хаосот дома поттикнува стрес поради неможноста да го најдете брзо она што ви треба, од друга страна, глетката премногу го стимулира мозокот кој се обидува да го процесира шаренилото. Со воведување ред во домот, ќе воведете и ред во главата, сортирајќи ги мислите и ослободувајќи се од непотребните.

Олеснете си: ПРИФАТЕТЕ ГО НЕРЕДОТ

Некои работи едноставно се создадени да бидат хаотични, како фиоката во кујна во која трупате сѐ и сешто. Не трудете се тука да правите ред, бидејќи ќе потфрлите. Договорете се со себе и со другите во домот, дека таа фиока е дом за сите предмети кои немаат свој.

Применете: АМАТЕРСКИ ПЛАН

Ако ви тргне работата, голема е веројатноста да станете перфекционисти. Вашиот дом не е аптека!Од вас се бара ред кој ќе ви овозможи непречено функционирање. Ако фармерките спружени на стол (спремни за наредниот ден) ви создаваат несоница, бидејќи не спијат во плакар, тогаш сте претерале.

 Кога се чувствувате ИЗГУБЕНО

Преземете: ЧИСТКА!
„Креирањето физички простор делува трансформирачки“, вели Гречен Рубин,автор на „Outer Order, Inner Calm“. „Ослободувањето од предметите кои повеќе не ви користат, ќе ве преплави со чувство на леснотија. Освежениот дом ќе ви даде елан за нов почеток.“

Олеснете си: ЗАКЛУЧЕТЕ КАКОВ СОБИРАЧ СТЕ
Дали нередот во домот е резултат на вашата спремност за во иднина – чувате кутија со копчиња? Или сте заробени во минатото – го чувате фустанот од матура? Замислете реална ситуација во која навистина имате потреба од овие нешта, ако шансите се 50% или помалку, прогласете ги за непотребни.

Применете: 3 ПАТИ ПОМИСЛИ, ЕДНАШ ФРЛИ
Не е чудно ако ви е тешко да се ослободите од нештата, можеби проблемот лежи во несигурноста дали некогаш ќе ви притребаат. Ако мислата „За што ми е ова?“ ја помислите трипати за одредена работа, тогаш време е за збогување.