Дамата во чии раце уметноста е најсигурна
Големиот уметник Пабло Пикасо некогаш рекол: „Уметноста ја брише од душата прашината од секојдневниот живот“. Па судејќи според зборовите на Пикасо, секој денес што создава уметност, промовира уметност, консумира уметност, е некој вид на општествено морален херој кој секојдневно се труди да ја избрише прашината од душите на оние кои можеби не се ни свесни дека се задушуваат во неа.
Една од нив е Професор д-р Дита Старова-Ќерими, професорка на Факултетот за Архитектура и Дизајн при УАКС, Директор на Националната галерија на Македонија, ликовен уметник, сопруга и мајка. И покрај сите овие титули, самото интервју ќе ви открие дека таа е една пријатна и топла дама која ги разоружува луѓето со насмевка.
Како верен чувар и промотер на македонското сликарско творештво и двата споменици на културата Даут пашиниот амам и Чифте амамот, таа посветено и со многу љубов се труди да ја всади љубовта кон уметноста меѓу луѓето. Овие 4 години се доказ дека тоа навистина успешно го прави.
Меѓу насмевките, мислењата, здравиците, што се разменуваат на една изложба, полека, но сигурно се бришат сите предрасуди и нееднаквости меѓу луѓето, додека Дита ужива гледајќи како пред нејзините очи вистински заживува културата.
Вие сте им лидер на своите деца, лидер сте на професионално поле, а уметник во душата. Дали се соочувате со некаков тип на предрасуди на работа само затоа што сте жена?
Горделиво би посочила дека во Националната галерија 70 проценти од вработените се жени, како културата да е посигурна во рацете на жените. Можеби и токму на тоа се должи нашиот континуиран успех. А за предрасудите – секако дека се соочуваме со нив како жени, но апстрахирајќи ги, заобиколувајќи ги, стануваме посилни во нашата борба за рамноправност.
Верувам дека вашиот успех се должи на поддршката од семејството, на кој начин им се „оддолжувате“ на најблиските за времето што понекојпат им го „крадете“ во името на кариерата?
Да се биде раководител на една од најстарите институции со силна национална историја е голем личен и општествен предизвик. Плејада големи уметници ја создавале историјата на Галеријата. Одговорноста е голема.
Уметноста е во самото мое битисување. Ја имам поддршката на моите родители од најрана возраст, кога грижливо го зачувуваа секој мој цртеж, па до денес, преку нивното присуство на секоја организирана изложба, самостојна или во Галеријата.
Често навраќајќи се на изминатиот период, се преиспитувам за сите мигови кога сум оддалечена од мојата уметност. Но силно верувам дека и мојот влог во поддршката на прикажување и поддржување на националните вредности е дел од мојата мисија, која станува препознатлива и поддржана. Речиси никогаш не ја заборавам мојата улога на директор кој треба максимално да се вложува во реализацијата на изложбите.
Искрената желба да се направат видливи чекори кон подобро во музејската и ликовната дејност ме прават посилна за сите предизвици со кои се соочувам секојдневно. Не е секогаш лесно да се истрае во решавањето на секојдневните проблеми, да се најдат брзи решенија и да не надвладее чувството на немоќност наспроти реалните можности.
Мојата работа бара од мене посветеност која ја дефинирам како неколкусменска, како работа за која нема работно време. Понекогаш е и стресна, понекогаш жртвувам и дел од времето што би требало да го поминам со моето семејство. Затоа сум им бескрајно благодарна што имаат целосно разбирање и безрезервно ме поддржуваат.
Навистина е тешко да се протне уметноста меѓу народ кој има мал интерес за неа. Како воопшто наоѓате мотив и трпеливост да ги менувате луѓето, да им влијаете да консумираат уметност и да ја сменат перцепцијата дека од уметноста не се живее?
Уметноста има моќ да менува животи. Според францускиот писател Анатол Франс, уметникот мора да го сака животот и да ни покаже дека е убав. Без него би се сомневале во тоа… Мојата животна среќа е што од најмала возраст имав можности многу да видам, да посетам, да научам, и токму сега сето тоа имам можност да го пренесувам. Нашата земја во својата историја има големи дејци кои со своите дела стигнале во Европа пред многу други. Нашата мала земја со древна историја има оставено големи траги, како оние од прочуените патописци. Предноста во дејствувањето во една земја во која се преплетени голем број народности, нѐ прави посебни.
Речиси сите знаат за Да Винчи, Пикасо, Ван Гог… Културата и уметноста се тие што ни остануваат низ вековите, што нѐ прават препознатливи и нѐ зближуваат. Според американскиот социолог Талкот Парсонс, културата е функционален предуслов за опстанок на секое општество.
Уметноста е најсигурна инвестиција на светско ниво. Во последно време кај нас, за среќа, свеста полека се менува. Сѐ повеќе има интерес за ликовната уметност, благодарејќи на големите изложби што се реализираат. Би сакала да имаме силна поддршка да дејствуваме и на меѓународната сцена. Но не ја губам надежта дека и тоа ќе дојде. УНЕСКО нагласува дека распространувањето на културните процеси на меѓународно ниво е еднакво важно како и влијанието на економските процеси.
„Она што луѓето ќе го знаат за нас во следните векови ќе биде диктирано од она што сега ја раскажува нашата приказна.“
Уметноста и културата претставуваат една од ретките области во нашето општество во која луѓето можат да се здружат за да споделат искуство, дури и ако го гледаат светот на сосема различни начини. Убедена сум дека посетата на една изложба, разговорот за едно дело може да нѐ соедини за да ги споделуваме своите размисли и да дискутираме, уметноста може да нѐ направи потолерантни кон различностите и еден кон друг. Средбите со уметноста може да ни помогнат да се идентификуваме еден со друг, да ги прошириме своите поими за нас и да ни покажат дека индивидуалното ангажирање во светот има реални исходи. Се надевам дека во иднина уметноста ќе биде дел од дискусиите за политичките, социјалните, економските и еколошките прашања.
Уметноста е начинот на кој ги раскажуваме нашите приказни како општество. Доволна е една посета на постојаната поставка во Даут-пашиниот амам да нѐ потсети дека, откако нашата цивилизација ќе помине, она што преживува од нас е нашата уметност. Она што луѓето ќе го знаат за нас во следните векови ќе биде диктирано од она што сега ја раскажува нашата приказна.
Колку пандемијата ја чинеше ликовната уметност и на кој начин влијаеше врз вашето творештво?
Пандемијата сите нѐ засегна, и здравствено, и економски, и емоционално. Сите бевме допрени на некој начин. Но мислам дека сите осознавме многу други креативни можности, бидејќи креативноста на сите уметници лежи и во можноста за пронаоѓање нови начини на изразување.
Јас го искористив периодот за реализација на мојата самостојна изложба со булки. Исто така, и за лични изложби во Истанбул и во Галеријата „Gentinetta“ во Цирих, Швајцарија.
Како што вели францускиот уметник со унгарско потекло Никола Шефер, уметникот мора да изложува, мора да се изложува и себеси за да се наметне и, ако треба, да експлодира.
„Од уметноста може да се живее, ако се верува во нејзиното создавање.“
Како млада мајка, верувам дека честопати сте растргната помеѓу традиционалниот начин на воспитување кој подразбира низа морални вредности кои сѐ повеќе се губат, и современите околности како детство придружено со многу гаџети, интернет, социјални медиуми. Од кои начела се водите при воспитување на вашите деца?
Пандемијата нѐ освести за многу работи. Посебно за значењето на времето поминато во домот со најблиските. Децата во денешно време имаат среќа што, покрај електронските уреди, имаат еднаков пристап до информации како и децата во Америка или Франција, што доведува и до тоа совршено да го знаат англискиот и од најмала возраст да бидат еднакви со нивните соученици во светските метрополи. Воспитувањето е секако различно, јас сум од генерациите кога хиерархијата беше вредност што се почитува, а сега ние, поради брзината на животот, кон нашите деца сме многу попустливи, што некогаш и не е предност. Но имајќи го предвид брзото време на нивното созревање, тоа за нас е предизвик.
Велат среќна жена е и среќна мајка… дали си дозволувате време за себе? Како милувате да го поминувате слободното време и да се исклучите од сѐ?
Сосема се согласувам дека со семејството се чувствувам најисполнета. Прошетките, активностите, разговорите со нив, вистински ме исполнуваат.
Секогаш изгледате префинето и делувате како топла и позитивна личност. Каков е вашиот животен стил, се храните ли здраво, дали спортувате? Што најлесно може да ве засмее?
Ви благодарам за ласкавото мислење. Можеби тоа што го посочивте на почетокот – уметничката душа во мене создава една симбиоза која лесно се носи со духот. Мојот животен стил не се разликува многу од начинот на живот на сите мајки со обврски. Посветена духовно и физички на децата, исполнета со љубов и посветеност кон работата. Се трудам според можностите да внимавам на исхраната за да можам да го издржам ритамот на зададените обврски. Не би рекла дека имам пасија кон спортувањето, но сакам да пешачам. Секој слободен миг го користиме со семејството за прошетки и откривања на нови, досега непосетени места.
А најлесно ме засмејува сопругот, за кого нашите пријатели велат дека има префинета смисла за хумор.
Која е вашата формула за добро здравје и ведар дух што би ја споделиле со читателите?
Според мене, најдобрата формула е насмевката. Таа е универзалниот јазик на кој сите ние се разбираме. Покрај тоа што е природен ослободувач од стресот, насмевката е одлична и за воспоставување и негување на социјалните врски. Кога искрено им се насмевнувате на луѓето, многупати тие ќе возвратат со насмевка. Многу значајно за вашиот морал е да бидете покрај насмеани луѓе! Дури и кога е присилена, за нашиот мозок насмевката (о)станува поттик за добро расположение. Истражувачите имаат откриено дека во случај на тага и стрес, доволно е да се натерате себеси 60 секунди да се насмевнувате за да добие мозокот позитивна порака и да предизвика намалено лачење на хормоните на стрес, а зголемување на хормоните што се одговорни за добро расположение.
Затоа, насмевнете се! Според Мајка Тереза, мирот почнува со насмевка.