Ниту еден родител не би го советувал своето дете да биде чувствително, бидејќи во нашето општество чувствителноста се смета за слабост. Оној што е чувствителен е осуден да страда!
Но, ова е голема заблуда, бидејќи реалноста многупати покажала дека чувствителните луѓе се едни од најсилните. Мајка Тереза, Ганди, Еленор Рузвелт, принцезата Дијана, сите овие личности делат една иста особина – чувствителноста. Но, истовремено, се пример за силни луѓе кои поминале низ безброј животни бури без да потклекнат.
Како успеалe во тоа? Едноставно, биле свои! Ниту ја прикривале својата чувствителност, ниту пак ги потиснувале своите емоции со цел да станат стоички личности. Повикувајќи се на својата чувствителност, успеале да ги развиваат своите вештини и да напредуваат.
Ако погледнете назад во историјата, на емоциите и чувствата отсекогаш се гледало со презир. Општеството некако се уверило дека чувствата ги намалуваат ефикасноста, силата и компетентноста за донесување одлуки.
Но, за среќа, ова почнува да се менува. Денес луѓето им даваат поголемо значење на емоциите и имаат далеку поголем капацитет да покажат чувствителност додека комуницираат со околината.
Сепак, сѐ уште се случува претераниот излив на емоции, околината да го доживее како нечија слабост. Дури и оној што ги изразува емоциите, го помислува истото за себе – дека е ранлива личност.
Вистината е дека високата чувствителност дава сила, напредок, моќ, дури и при средба со неволја. Всушност, самите особини кои ги прават луѓето чувствителни, се квалитети од кои луѓето црпат огромна внатрешна сила. Токму за овие особини станува збор:
Свесност
Луѓето со изразена чувствителност лесно ги препознаваат сопствените емоции и точно знаат како тие емоции влијаат на луѓето околу нив. Имаат голем капацитет да ги разберат стресот и оптовареноста и уште поважно, точно знаат што им е потребно за да се чувствуваат помирни. Исто така, точно знаат како да манипулираат со своите емоции за да не ги повредат другите. Ова е потврда дека зборуваме за карактери кои лице в лице се соочуваат со тешките ситуации.
Креативност
Чувствителните луѓе по природа се креативци. Преку креативноста тие ја конвертираат својата негативна енергија во позитивна. Кога се соочуваат со лоши денови, способноста да се изразат преку уметничко дело им дава излез од нивните интензивни чувства на начин што може да им користи на другите и на самите нив.
Емпатија
Сосем природно и спонтано, чувствителните луѓе влегуваат во кожата на другите. Тоа е нивни уникатен механизам преку кој се обидуваат да ја разберат човечката природа со цел соодветно да помогнат. Соживувањето со туѓиот проблем, особено ако станува збор за злоупотреба или малтретирање, кај нив буди силен поттик да ја истуркаат правдата на виделина. Без да бидеме свесни, сите ние прво бараме помош кај чувствителните луѓе во нашето опкружување, од причина што најлесно се поистоветуваме со нив. Никој од нас не претпоставува дека тоа совпаѓање се должи на нивниот природен инстинкт да помогнат.
Почит
Чувствителните луѓе забележуваат детали и длабоко ја ценат убавината. Толку многу што ја гледаат насекаде, секој ден, дури и во најмалите банални нешта. Ценењето на убавината на животот и свесноста дека имаат многу за што да бидат благодарни е најголемиот извор на внатрешна сила за овие луѓе. Чувството на почит е она што им дава мир и среќа и што ги поттикнува да му се радуваат на секојдневието.
Интуиција
Имаат високо развиено интуитивно чувство, благодарение на кое покажуваат длабоко разбирање за луѓето и ситуациите. Интуицијата е онаа која им ја кристализира визијата за да го предвидат текот на настаните и да реагираат соодветно.
Страст
Чувствителните луѓе се нежни, но и екстремно страсни. Силно ги чувствуваат вредностите во кои веруваат, создавајќи моќна енергија со која ја хранат својата издржливост. Страста е онаа која ги мотивира да чекорат напред, да ризикуваат, да се изложуваат на опасности и да се спротивставуваат на своите стравови. Тие едоставно го прават она во што веруваат, затоа што чувствуваат длабока страст за тоа.
Помирете се со својата чувствителност
Секогаш кога ќе се соочите со каков било предизвик или тешкотија, колку повеќе останете доследни на себеси, на својот природен карактер, односно колку сте почувствителни, креативни, емпатични, интуитивни и страсни, толку поисправно ќе се однесувате и ќе ги негувате тие квалитети.
Колку повеќе се препуштите на својата чувствителност, си дозволувате да бидете креативни, одвојувате време да бидете сами со своите емоции, да престојувате во природа, да слушате музика, да ја цените убавината на светот околу вас, толку посилни ќе се чувствувате.
Клучот за равивање на внатрешна сила не е во обидот да се биде помалку чувствителен, туку да се препознае дека чувствителноста е сила сама по себе.