Убавина од кујната

Убавина од кујната

Старомодните, домашни третмани за убавина, спектакуларно се враќаат под ѕвезденото небо на убавината. Дали вреди да готвите во име на здравиот изглед, проценете сами.

СОДА БИКАРБОНА

Стариот добар натриум хидроген карбонат е добро познат по тоа што помага колачите добро да нараснат, но според експертите за убавина, одличен е и за длабински пилинг на кожата на лицето.

Направете сами:
Помешајте едно лажиче сода бикарбона, две лажици овесни снегулки и доволно вода колку да се сврзат овие две состојки и да се создаде смеса со густина на паста. Нанесете на лицето, нежно масирајте и исплакнете. Бидете внимателни, оваа маска е наменета само за масен тип на кожа, ако ја нанесете на чувствителна кожа може да предизвика сушење и иритација.
Доколку ве мачат здодевни митесери, измешајте малку сода бикарбона, лимон и топла вода, и нанесете ја маската на проблематичната регија на лицето. Најдобар ефект ќе постигнете доколу маската ја нанесете после туширање, кога порите на лицето се најмногу отворени.
Не само за лицето, содата е број еден спасител кога бојадисувањето на косата не оди според очекуваното. Честопати се случува под дејство на природниот пигмент да не ја постигнете посакуваната боја. Не очајувајте, обидете се да ја отстраните новата нијанса со помош на сода. Помешајте еднакво количество шампон и сода за да добиете густа смеса. Маската нанесете ја на косата и оставете ја 10-тина минути да делува. Исплакнете и задолжително нанесете маска за длабока хидратација.

АКТИВЕН ЈАГЛЕН

Во медицината се користи за да ги апсорбира токсините кај лица кои претерале со лоша храна, алкохол или подлегнале на труење со лекови. Во светот на убавината служи како отстранувач на нечистотиите и маснотиите на кожата. Иако нема научни истражувања кои ја потврдуваат делотворноста на активниот јаглен во служба на убавината, жените кои ги пробале маските со активен јаглен велат дека резултатите се неверојатни.
Направете сами:
Измешајте активен јаглен во прав со малку алое вера и нанесете на лицето. Доколку имате сува кожа додајте јогурт или мед, и ќе добиете помасна, хидратантна маска. Резултатите се веднаш видливи, кожата блеснува во полн сјај.
Доколку сакате темелно да го исчистите скалпот од токсини, да го вртите сјајот на влакното и да добиете плус волумен, едноставно здробете едно апче активен јаглен во вашиот шампон и измијте ја косата на вообичаен начин. Веднаш ќе почувствувате како вашата коса станува полесна и поткрената во коренот. Доколку не можете да се справите со првутот, активниот јаглен ќе ви помогне да го решите и овој проблем.
Активниот јаглен помага и за избелување на забите. Неговата моќ за длабинско чистење ќе ги отстрани сите наслаги, а забите ќе добијат бисерен сјај. Сѐ што треба да направите е да ставите малку активен јаглен во прав врз слојот паста што го нанесовте на четката и да ги исчеткате забите.

КОКОСОВО МАСЛО

Секој козметички производ за нега на кожа, коса и тело може да биде заменет со тегличка кокосово масло. Дерматолозите и научниците се потпираат на фенолната киселна што ја содржи, а која успешно се справува со слободните радикали. Природен навлажнувач, се бори со вишокот килограми, помага во отстранување на стриите, му помага на телото да создаде отпорност кон вируси, инфекции и бактерии, го забрзува метаболизмот… листата на позитивни придобивки од кокосовото масло не завршува тука.
Направете сами:
Доколку имате сува, чувствителна и оштетена кожа, направете маска од кокосово масло и мед. Оставете да делува 10-тина минути и убаво исплакнете. Кожата ќе стане екстремно мека и сјајна.
Магично дејство број два – доколку сте во можност, барем еднаш во неделата (пред темелно да ја измиете косата) намачкајте ја косата со топло кокосово масло од коренот па сѐ до врвовите. За посилен ефект, замотајте ја косата во фолија и оставете ја да отстои – што подолго, тоа подобро. По миењето, ќе се воодушевите од тоа дека ги нема испуканите врвови, а косата е свиленкаста и мека како никогаш претходно да не била хемиски третирана.
За да подготвите пилинг за тело на база на кокосово масло, формулата е следна: ½ шолја крупно мелено кафе, 2 лажици чај од нане, ½ шолја шеќер и ½ шолја кокосово масло. Сѐ убаво измешајте и нанесете ја смесата на телото со нежно масирање. Оставете неколку минути за кожата да ги впие благодатите од состојките, а потоа исплакнете со млака вода.
Се чини дека најголема предност на кокосовото масло е тоа што е безбедно за употреба дури и за трудниците. Во текот на бременоста и по породувањето, нанесувајте кокосово масло на критичните регии за да спречите пукање на кожата и појава на стрии. Во случај веќе да имате стрии, нанесувајте кокосово масло директно на нив за да избледат. Само 7 седмици се потребни за да забележите резултати.