Според истражувањето на НАСА, едно собно растение во просторија од 100 метри квадратни ги намалува овие загадувачи во воздухот за цели 87% во рок од 24 часа. За да можете да уживате во овие придобивки, треба да знаете како да купувате, што да купувате и под кои услови да ги одгледувате одбраните растенија.
Го разубавуваат ентериерот, ги одмораат очите, го разведруваат духот, ја зголемуваат продуктивноста, концентрацијата, задоволството од работата, ја зголемуваат толеранцијата на болка, дури и го прочистуваат воздухот – лисјата на собните растенија имаат способност да ги апсорбираат штетните материи во воздухот како што се формалдехид и бензен, кои ги испуштаат климите и електронските уреди.
Бидете искрени со цвеќарот
Назначете колку е осветлен просторот во кој ќе ги чувате растенијата, бидејќи светлината е клучен фактор за тие да напредуваат. Бидете искрени за тоа колку време и труд планирате да вложите во одгледување на растенијата. на некои растенија не им е потребно речиси никакво внимание, освен наводнување еднаш во месецот, па цвеќарот ќе може да ви предложи токму такво. Во дом уреден во минималистички стил, одлино ќе одговараат неколку сукуленти, а истите можете да ги ставите и во бањата за да создадете една позитивна оаза во која доаѓате за да се освежите.
Бидете внимателни со водата
Најчесто луѓето грешат со наводнувањето. Запомнете поголема штета ќе направите со повеќе вода отколку со помалку. Свенатите и пожолтени лисја, одредени типови габи, бактерии и гнилеж, укажуваат дека сте претерале со водата. Во тој случај, оставете го растението да се исуши неколку дена, а потоа додавајте само онолку вода колку земјата да биде влажна – околу 7 цм под површината. Постои можноста и предолго да го лишите растението од вода, па и поради тоа да се исуши. Во тој случај, листовите се суви, кафени и се ронат, додека земјата е сува и крута. За да го вратите растението во живот, додавајте вода малку по малку. Земјата е најдобар показател за тоа колку е наводнето растението, земјата секогаш треба да биде ровка и влажна. Ако забележите бел слој на листовите, имајте на ум дека тоа е мувла во прав што се создава од одреден тип габи. Искастрете ги листовите кои имаат ваков проблем, на овој начин растението ќе добие кислород и ќе закрепне. Во случај тоа да не успее, набавете фунгицид во најблиската цвеќарница.
Ако забележите дека растението не напредува, веројатно станува збор за недоволно простор кај коренот. Пресадете го во поголема саксија и ставете го на потопло и посветло место во домот. Секогаш можете да одберете растение кое не умира, како, на пример, Маримо мов (топки од алги) или Сансеверија. Ѓаволскиот бршлен е уште една супер опција бидејќи е многу издржливо растение, па во случај да го оставите без вода или прекумерно да го наводните, тоа веднаш ќе покаже и уште побрзо ќе закрепне.
Светлината кажува се
Одбирајте ги растенијата зависно од капацитетот на светлина со кој располага просторот во кој живеете. Обидете се со трикот на ботаничарите: Поставете обчно парче хартија на местото каде што сакате да го ставите растението. На средина на денот, ставете ја раката на половина метар над листот. Ако се појави јака остра сенка, значи дека располагате со полн сончев капацитет и директна изложеност. Ако домот ви е малку осветлен одберете кактуси или сукуленти, а ако просторот е темен обидете се со каучуково дрво, змиско растение, папрат или бршлен.
Бидете внимателни!
Постојат многу нетоксични собни растенија, како африканска темјанушка, папрати и рози. Сепак, долга е листата на оние кои содржат токсини. Ненамерното внесување филодрендон или ѓаволска бршлен во организмот може да предизвика гадење, повраќање, отекување на јазикот и дијареа. За да ги заштитите децата, милениците и самите себеси, убаво информирајте се околу токсичноста на растенијата што ги имате дома.