Грижата ви ја троши енергијата и ви ја уништува самодовербата. Но, за да престанете да се грижите треба многу повеќе од тоа да чуете некој да ви каже: „Не грижи се, сѐ ќе биде во ред“, зарем не?
За што се грижите во моментов? Дека не заработувате доволно? Дека вашето дете поминува премногу време пред компјутер? Дека не сте доволно физички активни?
Постојано сме преокупирани со некој издржан и помалку издржан проблем. Што ако се случи ова, а што ако се случи тоа…и така до бескрај. Брзиот начин на живот нѐ претвори во генерација на мега загрижени личности.
Последните анкети покажуваат дека ова се грижите кои најчесто им задаваат главоболка на луѓето денес.
Клучното прашање: Што е тоа што ги поттикнува овие грижи?
54 % од луѓето својата најголема грижа ја наоѓаат во финансиите. Сигурно не сте премногу изненадени од овој податок со оглед на тоа што платата сѐ помалку стасува да ги задоволи животните потреби, а не па да остане нешто за настрана. Голем број млади луѓе во своите 30ти години се заробени во истата детска соба во домот на родителите, а тоа создава фрустрации. Комоцијата на живеењето ја обезбедуваат банките преку понудата за кредити. Но, пред да потрчате во банка по кредит, почнете да ги следите финансиите. Кои се вашите месечни фиксни трошоци? Каде трошите најмногу пари? Колку најмногу пари можете да заштедите од месечните примања? Кога ќе направите листа на вашите финансии, многу полесно ќе можете да го контролирате одливот на средствата. Направете реален план за целта што сакате да ја постигнете и подгответе се да жртвувате дел од задоволствата. Помирете се со фактот дека вашата инвестиција можеби ќе ви ги скрати плановите за патување. Планот е мотив за посветено работење без отстапки, а тоа ја намалува анксиозноста поврзана со финансиите.
40 % од луѓето постојано се загрижени за своето здравје од причина што се чувствуваат хронично уморни. 56 % од проблемите поврзани со здравјето се последица на постојаната истоштеност и замор. Неколку кафиња во текот на денот за да останете будни, 1-2 чаши вино навечер за да се смирите – анкетите покажуваат дека на овој начин луѓето се обидуваат да го контролираат хроничниот умор, иако така само ја влошуваат својата состојба. Психолозите алармираат дека луѓето мора да научат да се ставаат себеси на прво место и да посветат повеќе внимание на нештата што им ја црпат енергијата. Со милион обврски кои чекаат на вас, ќе ви биде тешко да заклучите што најмногу ви одзема енергија. Но, ако почнете да ги дефинирате работите едно по едно, ќе го најдете натрапникот. Исто така, многу е важно телото да го крепите со здрава храна, балансирани и редовни оброци и хидратација за да обезбедите енергија во текот на денот. Обидете се да го намалите кофеинот, бидејќи така телото помалку ќе лачи стрес хормон кој прави да се чувствувате уморни.
32 % од луѓето се загрижени за своите родители, особено откако ќе го напуштат домот со цел да основаат свое семејство. Како родителите се сносат со стареењето кое подразбира слабеење на здравјето и денови поминати во самотија. Дали тие одвојуваат доволно време за посети и исполнување на нивните потреби и желби. Ова се само дел од прашањата кои поминуваат низ глава на луѓето окупирани со грижи за родителите. Психолозите велат дека оваа појава е сосем нормална, но единствен начин да ја надмините е да го прифатите фактот дека никако не можете да влијаете на природните текови. Едноставно препуштете им се на миговите и уживајте во заедничкото времето што ви останало.
29 % од луѓето се загрижени за својот љубовен живот од причина што се осамени и стравуваат дека никогаш нема да најдат партнер. Психолозите велат дека социјализацијата меѓу младите ја загрозуваат социјалните медиуми, луѓето (особено жените) имаат превисоки очекувања за своите идни сопружници, а генерално генерациите се сѐ помалку трпеливи и расположени за компромис во име на љубовта.
27 % од луѓето ги загрижува нивниот сиромашен социјален живот. Доколку кругот на вашите пријатели е релативно мал и честопати за викенд останувате во домот, голема е веројатноста да се чувствувате осамено. Осаменоста дополнително ја нагласуваат социјалните медиуми на кои сведочиме фотографии од патувања и забави. Осаменоста е тешка емоција која луѓето ретко ја признаваат, иако 78 % од луѓето мислат дека немаат доволно пријатели. Запрашајте се, дали навистина ви се потребни многу лажни пријателства или неколку вистински со кои ќе поминувате квалитетно време.
25 % од луѓето се загрижени што сѐ уште не се остварени како родители. Во 30тата година се вклучуваат сите аларми и притисоци од околината за стапување во брак и формирање семејство. Иако бројката на жени кои раѓаат во своите 40ти расте од 1981 па наваму, не заборавајте ги редовните гинеколошки контроли и размислете за опцијата за замрзнување јајце клетки.
25 % од луѓето се загрижени дека имаат несинхронизиран сексуален апетит во бракот. Оваа грижа ги мачи жените, бидејќи под дејство на хормоните женското либидо варира во текот на месецот, па се случува жената да нема никаква потреба за секс. 55 % од жените се загрижени дека тоа може да доведе до заладување на односите на бракот и можност за неверство од страна на партнерот.
Стравот од иднината, непознатото, осаменоста, интернетот?! Психолозите велат дека претераното грижење води до анксиозност, која потоа се претвора во депресија.
Во минатото вистинските грижи почнувале после 30тата година од животот, денес младите уште во средношколските клупи се заморуваат со работи кои воопшто не треба да бидат нивна грижа.
Контролирајте ги грижите
Постојат грижи кои предизвикуваат удар во стомакот и нѐ наведуваат на планинарење, преземање акција и прифаќање на нештата што не можеме да ги промениме. А постојат и оние отровни реченици кои ни се вртат низ глава и нѐ уназадуваат. Но, ако погледнеме на сите грижи како стимул кој нѐ поттикнува на учење од грешките и созревање, многу е веројатно да откриеме нови предизвици и да ја видиме позитивната страна. Секој стрес, тензија, анксиозност е катализатор за промена. Направете еден чекор назад, земете воздух и запрашајте се што навистина е проблемот. Потоа разделете го истиот на неколку дела и решавајте го дел по дел. И не заборавајте, навистина сѐ поминува!