Наташа Мијатовиќ Крстевска – MIYATTA

Наташа Мијатовиќ Крстевска – MIYATTA

Кога е на сцена ги вивнува во облаци сите што ја слушаат. Кога е сместена во кулата на Скопскиот аеродром, безбедно ги симнува од облаци оние кои летаат.

Пејачка, кантавторка, контролор на летови, мајка, сопруга, Мијата плови низ својот живот со широка насмевка на лицето небаре се и е лесно како песна.

Веќе две децении нејзиниот глас ни ги гали душите преку силните зборови во биографските песни и музиката што сама ја компонира. Секое музичко парче на нашата позната кантавторка е свештво на животен момент и емоции со кои се поистоветуваат сите генерации.

„Процесот на креирање музика е многу интимен и чист. Отсекогаш сум почитувала луѓе кои се врвни а приземни. Дали од големо количество на адреналин и фокус на самата интерпретација, за време на настапот имам сензација на вонтелесна левитација. По настапот се враќаат сите телесни потреби наеднаш: глад, жед, тоалет, како назад да си се вратил.“

Како воопшто и успева?

Одговорот ќе го најдете низ ннејзините инспиративни одговори на овие неколку страници, а во позадина пуштете си ја „Верувам во себе“ за да се потсетите на едни убави времиња, времиња кога таа зачекори на домашната музичка сцена. Денес е комплетно изграден и зрел музичар со кој треба да се гордееме сите.

Неодамна го промовиравте вашиот втор албум „Вида“ на концертот што се одржа во „Куршумли ан“, а оние што го пропуштија сега имаат прилика да ѕирнат дел од атмосферата преку видеозаписот за песната „Добра ноќ, добар ден“. Меѓу подготовките, адреналинот, тремата, напорната работа околу целиот проект, дали убаво си поминавте на својот концерт?

– Мислам дека сè уште не ми се средени сите впечатоци. Можеби кога ќе го изгледам видеоматеријалот целосно стокмен и монтиран од самиот коцерт, ќе ги преживеам одново сите детали и секоја отпеана песна. Дали убаво си поминав на концертот? Величествено е вистинскиот збор. Најпрвин локацијата, публиката, музичарите и мојата изведба, сите бевме во хармонија и со една единствена цел – да се доживее вистински уметничката тежина на музиката што ја создавам и пласирам наназад речиси две децении.

Има уште многу од летото пред нас, дали продолжувате со настапи? Дали стасавте да одморите?

̶ После концертот имав уште еден настап и потоа заминав на заслужен одмор. Сега сум вратена со полна пареа на она што го нарекувам мој живот со сите негови убавини и обврски. Ќе следат настапи и во блиска иднина за кои мојата публика ќе биде известена преку социјалните мрежи.

Како поминува досега албумот, каков е одѕивот на публиката?

̶ Неколку од песните кои се најдоа на албумот „ВИДА“ беа издавани и претходно, и публиката веќе ги знаеше и ги пееше на концертот. Такви се „Полетај“, „Paid“, „Враќање дома“, „Маска“, „Ме боли“. Сега постконцертно ја слушнаа и „Добра ноќ, добар ден“. Одѕивот е одличен, а допрва ќе следат и песни за кои публиката ќе треба да направи место во своите срца. Најважно е дека албумот е достапен на сите дигитални платформи и може да го преслуша секој, во секое време, за своја душа.

Кажете ни како течеше процесот на создавање на албумот, жртвувавте ли премногу, се соголивте ли докрај, каде црпевте енергија и инспирација и зошто го насловивте „Вида“?

̶ Албумот се снимаше постепено, без никакви притисоци, песна по песна, онака како што јас сакав и кога јас можев. Екипата со која го работев поголемиот дел од албумот се Дамир Пух и Наташа Миха во нивното GreenRoom Sound Studio. Првата песна „Полетај“ ја издадовме во 2019-та година, па така во изминатите четири години поминавме доста работи заедно. Бидејќи процесот на креирање музика е многу интимен и чист, и како што велите во прашањето, се соголувам емоционално, особено ми е важно кој ме опкружува во тие моменти. Како што велат: „Со секој не се пие“, така и музика со секој не се снима.
На албумот имам и песни кои се соработки и со други компатибилни музичари на мене, како групата „Фолтин“ со кои ја снимивме песната „Ме боли“ во студиото „Алшар“, потоа „Враќање дома“ дуетска изведба со Теда и авторска песна на Александар Пешевски и Весна Малинова, па соработка со Ангел Ќосев за песната „Добра ноќ, добар ден“ и Валентино Скендеровски за песната „Поносна“. Сите тие беа со мене на сцената на концертот кој се случи во рамките на Скопско лето.
Инспирацијата за секоја песна како и досега е животот со сите свои страни, а името „Вида“ има значење токму тоа ̶ живот, но во исто време значи и освестена и прогледана.

Miyatta

Читајќи интервјуа за некои од најголемите музички ѕвезди, интересно е дека сите се чувствуваат осамено, па дури и депресивно после концерт. При размена на енергија со толку многу луѓе, тие признаваат дека се меланхолични штом останат сами со себе. Како се чувствувате вие после средбите со вашата публика, истрошено или уште поенергично?

̶ Природно е после силна екстатична среќа да се чувствуваш празно. Колку погоре одиш, толку подолу треба да се спуштиш за да се изнивелира внатрешната енергија. Тоа сум го осетила и другпат. Ама она што за мене е многу пофасцинантно е чувството на вонтелесност за време на настапот. Дали од големо количество адреналин и фокус на самата интерпретација, за време на настапот имам сензација на вонтелесна левитација. По настапот се враќаат сите телесни потреби наеднаш ̶ глад, жед, тоалет, како назад да си се вратил. Многу фасцинантно искуство, искрена да бидам.

Многу музика има во вашиот живот, особено што и сами ја создавате и изведувате. Сѐ помалку музика има во домовите, додека порано сѐ се работеше додека во позадина работи радиото. Колку вашите деца консумираат и реагираат на музика? Дали имате навика да им свирите и да им пеете?

̶ Моите деца немаат избор бидејќи секојдневно се опкружени со музика. Дури и учествуваат критички со свое мислење кога песните сè уште се во работна драфт фаза. Односно пред да ги снимам во студио тие се првите слушатели.

Колку мајчинството ви служи како инспирација во музиката? Како успевате да балансирате помеѓу семејството и двете професии? Стасувате ли да излезете на состанок со сопругот? 

̶ Мајчинството е една посебна секција во мене која и тоа како си најде свое место во моето творештво. На мојот канал на „Јутуб“ може да се слушне песната „Приспивна“ која е наменета за сите новородени деца, а неколку авторски детски песни ми се најдоа и во опусот на фестивалот за деца „Златно славејче“.
Најголемата тајна на постигнувањето на сите обврски е сменското работење и доброто менаџирање со слободното време. И, секако, силната желба да се стаса сѐ што ќе се замисли. Јас вистински верувам во мотото „Only sky is the limit“.
За состанок со сопругот имам секогаш време. Некогаш тоа е утринско кафе, некогаш ручек, некогаш излегување. Но, семејството е секогаш на првото место.

Интересен е спојот на вашите две професии, контролор на летање и музичар. Ако на едното место треба да сте приземна, секогаш професионална и смирена, на сцена можете да бидете слободна, па дури и ексцентрична. Како одлучивте да станете едното, па другото? Која професија има блага предност и дали се надополнуваат во практика или повеќе ви создаваат проблеми што се два различни света?

̶ Верувале или не, јас сум истата и во двете професии: свесна и приземна, а ведра и емпатична во исто време. Не сум одлучила јас директно за овие професии: и едната и другата судбински се случија. Талентот за музика ми е духовен подарок од раѓање, а контролата на летање е сплет на околности. Предност како професија има контролорството затоа што таа го прехранува моето семејство и ми овозможува да сум финансиски слободна во музиката и да не правам компромиси. Што ги прави комплементарни. Инаку пристапот кон двете професии ми е подеднакво сериозен, бидејќи и двете бараат одрекување и подготовка за подобар перформанс, како и висока морална одговорност.

Велат дека еден вистински уметник е невозможно да се пензионира, неговиот креативен ум секогаш ќе бара медиум за да се изрази. Како го замислувате вашето пензионирање?

̶ Моето пензионирање го замислувам на некој крузер, голем брод, во мало катче на некој бар како си пеам релаксирано покрај клавир во зима. А во лето во Преспа, во село Долно Дупени како си се дружам со најблиските и физички си работам по дворовите колку што ќе ме држи снагата.

Премногу сте позитивна, некако ширите позитивна енергија само што ќе се насмеете, а истовремено сте и приземна. Животот ве научи да бидете таква или сѐ е до домашното воспитување?

̶ Отсекогаш сум почитувала луѓе кои се врвни а приземни. А внатрешната позитивност верувам дека е поврзана со храброст. Луѓето што се негативни се всушност плашливи. Стравот е многу незгоден играч кога ќе обземе нечија душа. За еволуција на секоја личност има три фактори: вродениот, наметнатиот и стекнатиот. Јас не сум исклучок.

Кој е вашиот совет за добро здравје и ведар дух што би го споделиле со читателите?

̶ Не сум експерт за добро здравје зашто и самата се борам со Хашимото автоимун тиродитис и сите пропратни елементи кои таа дијагноза ги повлекува. Но, длабоко верувам дека позитивниот дух е пресуден за добро здравје. Велат во здраво тело здрав дух. Истото важи и во обратна насока. Џабе е здравото тело ако духот е опаднат. Сѐ повеќе гледаме здрави, прави луѓе кои се несреќни и во тие случаи болеста е само прашање на време.