Заборавени, но не и отпишани

Заборавени, но не и отпишани

Старите болести се враќаат на голема врата. Зборуваме за заушки, мали сипаници, пертусис…

Искоренетите болести се враќаат на голема врата, дури и кај луѓето кои биле вакцинирани. Појаснување? Некои вакцини ја губат својата ефикасност со текот на годините, а голем број родители избегнуваат да ги вакцинираат децата, стравувајќи од поврзаноста на истите со аутизам. Но, тоа става ризик на целата популација, бидејќи колку е поголем бројот на невакцинирани лица, толку е поголема шансата болеста да се рашири.

Според Институтот за јавно здравје, заклучно со 21.03.2024, регистрирани се вкупно 287 случаи на голема кашлица во државата. Заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години.

  • Од вкупниот број на регистрирани случаи (287), 157 случаи (односно 54,7 %) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.
  • Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболувањето изнесува 12,6 години.
  • Од заболените, 44 лица се хоспитализирани, и тоа 38 од нив се на возраст до 4 години.
  • Во десетгодишниот период од 2012–2021 година, регистрирани се вкупно 2 030 заболени од мали сипаници.
  • Во 2022 година регистрирани се вкупно 13 случаи на заразни заушки со инциденца од 0,7 на
  • 100 000 жители, со зголемување од 44,4 % во споредба со минатата 2021 година.
  • Она што започнува како обична кашлица со погрешна дијагноза станува бронхитис, за на крајот да излезе дека е болест за која сме верувале дека е искоренета.
МАЛИ СИПАНИЦИ

Нивното латинско име е морбили, а станува збор за инфективна болест на респираторниот систем предизвикана од вирус. Лесно се пренесува меѓу луѓето преку кашлање и кивање, а може да се пренесе и преку плунка и назална секреција. Малите сипаници се јавуваат кај околу 20 милиони луѓе годишно ширум светот, претежно во земјите во развој во Африка и Азија. Глобалните програми за вакцинација ја намалиле стапката на смртност од морбили од 2.6 милиони луѓе во 80-тите години на минатиот век, на 73 000. Најголема е смртноста кај инфицираните помали од 5 години.

СИМПТОМИ: Првите знаци кои ќе ги забележите се кашлица и растечен нос. Три до пет дена подоцна, се јавува висока температура и црвен точкест осип по цело тело. Ако се сомневате дека ги имате, појдете на лекар за да добиете потврда, а пота завиткајте се дома под прекривка и не излегувајте барем 4 дена откако ќе се појави осипот, во тој период сè уште сте заразни. Покривајте ги носот и устата кога кашлате, бидејќи вирусот може да живее во воздухот и до 2 часа. Ако се почувствувате летаргично, збунето или почнете да халуцинирате, побарајте лекарска помош.

ЗАУШКИ

Станува збор за вирусна инфекција која најчесто ги напаѓа паротидните плункови жлезди локализирани под ушите, зад вилицата. Се јавува најчесто кај деца од 5 до 14 години, но не се исклучени возрасните. Единствената, фигуративно кажано, позитивна особина кај заушките е трајниот имунитет кој се создава по прележувањето и кој штити од втора инфекција до крајот на животот.

СИМПТОМИ: Сетете се на добропознатите симптоми на грип – главоболка, покачена телесна температура, болки во мускулите, замор и губење на апетитот. Кај заушките е исто, со тоа што видливо е отекувањето на плунковите жлезди, па некој ќе помисли дека чувате бонбона во устата. Кашлањето и кивањето се исто така чести симптоми, но интересно е тоа што кај една третина од заболените симптомите воопшто не се појавуваат. Ако се сомневате дека имате заушки, имајте на ум дека сте заразни во текот на 5 дена по појавата на отокот. Симптомите траат околу една недела, а присуството на вирусот се испитува преку проверка на крвта. Неопходно е да одморате и да внесувате доволно течности. Ќе ви бидат потребни околу 2 недели за да се чувствувате комплетно здрави.

ГОЛЕМА КАШЛИЦА

Пертусис или голема таканаречена магарешка кашлица е бактериска инфекција која го напаѓа грлото. Се пренесува преку кашлање или кивање, а може да биде особено сериозна кај малите деца.

СИМПТОМИ: Почетните симптоми потсетуваат на оние на обична настинка: растечен нос, блага кашлица, понекогаш проследена и со малку покачена температура. За една до две недели, кашлицата преминува во многу честа, длабока и тешка. Кашлањето може да трае повеќе од минута и да предизвика тешкотии пред дишењето. Во некои случаи, екстремното кашлање може да доведе до изнемоштеност, повраќање, па дури и напукнати ребра. Ако постои и најмал сомнеж за појава на болеста, неопходно е веднаш да појдете на лекар. Бидејќи станува збор за бактериска инфекција, неопходна е антибиотска терапија, која колку побрзо почнете да ја пиете, толку побрзо ќе закрепнете. 5 дена после пиење на антибиотикот, повеќе не сте опасни за околината. За целосно закрепнување од болеста потребни се и по неколку месеци, затоа во некои делови од светот се нарекува и кашлица од 100 дена.

ГЛОБАЛНА СОСТОЈБА

Луѓето кои често патуваат треба да ја вклучат и полио вакцината во својот календар за имунизација – вирусот се шири најчесто преку загадена вода и храна, а предизвикува детска парализа. Освен тоа, препорачливо е вакцинирање и против рубеола – вирусна инфекција со симптоми на грип, која е многу опасна за бремените жени.