Најголемиот џентлмен во светот на музиката
Павле Камилоски е едно од најпрепознатливите имиња на македонската музичка сцена, познат по својот уникатен вокал и страст за музика. Неговата кариера, обележана со многу успешни песни, настапи и интерпретации, претставува вистинска инспирација за многу млади уметници.
Од моментот кога првпат стапнал на сцена, па до денес, Павле поминал долг пат. Неговата музичка приказна е приказна за посветеност, упорност и љубов кон уметноста. Поради својата способност да ја комбинира класиката со современите трендови, Павле успеа да се позиционира како значаен актер во музичкиот свет, а неговиот пат до успехот е полн со интересни искуства и драгоцени поуки.
Кој беше одлучувачкиот момент во вашиот живот што ве натера да сфатите дека музиката ќе стане ваша професија?
Тоа го знаев во мигот кога првпат застанав на сцена пред публика. Тоа не беше моја публика тогаш, но беше публика која многу убаво ме прифати, со аплауз кој сѐ уште го паметам и кој ми даде сила да се видам себеси како овој Павле кој сум денес.
Кога имаме јасна визија за нашите цели, ние многу оптимално ги користиме сопствените потенцијали и ресурси за да го реализираме нашиот сон.
Во годините кои следеа го школував мојот глас и се развивав како пејач, додека паралелно работев нешто сосема друго кое ми даваше финансиска поддршка. Таквата пожртвуваност траеше со години.
Имав 33 години кога почувствував дека музиката станува моја професија, а не хоби, а со тоа и извор на егзистенција. Тогаш одлучив да ја напуштам мојата менаџерска позиција од рестораните во хотелот „Мериот“ и активно да се посветам на она што ме прави среќен и што ми дава мотив за постојан развој.
Кои беа вашите најголеми музички влијанија додека растевте и како тие го обликуваа вашиот музички стил?
Како дете, имав ретка можност да растам со музичката колекција на мојот татко. Таа вклучуваше големи имиња кои беа речиси непознати за мојата генерација. Тоа беше музиката на Џејмс Браун, Хулио Инглезијас, Том Џонс, Френк Синатра, ББ Кинг итн.
Во моите рани дваесетти години, имав прилика и можност да го прошетам светот, да се запознавам со различни култури и националности, вклучувајќи го и Медитеранот, од каде што всушност доаѓа и мојата љубов кон медитеранската музика. Во тој период почнав да покажувам особен интерес кон влијателни музички имиња како Лучано Павароти, Андреа Бочели, Френк Синатра, Дин Мартин итн.
Кога почнав професионално да се едуцирам и да ги откривам финесите на инструментите, тогаш големо влијание на мене имаа моите ментори, со чија поддршка ја започнав мојата кариера со интерпретирање на италијанска музика. Тоа беа години кога ја добив титулата „Амбасадор на италијанската музика“ во Неапол, Италија.
Подоцна, започнав со создавање на своја авторска музика со што почнав да го креирам својот личен печат на нашата домашна сцена.
Дали подготвувате нешто ново во моментов? Како гo поминавте летото професионално?
Покрај честите настапи и музички ангажмани, во моментов работам и на два нови проекти, кои ќе бидат објавени наскоро.
Како одржувате баланс помеѓу вашата напорна кариера и приватниот живот? Дали имате некои рутини што ве одржуваат приземјени?
Јас секогаш тежнеам да бидам реален во врска со себе и тоа ми помага да ја задржам мојата скромност, односно да бидам приземјен. Вештините кои ги стекнав со работата уште пред да започне мојата музичка кариера, никогаш не престанав да ги развивам. Тие се всушност мојата секојдневна рутина, содржина на денот која е мојот баланс на животот.
Силната возбуда и страст коишто ми ги даваат сцената и публиката од една страна, а од друга страна спокојот и скромноста кои ги наоѓам во престилката во хотел „Неда“ додека ги подготвувам специјалитетите за моите гости. Она што го наоѓам како заедничка убава страна на овие две професии е дека и во двете му служам на народот. Тоа ми чини особено задоволство и чувство на исполнетост.
Колку татковството ви служи како инспирација во сè што работите?
Универзумот ни дава една чудесна моќ откако ќе станеме родители. И покрај сите непроспиени ноќи заради тоа мало битие, ние наоѓаме сила којашто нѐ движи кон напредок. Мојата љубов за Јосиф да порасне во здрава и зрела личност е мојот извор на инспирација и мотив за сѐ она што следува.
Стасувате ли да излезете на состанок со сопругата? Како милувате да го поминувате времето заедно?
Покрај обврските што ни ги налага секојдневието, со мојата прекрасна Ирина имаме создадено еден совршен баланс помеѓу тоа што е таа, и тоа што сум јас. Секогаш наоѓаме начин да си посветиме внимание еден на друг. Времето кое го поминуваме заедно е квалитетно поминато време, без разлика дали спортуваме, заедно готвиме, гледаме филм или сме излезени на „дејт“ во некој ресторан. Така што настојуваме секојдневно да си ја негуваме љубовта со тоа што си ги храниме душите со убави мигови кои се исполнети со заеднички интереси.
Правејќи споредба на едно минато време кога се растеше на улица и она што го живееме денес, дали имате некоја визија на кој начин ќе го воспитувате и насочувате вашето дете во иднина?
Се согласувам, нашето детство беше многу поразлично од денешното и модерно време во кое живееме. Сепак, јас како родител сум должен на своето дете да му ги пренесам сите морални и етички вредности, да биде воспитан и културен. И да му обезбедам соодветна едукација за неговиот развој, да прерасне во здрава и нормална личност, со вистински вредности. Откако ќе ја постигнам оваа цел, негово е правото во која насока би сакал понатаму да се движи во животот.
Сè помалку музика има во домовите, додека порано сè се работеше додека во позадина работи радиото. Колку вашето дете, иако е мало, консумира и реагира на музика?
Напротив, Јосиф додека беше во утробата на неговата мајка се запознаваше со светската и со класичната музика. Во нашиот дом понекогаш забораваме да ја изгаснеме музиката кога заспиваме. Јосиф е дете кое расте во музичка средина и можеби сѐ уште е рано за какви било претпоставки, но ме радува дека омилена играчка му е неговото детско пијано.
Дали имате некои скриени таленти или хоби за кои вашите обожаватели би можеле да бидат изненадени?
Во изминативе неколку години многу често луѓето знаат да направат шега на моја сметка дека почнав да планинарам. Дека пред да се појави Ирина во мојот живот не знаев каде е Водно. Но, вистината е дека јас сум спортски активен цел живот и колку и да го сакам Медитеранот, сепак сум израснат на Галичник.
Како хоби би го споменал едрењето на езерските води и морските хоризонти. Што се однесува до моите скриени таленти, пак, за време на короната почнав да сликам на платно и моите уметнички слики имаат свое место на ѕидовите во хотел „Неда“, Галичник. Во иднина, можно е да се случи и да ве изненадам со некоја изложба.
Велат дека еден уметник е невозможно да се пензионира, неговиот креативен ум секогаш ќе најде медиум да се изрази. Па, како го замислувате вашето пензионирање?
Никогаш не би се пензионирал од поривот на создавање чувства и емоции. Ние како уметници доколку не би создавале и креирале, би биле најтажните луѓе на светов. Би пеел сѐ додека ме држи гласот, без разлика на годините. Во мојата глава не постои визија за пензионирање. Доколку не би било така, би се пензионирал некаде на Медитеранот, со куќа покрај плажа, чаша вино на секое зајдисонце, пред платно и со четка во другата рака.
Музиката денес ги има социјалните медиуми и канали на располагање, колку е тоа навистина ги олеснува работите? А од кој аспект ги отежнува?
Социјалните медиуми се алатка која несомнено помага на артистите за себепромоција. Сепак, треба да се биде многу внимателен со квалитетот на содржините кои се објавуваат и начинот на кој тие се пласираат. Сите сме сведоци на честите негативните коментари и критики кои не секогаш доаѓаат од место на чесност и искреност.
Како се носите со сите оние негативни коментари кои денес многу лесно можат да стасаат до вас преку социјалните мрежи?
Кај нас е општопознато дека луѓето си даваат за право да расудуваат и да критикуваат неосновано. Ми се чини дека никогаш нема да сретнете успешен човек кој се занимава со овие работи. Има една народна поговорка која вели: „На нива не можеш порта да ставиш, ниту, пак, на човек уста да затвориш.“
Социјалните мрежи се простор каде што секој може слободно да го изрази своето мислење и став, и сѐ додека е умерено и одразува искрена емоција, независно дали е таа критичка или позитивна мисла, јас го ценам тоа.
Од сите настапи што сте ги одржале, има ли некој што се издвојува како особено незаборавен и значен за вашиот напредок?
Со остварување и реализирање на секој еден концерт, го чувствувам развојот и секогаш настојувам следниот да биде уште подобар од претходниот. Доколку би морал да издвојам еден од настапите, би го издвоил мојот последен концерт кој беше реализиран минатата година за време на предновогодишните празници во Македонскиот народен театар.
После размена на толку многу позитивна енергија со публиката, изведувачите после настап велат дека се чувствуваат празно, па дури и тажно. Колку сте зависни од таа енергија и дали искусувате емотивен пад после настап?
Сцената е единствената позитивна дрога која сакам да ја примам до крајот на мојот живот. Чувството кога сум на сцена не можам да го споредам ниту да го заменам со ништо. Реципроцитетот на размената на енергија помеѓу мене и публиката е чувство кое не се опишува. Иако после настап се чувствувам физички исцрпен, сепак емотивно сум многу исполнет. И токму поради тоа чувство имам сила и енергија да изведам уште еден настап.
Како се надевате дека ќе влијаете на следната генерација музичари? Што најмногу се надевате деќа оставите во наследство на идните обожаватели?
Велат, доброто и правилното расудување доаѓа од искуството. А искуството? Е тоа доаѓа од неискуството човек правилно да расудува.
Споделувајќи го моето лично искуство и патот кој досега го изодив, би сакал да го пренесам досега сиот мој ентузијазам до секој еден кој сака да направи подобра верзија од себе во светот на музиката, и никогаш да не се откажува од неговиот сон, колку и да е тежок патот до неговото остварување. Бидејќи каењето и жалењето во подоцнежните години од животот знаат да бидат многу поболни во однос на непробувањето и стравот од неуспех.
Ние имаме фантастични млади талентирани музичари со прекрасни вокали, кои самите треба да се изборат за да го пронајдат своето место. Можеби ќе биде тешко, можеби патот ќе биде многу трнлив и со пречки. Нормално е човек и да се поколеба и да се праша себеси дали е тоа вистинското, но верувајте, среќата е неизмерна и незаменлива откако ќе го остварите сонот и ќе се пронајдете себеси. Јас стигнав до одредено скалило, но сѐ уште давам сѐ од себе и сметам дека имам уште многу цели кои сакам да ги реализирам. Така што сѐ она што досега сум сработил и кое допрва следува, а верувајте има уште многу, останува за наредните генерации и за мојата публика.