За кожата и скалпот
Во текот на летото, кожата и косата се соочуваат со неколку предизвици: изложување на сонце, хлор од базен, солена вода, сув климатиризан воздух, температурни разлики, топлински алатки за стилизирање и слично. Ако не обрнавте доволно внимание и ако се вративте од одмор со сува и иритирана кожа и со испукани врвови на косата, време е да ја надградите рутината за нега. Со овие неколку основни чекори ќе успеете да ги минимизирате штетите и да го истакнете сјајот стекнат на одмор.
Нега на кожа
Двојна хидратација
Кожата по одмор обично станува посува. Затоа, веднаш почнете да пиете повеќе вода за да ги хидрирате клетките однатре. Надополнете со серум или со крем со хидратантен ефект кој содржи хијалуронска киселина – молекула која помага да се задржи влагата во кожата.
Нежно чистење
Кожата акумулира безброј нечистотии кои во комбинација со себумот и потта доведуваат до длабинско запушување на порите. Но, и покрај тоа, користете нежно и хидратантно средство за чистење за да ги отстраните нечистотиите и вишокот себум без да ја компромитирате природната заштитна бариера на кожата.
Ограничен пилинг
Пилингот е клучен за отстранување на мртвите клетки на кожата и за одзатнување на порите, но одлучете се за благ пилинг за да избегнете иритација и дополнително пресушување. Хемискиот пилинг со AHA или BHA киселини е навистина ефикасен, но и агресивен за кожата. Затоа, практикувајте го 1-2 пати месечно или сосема прескокнете го ако имате сув тип на кожа.
Контрола на иритацијата
Ако вашата кожа е чувствителна на сонце, потпрете се на алое вера. Алоето има силни антивоспалителни својства кои ги смируваат изгорениците, црвенилото и акните. Побарајте чист гел од алое вера за подобар ефект или производи кои содржат високи концентрации алое.
Антиоксидантски поттик
Одморот подразбира поголемо изложување на кожата на УВ-зраци и на слободни радикали. Затоа, вклучете антиоксиданти, како витамините Ц и Е, во вашата рутина за да се изборите со оксидативниот стрес кој поттикнува фотостареење.
Користење СПФ
Нанесувајте крем со заштитен фактор и после одмор, бидејќи УВ-зраците се штетни и кога продираат низ облаците и кога е врнежливо.
Нега на коса
Длабинска хидратација
Солената вода, хлорот и сонцето ја отстрануваат влагата од косата, оставајќи ја сува и кршлива. Надополнете ја изгубената влажност со длабок третман за хидратација, маска или регенератор за коса. Побарајте состојки како шеа путер, кокосово масло и масло од арган за интензивна хидратација.
Потстрижување
Ослободете се од пукнатите и суви врвови и освежете ја фризурата. Редовното потстрижување го одржува здравиот изглед на косата и спречува понатамошно пукање и кинење на влакното.
Стилизирање
Оставете ја косата да се одмори од топлинските алатки за стилизирање, по можност прескокнете го и фенот и дозволете ѝ да се исуши сама од себе. Врвовите редовно негувајте ги со капки за коса или со природно масло.
Свилена заштита
Свилената навлака за перница може да го намали триењето додека спиете, минимизирајќи го кршењето и разлетувањето на косата. Тоа е мала промена која може да направи голема разлика во целокупното здравје на косата.
Нега однатре
Здравата коса започнува однатре. Одржувајте урамнотежена исхрана богата со витамини и минерали, особено оние кои го промовираат здравјето на косата како биотин, витамин Е и омега-3 масни киселини.