Најголемиот штетник за домот и здравјето
Мувла – сурова реалност со која се соочува секој дом. Може да предизвика низа здравствени проблеми и голема материјална штета. Контролирањето на влагата е најдобар начин за да се спречат штетите поттикнати од мувла, но клучна е и брзата реакција штом веќе забележите знаци на раст на мувла. Како сами ја поттикнувате нејзината појава?
Не реагирате кога треба
Мувла долж ѕидот е јасна индикација дека има вода што протекува некаде зад ѕидот. Продорниот непријатен мирис на мувла, оштетување на бојата на ѕидовите, па дури и нелогично високата сметка за вода се знаци кои го најавуваат ваквиот проблем. Штом забележите дека водоводот во домот попуштил, јавете се на водоводџија. Колку и да е минимално протекувањето, имајте на ум дека водата прави штета и кога само капе, па секој одминат ден значи поголема финансиска загуба за вас.
Заборавате влажни алишта
На сите домаќинки им се случува, при недостиг на време и премногу обврски, да ги заборават мокрите алишта во машината за перење или да остават мокра блуза во корпата за валкани алишта. Само еден ден е потребен за алиштата да замирисаат, но ако имате навика да перете за викенд, сметајте дека на дел од облеката веќе има ситни точки мувла. Во таков случај, добро е да ги исперете алиштата на повисока температура и задолжително испеглајте ги.
Не ја сушите бањата
Топлиот туш делува толку утешително после долг и напорен ден, но вашето закрепнувачко искуство ѝ оди во прилог и на мувлата. Пареата, долго после вашето туширање, останува заробена во бањата, а тоа е идеална почва за раст на мувла. Двојна мака мачат оние што имаат завеси во бањата. Затоа, задолжително бришете ги плочките со сува крпа, оставете ја вентилацијата да работи подолго или отворете ги сите прозорци за плочките побрзо да се исушат.
Не проветрувате редовно
Проветрувањето на просториите не е добро само за здравјето, туку спречува и појава на мувла. Ако ги држите прозорците затворени поголемиот дел од времето, спречувате проток на свеж воздух кој е неопходен за да ја раздвижи влагата и да ја истера надвор. Стоениот воздух поттикнува раст на мувла, затоа редовно проветрувајте ги просториите.
Зошто мувлата е штетна за здравјето?
Алергиски реакции: Многу луѓе се алергични на спори на мувла. Вдишувањето или директниот контакт со мувла може да предизвика алергиска реакција проследена со кивање, течење на носот, црвени очи и осип на кожата. Некои поединци може да доживеат посериозни реакции, вклучително и отежнато дишење.
Респираторни проблеми: Спорите на мувла може да го иритираат респираторниот систем. За оние со астма или други респираторни состојби, изложеноста на мувла може да ги влоши симптомите, што доведува до кашлање и отежнато дишење.
Токсична мувла: Некои типови мувла произведуваат микотоксини, токсични соединенија кои се многу опасни кога се вдишуваат, голтаат или доаѓаат во контакт со кожата. Долготрајната изложеност на високи нивоа на микотоксини може да доведе до невролошки проблеми, пад на имунитетот и други хронични здравствени состојби.
Инфекции: Одредени видови мувла може да предизвикаат инфекции, особено кај лица со ослабен имунолошки систем. Овие инфекции можат да влијаат на белите дробови, кожата и другите органи.
Општа иритација: Дури и кај луѓе кои не се алергични, мувлата може да предизвика иритација на очите, кожата, носот, грлото и белите дробови. Ова е особено често во средини со високи концентрации на мувла.