Драгана Младеновска

Драгана Младеновска

Храбра за промена, гладна за успех

Драгана Младеновска е истакнат фитнес тренер, која својата страст кон физичката активност ја претвори во успешна и исполнета кариера. Своето фитнес патување го започнала уште од млади години, но на почетокот ја избрала фармацијата како професионален пат. Завршувајќи го Фармацевтскиот факултет со одличен успех, Драгана сепак ја следи својата страст и на 25 години носи храбра одлука да ја смени кариерата. Денес таа не е само успешен тренер, туку и сопственик на FitLife, платформа која промовира здрав и активен начин на живот. Оваа одлука ѝ овозможи да ужива во секојдневието и да ги балансира семејните обврски со својата кариера, инспирирајќи многумина дека храброста и дисциплината водат до успех.

Како го започнавте вашето фитнес патување и дали некогаш сонувавте дека ќе стасате дотука?

Сè почна многу одамна и многу спонтано… Почнав да вежбам на свои 13-14 години, но толку многу ја засакав активноста и пронајдов среќа во неа, што никогаш немав изговор да не вежбам, туку баш напротив постојано барав начин. Како дете, кога размислував за кариера, никогаш не се гледав себеси во ова што сум денес. Искрено, се гледав како успешен фармацевт и затоа и се запишав на Фармацевтскиот факултет. Завршив во рекордно време со висок просек и бев една од најдобрите во генерацијата, па никој од блиските не очекуваше дека ќе направам ваков пресврт во кариерата. Но, на 18 години е прерано да донесеме одлука што сакаме да бидеме во животот. Во мојот случај хобито надвладеа, но најважно, јас му дозволив да исплива погоре. Работата е една третина од нашиот живот и многу е важно да уживаме во неа. Кога ја донесов одлуката за промена, на 25 години, наидов дури и на осуда и неверување за чекорот кој го преземам затоа што дадов отказ од сигурно работно место, вработена како фармацевт во наша позната компанија. Но, кога ќе се завртам назад тоа е НАЈДОБРАТА одлука што сум ја направила, јас денес го живеам мојот сон, уживам во секој ден, работата ми е љубов и ме исполнува максимално.

Да се будиш секое утро со возбуда и да имаш желба да направиш повеќе и повеќе во работата е знак кој кажува колку го сакаш тоа што го работиш. Среќна и горда сум затоа што дојдов до оваа точка, но тука сум затоа што имав храброст да преземам чекор и да го земам ризикот во свои раце. Работев многу напорно изминатите години, и професионално и приватно, затоа што бизнисот, кариерата и семејството не можеш да ги одделиш. Се трудев да балансирам за да стигнам до некоја постабилна точка, но таму се стигнува само со работа и со добра организација. Од 2018-та досега направив многу, успеав да го кренам бизнисот и мојот бренд да стане препознатлив во државата, завршив дополнителни магистерски студии по диететика и диетотерапија, но најважно – се остварив како мајка и родив две прекрасни ќерки.

fitlife
Со какви предизвици се соочувате како женски фитнес тренер?

Искрено, со предизвици заради тоа што сум женски тренер не сум се соочила, но и не сум дозволила да се соочам. Во глобала јас работам само со жени, иако никогаш не сме забраниле на ниедно машко да дојде на тренинг. Но, кај нас владее мислење дека пилатесот не е за мажи, што е сосема спротивно. Пилатесот е метода која е креирана од маж, а и најдобрите светски спортисти практикуваат пилатес за подобрување на функционалноста, флексибилноста и мобилноста на телото. Но, тоа е една голема тема.

Мојот најголем предизвик во работата е да балансирам меѓу работата и семејството. Тоа ми паѓа најтешко затоа што со две мали деца и без помош од баби и дедовци е многу тешко. Најголема поддршка за сите предизвици ми е сопругот. Мислам дека тој е еден од најголемите „виновиници“ за сите граници кои ги поместив.

На кој начин се мотивирате себеси во работата? Го сфаќате ли како личен неуспех откажувањето на некој од групата?

Мене најмногу ме мотивираат малите завршени задачи. Јас секој ден се будам со листа на обврски кои треба да бидат завршени за тој ден. Нема нешто поубаво на душата од тоа да ја видам на крајот на денот целата листа зелена и завршена. И мислам дека заради тоа и постигнав голем професионален успех, затоа што не ги игнорирам ситниците и малите нешта кои нè носат кон врвот. Секој ден е еден чекор напред кон целта за што било во животот, можеби чекорот ќе биде мал, но кога одиш напред, успехот е неизбежен. На ист начин ги мотивирам и моите вежбачи и ги потсетувам на секој тренинг дека секој мал напредок ги носи кон подобра верзија од себе.

Можеби не секој ден ни е најдобар за вежбање, затоа што многу работи ни влијаат, особено на нас жените: сон, стрес, обврски, период од месечен циклус… но подобро да направам 50 % од тренингот или да ги работам полесните верзии од вежбите, отколку да си дадам оправдување дека нема да вежбам. Додека тече часот, тоа цело време го зборувам и со моите зборови мислам дека многу ги мотивирам, буквално уста не затворам 60 минути, од позиции на тело, дишење… ги потсетувам дека сите сме луѓе и дека и јас имам денови кога не сум во најдобра форма. Кога некој ќе се откаже, многу ретко го сфаќам тоа лично затоа што бројката на луѓе кои ги мотивирам е голема, имам жени кои со мене вежбаат повеќе од 10 години, уште од времето кога работев како тренер во друго студио и тоа ми е доказ дека доволно мотивирам. Ние како тренери треба да ја дадеме почетната мотивација, но сепак секој треба да си ги отклучи упорноста и дисциплината и да се обиде да си ја најде својата внатрешна мотивација која ќе го води напред.

На кој начин водите сметка да сте во тек со фитнес трендовите и новите откритија?

Во денешно време е многу лесно да се дојде до информации со достапноста на интернетот. Мислам дека најголема умешност е тоа да препознаеме кои информации се релевантни и на кои информации можеме да се базираме за да си го збогатиме знаењето. Универзитетското образование и сѐ тоа што го учиме на факултет, не секогаш се аплицира реално во работата, но дефинитивно тоа академско знаење ве подига на едно повисоко ниво за да знаете каде да барате релевантни информации кои ќе можат понатаму професионално да ве надоградуваат постојано.

Така што јас моето знаење го збогатувам од научна литература. Но, дефинитивно и магистратурата по диететика и диетотерапија ме подигна на едно друго ниво кога е во прашање исхраната и нејзиното влијание врз здравјето, особено што и претходно имам завршено 5 години медицинско образование каде сум ги добила основите за анатомија, физиологија и функционирање на нашето тело. Сѐ во идинина е само надградба и комплетирање на сликата со мали ситни детали.

Каква порака или совет имате за оние кои сакаат да станат тренери?

Едукација, искуство, работа, трпение и многу љубов… Многу често сакаме работите да се случат преку ноќ, но тоа е невозможно. За секој кој сака да биде супериорен во тоа што го работи му препорачувам да не престанува да учи и да да се труди, но и да биде спремен да собира искуство.

Постои ли ризик од нестручно споделување програми за храна и фитнес? Имате ли здрава конкуренција за да одите напред?

Постои голем ризик зашто во денешно време никој не може да ве спречи да споделувате какви било информации на социјалните медиуми, но кога се тоа информации поврзани со здравјето, јас ќе препорачам секој да биде многу внимателен и да слуша совети од луѓе кои имаат соодветна едукација за тоа што го презентираат. Има и здрава конкуренција, но кај нас реално нема премногу. Ако зборуваме за напредок, мене конкуренцијата искрено не ми влијае многу. Јас инспирацијата за напредок ја барам секогаш во себе.

Dragana Fitlife

Луѓето се кријат низ различни изговори за да не вежбаат, но малкумина се искрени кога менталната кочница е во прашање – или?

Па мислам дека изговорите како недостиг на време, финансии и слично се само некое оправдување. Менталната кочница и самомотивацијата се најчесто најголемите пречки да се отклучи грижата за себе и јас тоа го гледам постојано и кај моите клиенти, па и кај луѓето во мое блиско опкружување. Мојот пристап во таков случај е преку едукација да објаснам колку е важна грижата која му ја даваме на телото за квалитетот на животот кој го живееме. Вежбањето и добрата исхрана се многу повеќе од добар физички изглед, тоа е единствената алатка која успешно ги подобрува и менталното и физичкото здравје.

Јас многу често низ сите мои видеа кои ги споделувам на социјалните мрежи се трудам на народски начин да ги објаснам физиолошките процеси во телото и влијанието на животниот стил врз нив, сѐ со цел да дојдеме до моментот дека секој од нас е одговорен за своето здравје и секој, доколку сака, може да најде начин да добие повеќе од животот. „Квалитет на живот“ е многу моќна фраза, која ако длабоко ја разбереме, секогаш ќе наоѓаме начин да се подобруваме.

Вашата цел е вежбачите да го постигнат замислениот изглед, но ви се случило ли да прекинете час затоа што некој има потреба за разговор?

Мојата цел воопшто не е физичкиот изглед и секогаш она што потенцирам дека го добиваат со вежбањето е подобрување на целокупното здравје. Добриот физички изглед е само една награда која доаѓа пропратно. Моите програми се баш холистички насочени кон подобрување на она што го споменав претходно – квалитет на живот што подеднакво го вклучува и ментално здравје, затоа што вежбањето е фундаментална алатка која многу може да го промени текот на вашето живеење и стареење.

Подобро метаболичко здравје, полесно менаџирање со стресот, подобар сон, одржување на здрав мускулно-скелетен систем, подобрување на хормонската рамнотежа во телото, па ако подлабоко погледнеме низ сите овие бенефити, јасно е дека сè ова е многу повеќе од добар физички изглед. Вежбањето и грижата за себе ги подобруваат менталната благосостојба и метаболичката флексибилност што дефинитивно влијаат холистички на целото тело.

Кои се предиспозициите што треба да ги поседува еден фитнес тренер освен кондиција?

Емпатија и харизма. Едно е да бидете добро едуцирани и да си ја знаете работата, но сосема друг момент е начинот на кој тоа го презентирате на клиентите. Да се биде учител треба да се знае да се пренесе знаењето. Кога работите со луѓе мора да имате голема емпатија и харизма со која ќе им дозволите да се поврзат со вас. Најдобриот комплимент кој сум го добила од клиентка, и тоа жена која вежба онлајн, е дека ѝ пренесувам таква енергија и мотивација дури и виртуелно, што ако не извежба има чувство дека ме разочарала, а после секое вежбање добива енергија и мотивација со која деновите ѝ добиваат друга смисла.

Дали имате време само за себе и како го поминувате?

Ова прашање ми е баш тешко да го одговарам затоа што реално имам многу малку време за себе. Две мали деца, фамилија, бизнис и сите пропратни обврски, искрено многу е тешко да ги избалансираш. Но, од друга страна начинот на кој јас работам е така што јас го вежбам целиот тренинг со моите клиенти, па тој период од денот, иако е нели работа, за мене е време за себе. Јас буквално уживам во секој одржан тренинг затоа што со тренингот и јас си ги полнам батериите и се враќам дома кај децата полна со позитивна енергија.

Кои се некои ваши практики или ритуали за убавина?

Уживам во добра масажа и тоа е нешто што го практикувам на редовна база. Масажата ме регенерира, опушта, во тоа време целосно се исклучувам од сè наоколу и си дозволувам да уживам во тој еден час време за себе.