Причини, симптоми и како да ги негувате?
Испуканите и суви пети се честа појава која изгледа неуредно за око, но може да предизвика и инфекции ако не се третира навремено. Зимата дополнително ја влошува ваквата состојба, бидејќи сувоста се продлабочува, па освен непријатност може да дојде и до болка. Но, од друга страна, зимата е идеална сезона за да ги негувате петите и да го поправите нивниот изглед до пролет.
Причини за испукани и суви пети
Испуканите и суви пети најчесто се резултат на:
Недостаток на хидратација: Кожата на петите најчесто не добива доволно влага, особено ако не користите хидратантни кремови или масла. Ова може да биде особено изразено во зимските месеци кога воздухот е сув.
Студени и суви услови: Зимските температури и ниската влажност создаваат услови кои доведуваат до сушење на кожата. Сушењето на кожата ја зголемува кревкоста и предизвикува пукнатини.
Несоодветни обувки: Носењето тесни и непријатни обувки може да предизвика триење и притисок на петите, што дополнително ја влошува ситуацијата.
Неправилна нега: Нередовната нега и пилинг може да доведе до акумулација на мртви клетки на кожата, што ја зголемува веројатноста за пукнатини.
Неправилна исхрана: Исхраната без доволно витамини и минерали, особено без витамини A, E и омега-3 масни киселини, може да влијае на здравјето на кожата и да ја направи подложна на сушење.
Стареење: Овој природен процес води до намалување на еластинот во стапалото, кој сам по себе е дефицит во овој дел од кожата. Како последица на тоа се намалува еластичноста и се појавуваат пукнатини и при најблаг притисок врз стапалото.
Долго стоење и прекумерна телесна тежина: Петите полесно пукаат кај луѓето чија работа е поврзана со стоење, бидејќи кожата е изложена на постојан притисок и со текот на времето попушта. Ако згора на тоа вашата телесна тежина е неиздржлива за петите, тие јасно ќе го покажат тоа преку пукнатините.
Симптоми на испукани пети
- Чувство на затегнатост во пределот на петата.
- Пукнатини на кожата, честопати длабоки.
- Црвенило и воспаление околу испуканите области.
- Болка или непријатност при одење.
- Во тешки случаи и инфекција.
Состојки за нега
Постојат многу состојки кои можат да помогнат за хидратација и заздравување на испуканите пети, но овие 5 нудат најбрз и најдолготраен ефект:
Кокосово масло: Познато по своите хидратантни и антибактериски својства, кокосовото масло помага во навлажнувањето на сувата кожа и создава бариера против загуба на влага.
Глицерин: Овој хидратант привлекува влага во кожата и помага во подобрување на нејзината еластичност. Тој е особено корисен за третирање на суви области.
Уреа: Оваа состојка е одлична за хидратација и помага во отстранувањето на мртвите клетки на кожата, што ја прави кожата поиздржлива и помека.
Мед: Има природни антибактериски својства и помага во хидратација на кожата. Медот може да биде одличен за третирање на пукнатини и за одржување на влага во кожата.
Сок од лимон: Неговите киселини помагаат во осветлувањето на кожата и во отстранувањето на мртвите клетки, а исто така може да помогне во спречувањето на инфекции.
Маска за пети со домашни намирници
Состојки:
- 2 лажици кокосово масло
- 1 лажица мед
- 1 лажица глицерин
- 1 лажица сок од лимон
Упатство:
Во чинија, комбинирајте ги сите состојки и добро измешајте. Нанесете ја смесата на сувите и испукани пети, фокусирајќи се на пукнатините. Оставете маската да делува 20-30 минути, така што ќе ги завиткате стапалата со најлонска фолија и ќе облечете подебели чорапи.
Исплакнете со топла вода и нежно исушете ги нозете. За најдобри резултати, повторувајте ја оваа маска два до три пати неделно.