Сара Климоска

Сара Климоска

Младата ѕвезда која го освојува македонското и светското филмско небо

Со секоја улога, Сара Климоска внесува свежина, емоција и длабочина што тешко се заборава. Позната по автентичната изведба во филмовите Врба и Кајмак на Милчо Манчевски, Сара брзо стана синоним за новиот бран македонски таленти кои го освојуваат регионалното и светското филмско платно. Но, нејзиниот уметнички пат не застанува тука – покрај актерството, Сара се впушта и во режисерските води, истражувајќи нови начини на изразување и раскажување приказни. Без разлика дали е на филм, на театарска сцена или зад камерата, таа храбро ги поместува границите на својата креативност. Во ова интервју, Сара ни открива кои се нејзините инспирации, со какви предизвици се соочува како актерка и режисерка, и што ја мотивира да остане верна на себе во свет каде камерите се секогаш вперени.

Уметноста често се смета за лек за оние што ја консумираат, но дали и колку е лековита за оние што ја создаваат и презентираат?

Уметноста лечи душа, тоа е сигурно. Нè прави да се поврземе со приказната и естетиката и да се идентификуваме, и тоа нè прави подобри луѓе, поемпатични и покритични. И ова важи како и за уметниците, така и за публиката.
За мене театарот и филмот дефинитивно се канализација на своите емоции и мисли. Тоа е мојата психотерапија и затоа сум многу среќна што ја имам најубавата професија на свет. Се разбира, чувствувам огромна одговорност кон публиката за тоа каква содржина и каква идеја се шири преку проектите кои ги работам.

Дали некогаш сте почувствувале притисок како жена во индустријата?

Како и во секоја друга професија, жените се ранлива категорија. Во мојата професија особено, бидејќи сме доста изложени. Често ми биле упатени секакви коментари за тоа како го користам своето тело, кое всушност е инструмент за мојата работа. Среќа не ме допирале таквите коментари, бидејќи силно сум убедена во тоа дека јас и само јас одлучувам за себе и за своето тело.
Се разбира, во самата индустрија мажите често ја имаат повластената позиција. Жал ми е да напоменам дека жени режисерки можат да се избројат на прсти, а немаме ниту една жена директор на фотографија. Тоа кажува многу за состојбата на еднаквост во индустријата. Се надевам дека тоа во иднина ќе се менува.

Преку социјалните медиуми критиките стасуваат со брзина на светлината, дали гледате повеќе предности или недостатоци во тоа? Како се справувате со негативни критики или неуспеси?

Не верувам дека имам неуспеси, бидејќи секој проект ме учи на нешто, ме прави поискусна и позрела. Обожавам критики, кои се разбира се издржани и не се говор на омраза, бидејќи преку нив станувам подобра актерка и уметник целокупно. За жал, социјалните мрежи се полни со булинг и говор на омраза, но не треба сè да се сфаќа сериозно и треба да имаме филтер за тоа што треба да нè допира, а што не. На крајот на краиштата, не може да сме омилени секому и тоа е во ред.

Вие сте родена во Струга, потивок град покрај езеро во едно прекрасно време кога се играше на улица и кога постерите од филмските ѕвезди ги лепевме на ѕид. Какво детство имавте?

Родена сум во Струга, но живеев во Охрид до мојата осумнаесетта година пред да се преселам во Скопје на студии. Иако се поминати 12 години откако се отселив од Охрид, никогаш не престанаа да ми недостигаат езерото, чистиот воздух, чистите улици и архитектурата. Имам прекрасни спомени од детството, а и многу лоши што ме изградиле денес во овој човек што сум. За жал, многу ретко се враќам во Охрид бидејќи не ми дозволува времето, но сепак одам најмногу за да го посетам семејството.

Sara Klimoska

Честопати толкувате комплексни ликови, а на екранот тоа делува толку едноставно што е знак за добро завршена домашна задача. Како воопшто се подготвувате за вакви улоги? Дали ви откриваат нешто за себе што не сте го знаеле?

Јас сум работник и целосно се посветувам на тоа што го правам, стопроцентно, без задршка. Драго ми е дека сум добивала одлични шанси и ми било важно да придонесам колку што можам повеќе во секој проект. Често се потпирам на својата интуиција и дозволувам да ме води таа, заедно со режисерот и со останатата екипа. Но, се разбира, тука се важни и техниката и искуството. Секоја улога е истражување, откривање за себе, пронаоѓање и учење.

Гледаме како некои режисери создаваат специфична динамика со актерките со кои често соработуваат, како Квентин Тарантино со Марго Роби, додека Вуди Ален ја нарекуваше Скарлет Јохансон своја муза. Дали чувствувате дека постои посебна креативна поврзаност помеѓу вас и Милчо Манчевски?

Многу е убаво чувството кога знаеш дека си на иста бранова должина со режисерот. Во смисла на тоа дека лесно се разбирате, имате слични естетски вредности и двајцата сакате предизвици. Тоа е односот и соработката што ја имам со Милчо. Тој е исто така многу посветен работник и неверојатен креативец и навистина ми е драго што сум соработувала со него и се надевам дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.

Имате искуство со меѓународни продукции, па ме интересира дали различните културни контексти влијаат врз вашата глума?

Нашиот основен алат е јазикот и се разбира дека глумата на сопствениот јазик секогаш ја чувствувам како најточна. Но, како што напоменав, сакам предизвици и ми било задоволство да играм на јазици кои ги зборувам, а и јазици кои не ги зборувам, па сум ги учела за улога. Секој јазик има своја мелодија и најчесто се врзувам за мелодијата, која ми дава нови димензии на создавање улога и од мене излегува некој друг карактер. Дури, ми се чини дека кога зборувам охридски, чувствувам дека имам различен темперамент, поради специфичноста на дијалектот.

На што работите во моментов? Какво е чувството да се биде со статус „вработен“ во Драмски театар?

Драго ми е дека се вработив во театарот во кој сакав да се вработам. Долго го одолговлекував процесот на вработување, односно не се пријавував на претходните конкурси, бидејќи сметав дека треба да поминам доста во независната културна сцена и да донесам во театарот нешто што сум го собрала како искуство оттаму. Но, отсекогаш желбата ми била да се вработам во тој театар, бидејќи е најблиску до моите естетски вредности и културни политики и се занимава со современ театар и нови експериментални форми.
Во моментов се подготвувам за отворање на сезоната со претставите кои веќе ми се на репертоар и паралелно работам на руски јазик за нова серија.

Sara Klimoska

Вашето режисерско деби „Врзани“ е избрано за престижната програма European Short Pitch, која го истакнува потенцијалот за глобален успех на филмските проекти. Какво значење има ова за вас како режисер?

Влезот во програмата „Еуропеан Шорт пич“ со филмот „ВРЗАНИ“ само ми потврди дека тоа сценарио за филм навистина има голем потенцијал и еден ден треба да се оствари. Сè уште сме во процес на финансирање на тој филм и се надевам дека и еден ден ќе го гледаме на филмското платно.
Во меѓувреме, многу спонтано напишав и друго сценарио за краток филм со име „НОВА ЕНЕРГИЈА“, кој ова лето и успеавме да го снимиме со сопствени средства и пријатели спонзори, кои ни помогнаа финансиски да го поддржиме тој филм. Во моментов сме во постпродукција и речиси сме готови и филмот е спремен да ја почне својата авантура на светските фестивали. Имавме прекрасна екипа со чело на продуцентот Јорданчо Петковски кој е Македонец, но веќе дваесет години живее и работи во Србија. Филмот е во моја режија, а ко-режисер е Радован Петровиќ, а главната улога ја игра Тамара Ристоска. На огромна среќа, на проектот ни се приклучи неверојатната директорка на фотографија од Србија, Бојана Андриќ, која е потпретседателка на ИМАГО – Светската асоцијација на сниматели. Исто така, дел од проектот беше и Горан Игњатовски – маска, Михаил Панев – сценографија, Розе Трајчевска – костим, Петар Кочишки – камера оператор, Милка Анчевска – прв асистент и кастинг директор, Николина Неделковска – скриптер и многу други одлични автори без кои овој филм немаше да биде.

Дали има некоја кауза или тема што би сакале да ја истакнете преку вашата работа и дали тоа би го сториле преку улога или преку режија?

Режијата е сепак авторско дело кое дава многу поголема слобода за изразување, меѓутоа со тоа доаѓа и уште поголема одговорност. Ако филмот не е најдобар, речиси секогаш режисерот е виновен за сè, дури и ако некој актер е лош – режисерот е виновен. Режисерот ја дава големата слика во која сите останати соработници даваат свој креативен придонес.
Меѓутоа, се разбира дека и јас преку својата работа како актерка верувам дека пренесувам пораки, носам промени и создавам култура на гледање филм. Сепак, иако режисерот е креаторот на целокупната слика, филм може да се сними и без режисер, а не може да се сними без камера и актер.
Дали постои улога што сте ја одбиле, а подоцна сте посакале да ја прифатите?
Не сакам да се вртам назад и да гледам дали сум донела погрешна одлука во одредени ситуации. Во тој момент така сум се чувствувала и верувам дека тоа било точно. Секогаш гледам напред и гледам што може да се направи најдобро од денес па натаму.

Дали постои филм што го гледате постојано како извор на инспирација?

Јас не сум од тие луѓе што по неколкупати прегледуваат филмови, бидејќи постојано излегува нешто ново и гледам да бидам во тек со светската кинематографија. Но, се разбира, има неколку филмови кои ми останале во сеќавање и секогаш ми служат како референца за тоа што значи добар филм, како „Левиатан“, „Четири месеци, три недели, два дена“, филмовите на Дејвид Линч, Полански и многу други.

Како би сакале да ве запомнат како актерка?

На ова прашање најмногу се задржав, бидејќи креативноста на прашањето ме натера да се себепреиспитам и навистина да погледам во наредните 40 години. Се разбира, прво да сме живи и здрави, што би се рекло народски.
Би сакала да бидам запаметена како искрен актер, бескомпромисен, со постојана желба за промена и правење подобар театар, подобар филм и подобар свет генерално. Меѓу своите колеги би сакала да бидам запаметена како солидарна, колегијална и некој кој константно навива за сите да бидат што е можно подобри и да играат во што е можно подобри претстави и филмови.

Што би сакале да видите како промена во филмската индустрија?

За почеток, би сакала да видам едни среќни филмаџии кои се задоволни со проектите што ги работат. Би сакала да нема веќе вакви застои во снимањето како што се случи во претходните две години. Би сакала да видам повеќе млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со филм во нашата земја. И дефинитивно би сакала да видам повеќе застапеност на Роми во индустријата и поголема застапеност на жени, особено на позиции каде што и речиси ги нема.

Дали имате некое хоби или активност што ја практикувате за да се исклучите од динамиката на работата?

Во последно време развивам љубов кон планините, често го качувам Водно, Скопска Црна Гора и Матка. Знам често да засвирам на мојата гитара, да седнам да читам и, се разбира, терапија ми е кога ќе се видам со пријателите и ќе испијам по некој пијалак. Пред неколку месеци станав и моторџика, положив за мотор и си го купив првиот „Кавасаки“. Едвај чекам да дојде пролет и да тргнам на некој поголем пат со моторот на нови авантури.

Кои вредности се најважни за вас како млада жена во денешно време?

Многу ми е важна слободата, да можам да одлучувам за себе и за своето тело. Неодамна станав дел и ја ширам идејата на европската иницијатива „Мај војс, мај чојс“, која се залага за законска регулатива која ќе го направи абортусот легален во секоја членка на Европска Унија. Сметам дека на жените од Полска им сме потребни и на многу други кои имаат потешкотии да си го остварат своето основно човеково право.