Бети Котовчевска

Бети Котовчевска

Ледената кралица која руши табуа

Некои луѓе го бараат мирот во топлината. Други го наоѓаат во студот. Во овие вторите е Бети Котовчевска од Ресен, девојката која оди среде зима по планините за да најде река, езеро, водопад, и да се нурне во студената вода. Не поради тренд, туку за да му даде здравје на телото и мир на умот.

По тешката сообраќајна несреќа која ја остава неподвижна, Бети го открива методот на холандскиот „Леден човек“, Вим Хоф – техника што комбинира специфично дишење, ладна терапија и ментална дисциплина. Она што почнува како обид за лекување, прераснува во нејзина целосна животна филозофија.

Нејзиниот нов начин на живот ја носи дури до Лапонија, Финска, каде успева спокојно да дише во ледените води на температура од -34°C. Средбата со самиот Вим Хоф е само уште една потврда дека е на вистинскиот пат.

Во средина во која од мали нè учат да се штитиме од студот, Бети крши мраз – буквално и симболично.

Промовирате дружба со студот во средина во која сè уште слушаме: „Облечи се, ќе настинеш…Не оди бос…Нема капење денес, студена е водата…“ од родители кои веруваат дека студот е извор на болести. Штом заврне, парковите се празни. При ваков менталитет, дали е тешко да ја туркате вашата идеја? 

Постојано се среќавам со скептицизам и стари верувања дека студот носи болести, жал ми е за сите нови генерации што им ја префрлуваат таа колективна траума на нивните деца, а тоа потекнува од страв.

Ние сме деца на мајката природа, не сме створени да бидеме затворени меѓу 4 ѕида, напротив, створени сме да бидуваме во природа.
Вим Хоф методот не е моја идеја, ова е целосна докажана и покажана наука која ја студирам 9 години на себе, а засега сум единствена инструкторка во Македонија – каде сè уште ладната вода е табу тема заради неедуцираност, а за светот е многу позната, но пополека јас ја воведувам дома.

Некако секогаш наоѓам начини да го победам овој менталитет, но тоа не доаѓа лесно. Потребно е време и многу трпение за да ги промениш длабоко вкоренетите верувања. Но, без разлика на тоа, резултатите зборуваат сами за себе. Почнав со малку, само за себе, а сега, по 9 години, многу луѓе почнаа да го разбираат Вим Хоф методот со студот и да го применуваат.

Врнежите и празните паркови, секако, се потсетник на тоа колку е важно да го поместуваме нашиот ум и да ги прекинуваме старите навики. Луѓето ја сакаат комфорт зоната и тоа е сосема разбирливо, но поентата на овој живот е да излеземе од истата.
Студот не е извор на болести, туку лек за телото и за умот.

kotovchevska

Каква мака треба да има човек за да почне да се капе со студена вода?

Моето патешествие, за жал, започна од мака, но луѓето го практикуваат овој метод заради безбројните физички и психички добра.

Како на пример:

Подобрување на имунолошкиот систем: Вим Хоф методот ја зајакнува способноста на телото да се справи со инфекции и со воспаленија, што помага во градење на имунитетот.
Зголемување на енергијата: Техниката на дишење ја стимулира циркулацијата на кислород во телото, што води до поголема енергија и подобра издржливост.
Намалување на стресот и на анксиозноста: Комбинацијата на дишење и медитација помага да се намали нивото на стрес и да се подобри менталната јасност. Студената терапија стимулира ослободување на ендорфини, што создава чувство на среќа и на релаксација.
Зголемување на менталната фокусираност и контрола: Примената на дишењето и студената терапија помага да се подобрат самодисциплината и менталната флексибилност, што води до подобра концентрација и контрола над емоциите.
Подобрување на циркулацијата: Студената вода помага да се подобри циркулацијата во телото, што може да води до подобро снабдување на органите со кислород и со нутриенти.
Регенерација на клетките: Студената терапија помага во забрзување на процесите на регенерација на клетките и забавување на старењето.
Подобрување на спиењето: Практикувањето на Вим Хоф методот води до подобро и побогато спиење, благодарение на намалената анксиозност и подобрената циркулација.
Поголема толеранција на студ и температура: Примената на студената терапија ја зголемува толеранцијата на студ, што е корисно за целокупното здравје, а исто така помага за адаптација на телото на различни климатски услови.
Подобро ментално здравје: Постојаното практикување на методот поттикнува чувство на благосостојба, позитивност и севкупно ментално здравје.
Изградување на издржливост: Со редовно практикување на методот, телото и умот стануваат посилни, пофлексибилни и поиздржливи.

Дали методот може да има комплетен ефект ако се одвива само под туш, а не во природа?

Да, Вим Хоф методот може да има позитивен ефект и ако се практикува само под туш, без потреба да се биде во природа. Основната компонента на методот е дишењето. Студената вода, без разлика дали се наоѓате во природата или под туш, предизвикува слични реакции во телото. Таа го активира симпатичниот нервен систем, ја подобрува циркулацијата и ја зајакнува имунолошката функција. Под туш може да се практикува постепено, почнувајќи од кратки периоди на студена вода и постепено зголемувајќи ги времето и интензитетот.

Кога знаете дека телото е спремно за следниот чекор – капење во природа?

Знаете дека сте спремни за капење во природа кога:

Телото се навикнало на студ – ако можете да издржите подолги тушеви со студена вода без проблем.
Дишете смирено – ако вашето дишење е контролирано и се чувствувате спокојно во студени услови.
Ова е доколку одите сами низ методот, но доколку го практикувате со инструктор којшто ќе ве воведе, во случајов јас, тогаш оваа практика се учи и во една 5-часовна работилница.

Сте размислувале ли преку онлајн програма да го нудите овој метод? На кој начин луѓето стасуваат до вас за помош и на кој начин им помагате?

Секако дека да, јас работам и онлајн работилници, но како инструктор на ваков екстремен метод секогаш се залагам работилниците да се со физичко присуство, затоа што така може многу поубаво да научат и да ја осетат целата магија на заедничкото дишење, а потоа и капење. Па кога ученикот е спремен, учителот сам ќе се појави.
Самостојно се рекламирам на моите социјални медиуми Инстаграм и Фејсбук, таму најчесто објавувам кога и каде ќе биде следната работилница, исто работам и индивидуални работилници за луѓе што сакаат сами да се во овој длабок процес.

beti kotovchevska

Книгата на Вим Хоф е достапна на македонски јазик, но дали таа е доволна за човек да го разбере методот и самостојно да го применува? Дали постои опасност од погрешно применување?

Да, книгата на Вим Хоф е одличен ресурс за запознавање со методот и за почетно разбирање на неговите принципи. Содржи детални објаснувања за техниките на дишење, студената терапија и медитацијата, и може да биде многу корисна за оние кои сакаат да го применуваат методот самостојно. Но, дали е доволна за самостојно и безбедно применување на методот, зависи од личниот пристап и нивото на внимание што го посветувате на инструкциите.

Прекумерна изложеност на студ: Ако не се почитуваат препораките за постепено прилагодување, може да дојде до ризик од хипотермија или шок на телото. Во природни услови, студената вода е многу поекстремна отколку под туш, па не треба да се започнува со долг период на капење, особено без соодветна адаптација.

Погрешно дишење: Техниката на дишење може да предизвика хипервентилација, што може да доведе до несвестица, вртоглавица или дури и повреда ако не се применува правилно.
Така што јас како инструктор секогаш советувам: Aко веќе почнуваш сам, мораш да одиш со многу мали чекори.

Дали методот ги буди мирните луѓе, а ги смирува хиперактивните со глед на тоа што е симбиоза од две екстреми – мирно дишење во нестандардни услови?

Точно, Вим Хоф методот е симбиоза на две екстреми: мирно дишење во студени услови. За мирните луѓе, методот може да биде поттик за акција, разбудувајќи ги и помагајќи им да ја изградат самодисциплината и да добијат сила. За хиперактивните, студената вода и мирното дишење ги смируваат, помагајќи им да научат како да ги контролираат својот ум и тело. Во суштина, методот балансира енергија и смиреност, и е корисен за сите кои сакаат да се развиваат и да најдат внатрешна рамнотежа.

Сега ќе ве вратам назад на средбата со Вим Хоф… каков е во реалниот живот?

Среќавањето со Вим Хоф, мојот учител и втор татко, беше мојата најголема желба. Тој не е само човек кој зборува за методот, туку вистински го живее. Неговата енергија и страст се заразни и се чувствуваат веднаш кога ќе влезете во неговото присуство. Она што најмногу ме изненади е колку е искрен и реален.
Од него научив дека внатрешната сила и вера во себе се вистински клучеви за надминување на сите бариери, било тоа да се физички или ментални.
Во мојот случај беше физичка бариера, јас не бев подвижна 2 години после мојата сообраќајна незгода, а сега сум 100 % излечена.

Тоа што го зборува не е само теорија, туку практично искуство.
Неговата вера дека „не постојат невозможности“, туку само потенцијали за откритие на себе, е нешто што не може да се пренесе само со зборови или книги.
Таа треба да се доживее, да се почувствува лично, и само тогаш може целосно да се разбере.
Вим Хоф е жив доказ дека границите се повеќе ментални отколку физички, а вистинската сила е во контролата на умот и во дишниот процес. Тоа што го учи е многу повеќе од техниките – тоа е начин на живот и начин на гледање на светот.

hogman metod

Какво детство имавте, дали отсекогаш имавте длабока врска со природата? Што најмногу ви недостасува од тие безгрижни денови?

Да, Бети е растена уште од малечка во природа благодарение на моите прекрасни родители, се сеќавам дека дедо ми ме викаше жабче затоа што не излегував од вода, знаев да му се налутам, но сега потполно го разбирам.
Безгрижно детство, секој ден во склоп со природата. Кога сонцето ќе заминеше, тогаш се прибиравме и ние, моите родители не ме чуваа во стаклено звоно, туку ме оставаа и на дожд и на снег и на сонце, па така го изградив сето ова што сум денес.

Искрено, и моментално сум безгрижна, затоа што животот на планина е таков. Загрижена сум само кога патувам во поголемите градови и држави.

Доста патувате, па колку различните култури влијаат на вашиот поглед на светот?

Секако, патувањето е еден од најдобрите начини да се прошири перспективата и да се научат нови работи не само за светот, туку и за себе. Културите што ги посетив се многу различни, но секоја од нив оставила уникатен печат на мојот поглед на животот.
Едноставно ти се зголемува видикот за себеси, стануваш послободна и ги миеш сите работи што некој ти ги всадил а не биле твои. За мене, патувањето претставува ослободување на вистинското јас, кога си никој и ништо во нечија држава, тогаш си во вистинска светлина и баш си автентичното ти.

Каде се гледате себеси во иднина?

Сакам да продолжам да патувам и да видам што е можно повеќе култури, а во подалечна иднина планирам селидба во планина близу до река и апсолутна конекција со мајката природа, не се гледам во големи градови/држави. Сакам мирен и исполнет живот со љубов и разбирање, без брзање, туку уживање.

Ако една млада девојка денес ви се приближи и рече: „Сакам да бидам како тебе“, што би ѝ рекле да прави, а што да не прави?

Биде верна на себе – најважно е да се изгради сопствен пат и да се следи својата интуиција, без да се обидува да биде некој друг.

Бори се за своите цели – понекогаш патот ќе биде тежок, но важни се упорноста и страста за она што го правиш.

Не плаши се да учиш и да експериментираш – животот е процес на постојано учење и развој. Дозволи си да правиш грешки и да растеш од нив.

Биди храбра во своите избори – понекогаш ќе мораш да донесеш тешки одлуки, но ако веруваш во себе, ќе можеш да ги направиш со сигурност.

Што да не прави?

Не споредувај се со другите – секој пат е различен и е важно да се фокусираш на својот процес, а не на тоа што прават другите.

Не плаши се да кажеш не – важно е да поставиш здрави граници и да научиш кога да се повлечеш или да одбиеш нешто што не ти одговара.

Не заборавај да се грижиш за себе – понекогаш забораваме да се опуштиме и да се посветиме на нашето здравје и благосостојба.

Тоа е основа за овој живот.