Кога срцето удира посилно од секој удар – приказната на нашата најуспешна теквондистка
Во време кога спортските херои се ретки, Македонија доби своја нова ѕвезда – Милијана Рељиќ, теквондистка која со својата истрајност, храброст и талент го освои врвот на Европа. На Европското клупско првенство во 2025 година, таа се закити со златен медал, потврдувајќи ја својата доминација на континентот. Но, нејзиниот најголем подвиг се случи на Летните олимписки игри во Париз 2024, каде што во првото коло ја совлада двократната олимписка шампионка Џејд Џонс од Велика Британија – момент што ја вброи меѓу најголемите сензации на турнирот. Како носителка на македонското знаме на отворањето на Олимпијадата, Милијана не само што ја претстави земјата со гордост, туку и испиша историја.
Во ова ексклузивно интервју, таа зборува за чувството на победа, тешкотиите со кои се соочува како спортистка во Македонија, мотивацијата што ја движи напред и соништата што ги следи. Ова е приказна за девојка која, и покрај скромните услови, успеа да се искачи на врвот на европското теквондо.
Честитки за титулата Европска клупска шампионка! Како се чувствувавте во моментот кога станавте свесни дека сте прва во Европа?
Чуството е навистина прекрасно и не може да се опише со зборови. Во моментот кога станав свесна дека сум прва во Европа, ме преплавија емоции на радост, среќа и се чуствувам горда на самата себе. Во тој момент сфаќате дека сите напорни тренинзи, подеми, падови и сè што сте вложиле конечно се исплати. Оваа титула за мене значи дека ако се вложуваш сто насто во нешто и не се откажуваш, резултатот е неизбежен.
Победивте олимписка шампионка – како изгледаше еден таков меч однатре, од ваша перспектива?
Таа беше мојот идол уште од кога почнав да се занимавам со овој спорт и секогаш сонував еден ден да бидам на нејзино место. Да се најдам на татамите спроти двократна олимписка шампионка беше искуство коешто никогаш нема да го заборавам.
Јас и тренерот, уште два месеци пред настапот на Олимпијадата, знаевме дека во првото коло ќе се паднам со нејзе и, да бидам искрена, осетив мало разочарување. Таа беше најголемата фаворитка за освојување на златниот медал и чуствував голем притисок и трема. Но, благодарение на мојот тренер го поминавме тој момент, заедно, и тој секој ден ме потсетуваше колку сме вложиле – сите часови тренинг во рани утра, многу жртви и тоа ми даде огромна самодоверба. Во борбата влегов максимално фокусирана и верував во себе дека можам да ја победам. Борбата беше навистина тешка и неизвесна, но со добра тактика успеавме да ја добиеме. Доколку верувате во себе – сè е возможно.
Многупати е кажано дека тренирате во скромни услови. Што најмногу ви недостасува како спортистка во Македонија?
Да, вистина е дека тренираме во скромни услови и тоа е една од најголемите борби што ја водиме ние спортистите во Македонија. Претходната година, два месеци пред Олимписките игри, немавме сала за вежбање, тоа е огромно разочарување за еден спортист којшто се подготвува за најголемото спортско натпреварување. Додека позади другите спортисти, од другите земји, стои огромен тим како што се физиотерапевт, психолог, кондиционен тренинг, ние немавме ништо од тоа и се соочувавме со проблем како што е немање простор за тренинг. Но, после Олимписките игри, Олимпискиот комитет ни додели сала којашто може да ја користиме 24/7 и навистина сме благодарни за тоа.
Кој беше најтешкиот момент во вашата кариера досега и што ве натера да не се откажете?
Најтешкиот момент за мене и тренерот беше периодот кога мислевме дека сме оставени сами на себе, без основни услови за да можам да напредувам и без поддршка. Имаше моменти кога поради финансиски тешкотии, немање поддршка од институциите, немање сала, навистина сакавме да се откажеме. Но, некако сами, со свои финансиски средства и истрајност, успеавме да стигнеме дотука. Исто така, голема улога одиграа луѓето кои веруваа во мене – моето семејство, тренерот, пријателите, сите тие ми беа ветар во грб и огромна поддршка. И верувам дека секој успех е поубав кога ќе го постигнеш покрај сите препреки.
Кои се вашите следни големи цели? Дали Олимписките игри се на таа листа?
Следниот предизвик ни е Светското првенство во Кина 2025 во октомври, коешто ни е многу битно и носи огромен број поени за Олимписките игри. И, секако, она за што тренираме се Олимписките игри и ќе дадеме сè од себе да обезбедиме норма за следните Олимписки игри во ЛА и да се вратиме со медал.
Како изгледа еден ваш типичен ден – од станување до легнување?
Мојот ден започнува рано наутро, сакам да станувам рано, бидејќи ми дава чувство дека го искористувам денот максимално. После будењето, појадувам и се подготвувам за утринскиот тренинг. Првиот тренинг го работам со мојот кондиционен тренер Петар Баснарков, со кој работиме сила, издржливост, кондиција и слично. После првиот тренинг имам краток и одмор и доколку имам време, сакам да се видам со моите пријатели и да се дружиме. Во попладневните часови го работам мојот втор тренинг – теквондо, кадешто работиме техники, тактики, спаринг и слично. По завршувањето на тренинзите и сите обврски, се трудам вечерта да ја потрошам на одмор, добар сон, да прочитам некоја добра книга, да се опоравам за следниот ден да бидам одморна.
Колку часови дневно тренирате и како се грижите за опоравување после тешки тренинзи?
Во текот на денот тренирам 4 до 5 часа, а опоравувањето после тренинг е навистина битно, бидејќи тоа ни овозможува следниот ден да бидеме одморени и повторно да го дадеме својот максимум на тренинг. Најбитни елементи за мене, за опоравување после тешки тренинзи, се сонот, одморот и добрата исхрана. Исто така, користам одредени сумплементи, спортска масажа, ладни кади, коишто навистина помагаат во опоравување после тежок тренинг.
Колку е важна исхраната во вашиот спорт? Дали следите специфичен режим?
Исхраната игра голема улога во мојот спорт, бидејќи сме поделени во тежински категории. Тоа значи дека мора да ја одржувам мојата килажа за да влезам во мојата категорија, а притоа да не ги изгубам брзината, силината и издржливоста. Мојата исхрана се состои од разновидна и балансирана храна, односно од протеини, сложени јаглехидрати и здрави масти, избегнувам да јадам преработени производи и премногу шеќер. Пред натпревар знае да е навистина предизвикувачки, бидејќи губам 2 до 3 килограми и мора да се внимава многу на секој оброк.
Како се справувате со стресот пред големи натпревари? Имате ли некоја техника или „ритуал“ што секогаш го правите?
Стресот е присутен кај секој спортист, но треба да научиме како да се носиме со него. Дури и најголемите спортисти, светски, олимписки шампиони, чувствуваат стрес и трема. Пред натпревар обично ги исклучувам социјалните мрежи и телефонот за да можам да бидам фокусирана само на натпреварот. На денот на натпреварот слушам музика која ми помага да се опуштам и се потсетувам на сите успеси коишто сум ги постигнала и си повторувам –ти си најдобра. Тоа навистина ми го намалува стресот.
Кој е вашиот најголем внатрешен мотив? Што ве тера да продолжите, дури и кога е најтешко? Дали имате некоја мантра, цитат или мисла која често си ја повторувате?
Моето семејство и тренерот се мојот најголем мотив и секогаш ме туркаат напред кога ми е тешко и кога не можам самата и, секако, љубовта кон мојата земја секогаш да ја претставам во најдобро светло. Го сакам и често знам да си го повторам цитатот кој гласи: „Pain is temporary. Quitting lasts forever.“
Која личност најмногу влијае на вашето спортско оформување?
Mојот тренер Александар Ефтимов е најзаслужен за сето тоа што сум денес. Тој уште од првиот момент го препозна мојот талент, веруваше во мене и кога самата не верував. Тој за мене е најдобриот тренер на светот кој што дава сè и жртвува за да успееме.
Какви сте надвор од татамито? Со што се полните во слободно време? Имате ли хоби надвор од спортот – нешто што ве опушта и ви носи радост?
Надвор од татамите, Милијана е само обична девојка, којашто сака да помине време со семејството, пријателите, да оди на прошетка, да оди во кино. Исто така сакам многу ракомет и често знам да одам да гледам натпревар.
Дали успевате да најдете баланс помеѓу спортот и приватниот живот?
Да, успевам да најдам баланс помеѓу спортот и приватниот живот, иако понекогаш е тешко. Ги организирам деновите така што имам време за тренинг, за одмор и за луѓето кои ми значат.
Со што би се занимавале ако не бевте теквондистка?
Го сакам навистина ракометот и доколку не би било теквондото, тоа би било ракометот дефинитивно.
Што би им порачале на младите кои сонуваат за големи успеси, но се чувствуваат обесхрабрени поради недостаток на услови или поддршка?
Би порачала на сите млади, пред сè, да се занимаваат со кој било спорт – секако, јас би им го препорачала теквондото. Ќе има многу предизвици, тешки моменти, подеми и падови, но никогаш да не се откажуваат, бидејќи доколку нешто посакуваат со целото срце и веруваат – тоа може да се оствари.