Дани Димитровска

Дани Димитровска

„Песните сами по себе се емоција, а јас пренесувам што чувствувам без пардон“

Скопје во лето е тивко и жешко, но за Дани Димитровска тоа е време за креативни размисли, проби со бендот и вечерни прошетки по кејот. Веќе 25 години таа стои на сцената како еден од најпрепознатливите гласови на македонската поп-музика. Во овие две и пол децении Дани се менуваше и растеше – како жена, како уметник и како личност. Денес зборува за себеприфаќањето како најубав дел од зреењето, за тишината како терапија, за мајчинството како животна лекција и за музиката која останува нејзиното најслободно изразување.

Дани, каде сте во моментов? Работите на нова музика, настапувате, паузирате или сте посветени на семејството?

Ме затекнавте дома. Во полупразното Скопје. На сувото, жешко време под клима. Средувам тековни обврски, привршувам заостанати проекти, правам проби со бендот за претстојните настапи… Период на време за себе, за креативни размисли, за вечерни прошетки на кеј.

Поминаа години откако првпат застанавте пред микрофон – како ве променија тие години како жена, уметник и личност?

Поминаа 25 години откако првпат застанав пред микрофон на голема сцена. Менувањето е природен процес. Себеприфаќањето е најубавиот дел од зреењето. А до таму има изоден пат полн со лекции, предизвици, искушенија, спознанија. Се менуваме според тоа што искусуваме, а искусуваме она за што сме предодредени. Благодарна сум за сите падови и подеми, тие ме изградиле. Верувам дека нови искуства чекаат на реализација и фала богу да е така.

Верувате ли дека гласот зрее заедно со душата? Постојат ли песни што денес ги изведувате поинаку, со нова емоција?

Сѐ зрее, сѐ се менува. А песните… ехх, па песните сами по себе се емоција. А јас како непоправлив сензитивец, пренесувам што чувствувам без пардон. Ништо поослободувачко од пеењето. Вистина водена од внатрешната состојба, која многу често е различна. Па така и пеењето е различно. Не постојат погрешни чувства, со тоа ниту погрешни изведби и тоа е една од убавините на оваа професија.

Кога ќе се навратите назад – кој момент од кариерата ви е најдраг, а кој најпредизвикувачки?

Од оваа гледна точка, најсимпатичен период ми е почетокот. Еден тотално наивен влез на „Макфест“ без идеја за каков било план, а камоли цел. Невино трагање по себе, без насока и правец. Од оваа гледна точка, пак, забавен дел од кариерата е изодениот пат во кој се градев себеси како мозаик, составувајќи се дел по дел, милион ситни неправилни форми кои пробувам да ги вклопам во дадените услови, тајминзи, вкусови, рамки, менталитети… години поминати во безброј емотивни состојби пробувајќи секое парченце од мозаикот да е на своето место. Сѐ уште е забавен тој дел од кариерата и не се сите делчиња на предвиденото место. Не е склопен и не е совршен, но е најшарениот и најубавиот мозаик за кој јас знам.

Најпредизвикувачки период е овој кој го живеам денес. Со новите технологии и дефиниции за добра песна.

Dani Dimitrovska

Дали има моменти кога тишината ви е поважна од музиката?

Да. Ја сакам тишината. Ми делува терапевтски и редовно си ја слушам. Подеднакво ми е важна како и музиката.

Имате ли некаков свој ритуал пред настап? Нешто што ве поврзува со себе пред да излезете на сцена?

Немам ритуали. Излегувам на сцена таква каква што сум во дадениот момент. Таква сум најслободна за поврзување со публиката. Неограничена, несуетна, отворена и со сите сетила наострена. Тогаш сум спремна да предадам сѐ што имам и примам сѐ што заслужувам.

Како изгледа еден ваш обичен ден кога не сте на сцена?

Денот ми го одредува утрото, а утрото мислите. Вообичаено сум домашар. Си ги сакам пижамите, кујната и комјутерот. Кога ми се готви, утрата се осудени на пазарлак. Вечерните часови баш во летниов период се резервирани за долги прошетки. Кога не готвам, пишувам. Кога не пишувам, прередувам плакар кој никогаш не е нареден, а за моите 30 садници цвеќиња имам посебни часови за нега, како би се прчеле меѓусебно на темата: кој лист е посјаен?

Dani Dimitrovska

Во свет што постојано брза – како ја одржувате врската со себе?

Се исклучувам од светот. Суптилно и без најава.

Често ве поврзуваат со емотивност и сила – се доживувате ли така и во секојдневието?

Секогаш.

Како мајчинството ја промени вашата перспектива – не само кон музиката, туку и кон животот?

Станав мајка на 21 година. Не размислував за лични перспективи, иако знаев дека имам милион способности. Имав среќа што се водев по инстинкт, носев одлуки во дел од момент, препознавав сопствен импулс и делував. Мајчинството ми отвори нов свет и ми потврди дека сѐ што ми се случува е она што заслужувам и за што сум спремна да понесам. По заслуга. За добробит или лекција.

Кога последен пат направивте нешто само за себе, без чувство на вина?

Правам работи за себе и вина не чувствувам. Се трудам да поместувам сопствени граници, си давам домашни задачи, се испрашувам и наградувам.

Дали сте почувствувале нееднаквост во музичката индустрија поради тоа што сте жена?

Нееднаквост, не.

Денес од уметниците се очекува постојано присуство – на социјалните мрежи, брзи одговори, нови содржини, отвореност за пофалби, но и за инстант критики. Порано сè се сведуваше на еден скромен автограм, а денес изгледа како уметникот постојано да живее со „полна соба“ публика што никогаш не си оди дома. Како се справувате со овој притисок и како го чувате својот внатрешен мир?

Постои притисок само ако се натпреваруваш со некого. Новите алатки за популарност создадоа платформа за секоја една индивидуа во потрага по популарност и внимание. Таму е џунгла од притисок и натпревар. Набиена програма и оптоварен простор со кратки/брзи појавувања. Не сум дел од таа игра, иако е многу влијателна. Денес е лесно да постанеш популарен, работата е што со таа одговорност потоа. Сѐ зависи што сакаш да реализираш и за која цел. Одамна имам расчистено која сум и мојот избор е однос преку песна. Тоа е мојот мир.

Изгледате свежо, енергично и младолико – која е вашата тајна? Се работи за генетика, начин на живот или нешто трето?

Не секогаш сум свежа и енергична. Има моменти кога не сум ништо од тоа. Но, секој нов ден е нов почеток. Нов чист лист хартија. Ново спознание, стар проблем. Нов избор. Сѐ игра своја улога во големата мала претстава. Главата е многу важна карика. Мислите се моторот. Позитивниот став е причина за насмевка. Танцувај како никој да не те гледа. Тоа е мојата тајна за живот во животот.

Што би им порачале на нашите читатели кои живеат со здравствени предизвици, семејни грижи и сè помалку време за себе?

Сите ние имаме здравствени предизвици, семејни грижи и секојдневни проблемчиња кои како досаден комарец чекаат тишина за да бидат чуени. Прочитав во некоја книга неодамна, авторот вели: „Не грижи се за нешто што нема решение и не грижи се за нешто што има решение.“

Ништо не е поважно од овој момент и како го минуваш.

Ако животот е песна, која би ја пееле денес?

Let It Be.