Глазирана кожа

Глазирана кожа

Корејски метод за хидрирана кожа во лето

Ако е за лице и е корејско, мора да е добро, зарем не? Жените ширум светот полудеа по корејските производи, бидејќи тие навистина го исполнуваат ветувањето за здраво, свиленкасто лице со стаклест ефект.

Од корејската филозофија за нега произлегуваат бројни техники за хидрација и обнова на кожната бариера што можете да ги примените без разлика дали производите што ги користите се со корејско потекло или не.

Методот за заклучување на влагата во лицето (skin slugging) е техника која промовира нанесување густ слој (најчесто вазелин) како последен чекор во ноќната рутина со цел да се задржи влагата и да се нахрани лицето во студените месеци. Но, за ова ќе зборуваме штом почнеме да носиме капути.
Во овој број, ќе се фокусираме на методот на глазирање на кожата (skin glazing) – понова техника која промовира слоевита хидрација што не ги затнува порите и не му тежи на лицето.

Што подразбира методот на глазирање на кожата?

При овој корејски метод, наместо еден тежок слој, се нанесуваат повеќе лесни, водени производи во слоеви, со цел да се постигне сјајна, хидрирана кожа без чувство на мрснотија.
Треба да барате млечни тонери за лице и водени есенции што ќе можете да ги користите и неколкупати во текот на денот, бидејќи тие се лесни, не ја оптоваруваат кожата и се идеални за комбинирана и масна кожа, која секако може да дехидрира и покрај вишокот себум.

Зошто да го применувате овој метод?

„Во лето, особено кај масната и комбинирана кожа, слоевитото нанесување лесни текстури е одличен начин да се постигне хидрација без чувство на тежина на лицето“, вели д-р Шин-Јонг Чо, корејски дерматолог.

Оваа техника ја следи филозофијата на корејската убавина, но е поедноставена – наместо десет чекори, се користат само неколку лесни производи избрани така што ја хидрираат кожата и ја зајакнуваат кожната бариера.

Млечните тонери, според д-р Чо, играат важна улога во постигнувањето на стаклест, свиленкаст изглед на кожата – токму оној препознатлив финиш на корејската козметика.
Лесните слоеви се идеални за хидрација што дише, особено во потопли месеци или ако кожата е склона кон мастење.

Како се практикува оваа метода?

Глазирањето на кожата не бара сложена рутина – клучот е во редоследот и во лесните текстури.
Пример рутина:

  1. Чистење на лицето
  2. Мист (спреј) за лице
  3. Млечен тонер (за комбинирана/масна кожа) или водена есенција (за многу масна кожа)
  4. Крем за очи (по потреба)
  5. Хидратантен серум (со ниацинамид, азелаична или салицилна киселина за осветлување и регулирање на себум)
  6. СПФ дневна крема или лесен навлажнувач навечер
Како правилно се нанесуваат слоевите?
  • Секогаш нанесувајте од најлесен кон најтежок производ.
  • Оставете време меѓу слоевите за да се впијат – ако нешто е лепливо или ако се лупи производот од лицето, почекајте пред да го нанесете следниот.
  • Избегнувајте премногу активни состојки одеднаш (на пример, ретиноиди и киселини), бидејќи можат да ја иритираат кожата.
  • Ако користите водени формули, избегнувајте производи што содржат силикони.
  • Нанесувајте мали количини од секој производ – кожата има лимит на тоа колку може да апсорбира.
Постои ли ризик?

Да, ако претерате со бројот на производи или со активните состојки, можете да предизвикате иритација или да ја нарушите кожната бариера. Затоа е важно да ја слушате својата кожа и да ги приспособите чекорите според потребите.

Мини водич: Кои состојки да ги барате кај производите за глазирање?

За полесно снаоѓање при изборот на производи за оваа техника, еве неколку состојки кои се совршени за методата:

  • Хијалуронска киселина – врзува вода и длабински хидрира.
  • Глицерин – ја задржува влагата во кожата.
  • Ниацинамид – балансира себум, ги стеснува порите и го подобрува тенот.
  • Пантенол (витамин Б5) – смирува и ја обновува кожната бариера.
  • Зелен чај, азиска центела, алое вера – природни состојки за смирување на чувствителна и масна кожa
    Избегнувајте производи со многу алкохол или вештачки мириси, бидејќи тие можат да ја исушат или иритираат кожата, особено ако е осетлива.