И тоа само ако ги консумирате повеќе, без да се изгладнувате!
Никој никогаш не рекол дека слабеењето е лесно, а постојат многу контрадикторни совети околу тоа кој е најефективниот начин да се постигне посакуваната тежина. Сепак, истражувањата генерално покажуваат дека намалувањето на дневното внесување калории и зголеменото внесување протеини е добар пристап.
Едно поново истражување дава конкретни насоки како оваа стратегија може да биде успешна и вклучува уште еден важен нутриент во комбинацијата.
Истражувањето, објавено во списанието Obesity Science and Practice, откри дека внесување одредено количество калории, заедно со соодветни количини протеини и растителни влакна (тип на јаглехидрат кој телото не може да го свари, но кој помага во регулирање на варењето), е најдобрата комбинација за слабеење. Еве што точно покажало истражувањето и зошто оваа комбинација е толку ефикасна.
Што вели последното истражување?
Истражувачите вклучиле 22 лица кои присуствувале на 19 едукативни сесии за исхрана во текот на една година. Тие ги следеле промените во тежината, начинот на исхрана и телесниот состав на учесниците.
Учесниците биле охрабрени да ја следат т.н. индивидуализирана програма за подобрување на исхраната, која користи алатки за визуализација на податоци и едукативни сесии за да им помогне на луѓето да научат повеќе за исхраната и да ослабат.
Во суштина, програмата ги охрабрувала луѓето да го зголемат внесувањето на протеини и на растителни влакна, при што се препорачува вкупното внесување калории дневно да изнесува 1.500 или помалку. Менито на учесниците подразбирало околу 80 грама протеини и 20 грама влакна дневно.
По една година, 41 % од учесниците изгубиле речиси 13 % од својата телесна тежина. Истражувачите заклучиле дека постои силна корелација помеѓу количината на влакна и протеини што учесниците ја внесувале и нивната успешност во слабеењето.
Дали резултатите се значајни?
Иако станува збор за мало истражување, само 22 лица биле вклучени во студијата, резултатите се значајни.
Луѓето кои строго ја следеле исхраната изгубиле речиси 13 % од својата тежина, додека оние кои не ја следеле изгубиле само околу 2 %.
„Учесниците кои успеале да ја променат исхраната според советите, изгубиле тежина, додека оние што не успеале, изгубиле многу помалку“, вели коавторот на студијата д-р Манабу Т. Накамура, професор на Универзитетот во Илиноис.
Џесика Кординг, регистриран нутриционист и автор на книгата The Little Book of Game-Changers, вели дека резултатите не се изненадувачки. „Знаеме дека и протеините и влакната даваат чувство на ситост“, објаснува таа. „Тоа им помага на луѓето да се чувствуваат задоволно додека се во калориски дефицит, што пак овозможува доследност.“
Иако 20 грама влакна се помалку од препорачаните 25+ грама дневно, Кординг посочува дека „тоа сè уште е повеќе отколку што просечен човек внесува дневно“.
Дали ова ќе влијае на моето слабеење?
Треба да влијае! Идејата да се намалат калориите и да се зголемат протеините и влакната не е нова. Но, ова истражување нуди многу конкретни насоки како да се постигне успех.
„Нашата програма не забрануваше конкретни намирници или групи храна“, вели Накамура, додавајќи дека учесниците можеле да јадат сè, сè додека оброкот бил избалансиран. Тој додава дека успехот на програмата лежи во комбинацијата од ограничување на калории, внесување протеини и влакна, и прилагодување на вкусот на луѓето.
Кординг нагласува дека е важно да продолжите да јадете храна што ја сакате додека слабеете. „Понекогаш гледам луѓе кои мислат дека мора да јадат само здрави намирници, без разлика дали им се допаѓаат или не“, вели таа. „Но, полесно е да ги постигнете целите ако навистина уживате во храната што ја јадете.“
Иако се работи за мало истражување, Кординг вели дека резултатите се охрабрувачки. „Студијата е внимателно дизајнирана, резултатите се реални, а успехот би бил само поголем доколку бројката на учесници била поголема“, вели таа.