Калинка – Нутритивна граната против сезонски вируси

Калинка – Нутритивна граната против сезонски вируси

Достапна ни е само еднаш годишно, но дали и тогаш ја консумираме во доволни количини? Најверојатно не! Можеби затоа што тие вкусни црвени зрнца одземаат многу време за да излезат од лушпата?!

Интересно е тоа што калинката е основен дел од исхраната во сувите региони на Иран, Индија, Турција и Египет, каде се смета за суперплод. Технички, калинката припаѓа на семејството бобинки, а секој плод содржи над 600 семки со освежувачки сладок, но истовремено киселкаст вкус.

Зад убавиот изглед на овие сочни зрна се крие вистинска нутритивна моќ што треба да ја искористите.

Нутритивен приказ

Овој зимски плод изобилува со полифеноли – моќни антиоксиданти што ги штитат клетките од слободните радикали, односно од воспаленија, стареење и одредени видови рак.
Калинката содржи повеќе антиоксиданти дури и од зелениот чај!

Покрај тоа, калинката е и одличен извор на калиум – важен електролит за правилна мускулна функција.

Еве како изгледа нутритивниот состав на една чаша семки од калинка:

  • Калории: 144
  • Масти: 2 г
  • Заситени масти: 0,2 г
  • Јаглехидрати: 33 г
  • Натриум: 5 мг
  • Шеќери: 24 г
  • Влакна: 7 г
  • Протеини: 3 г

Ако шеќерот ви падна во очи, да, калинката содржи доста повеќе во однос на други плодови. Но, затоа изобилува со растителни влакна кои водат до подобра регулација на шеќерот во крвта.

Здравствените придобивки од калинката се навистина сериозни!

1. Го поддржува здравјето на срцето

Калинката навистина придонесува за здрава циркулација. Истражувањата покажуваат дека секојдневното консумирање сок од калинка може да го намали крвниот притисок, да го спушти лошиот (LDL) холестерол и да го подобри протокот на крв. Полифенолите, танините и антоцијанините, сите присутни во калинката, заедно придонесуваат за подобро здравје на срцето.

2. Го поттикнува функционирањето на мозокот

Калинката нема да ви подари фотографска меморија, но може да ја подобри вашата концентрација. Истражувањата сугерираат дека редовната консумација може да ја подобри краткотрајната когнитивна функција, особено кај средовечни и повозрасни лица. Сето ова повторно се должи на антиоксидантите, кои ги штитат мозочните клетки од оштетување.

3. Помага при болки во зглобовите

Антивоспалителните својства на калинката можат да помогнат при артритис или воспалени зглобови. Иако се потребни дополнителни истражувања, досегашните резултати се ветувачки.

4. Добра е и за дигестија

Половина чаша семки од калинка содржи околу 4 грама влакна – доволно за да ви помогне редовно да ги празните цревата. Сокот од калинка, пак, може да ја намали воспаленоста во цревата, велат студиите. Чај од сува кора од калинка е познат и признат лек за дијареа.

Сепак, не претерувајте со количината!

Иако калинката звучи како совршена намирница, не треба да се јаде во неограничени количини. Содржи природни шеќери, па лицата со дијабетес треба внимателно да го мерат внесот. Исто така, ако пиете лекови за холестерол или притисок, задолжително консултирајте се со лекар, бидејќи калинката може да влијае на апсорпцијата на одредени лекарства, слично како грејпфрутот.

Калинката и слабеењето?

Калинката може да биде дел од планот за слабеење – половина чаша има помалку од 100 калории и доста влакна што заситуваат. Истражувања покажуваат дека лицата кои редовно јадат овошје (три порции дневно) губат повеќе килограми отколку оние што јадат помалку.

Сокот од калинка е подеднакво здрав избор

Ако не сакате семки, сокот од калинка е одлична алтернатива. Има висока концентрација на витамини Ц и К и антиоксиданти – но, само свежо цедениот. Сепак, целото овошје има предност поради влакната кои го стабилизираат нивото на шеќер.

Идеи за уживање во калинката

Семките од калинка се повеќе од декорација – тие се вистински гастрономски бисер.

  • Додајте ги во смути наместо бобинки.
  • Измешајте ги во салати за боја и свежина.
  • Посипете ги врз јогурт или овесна каша.
  • Или украсете со нив празнични коктели и безалкохолни пијалаци.