Кога зимата ќе ги прекрие Алпите со величествената бела прекривка, гратчињата под нив стануваат уште поубави и поспокојни. Едно од нив е Блед – мало словенечко гратче каде природата, традицијата и мирот живеат во совршена хармонија. Во јануари, Блед изгледа како сцена од филм: езерото тивко, воздухот свеж, а погледот кон снежниот остров како да ве кани да забавите со темпото и да уживате во моментот.
Езерото што го чува духот на зимата
Главната сцена е секако езерото Блед. Дали ќе одберете тивка прошетка по уредената патека или кратка медитација со поглед кон островот, зимската тишина секако е лековита за бучниот мозок. Ако времето е доволно студено, езерото понекогаш добива тенок мраз на површината, што му дава уште попразнична атмосфера.

Островчето – таму каде желбите се исполнуваат
Во центарот на езерото се наоѓа мал остров со црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Дотаму најубаво се стигнува со традиционален брод, управуван од локални веслачи. Според легендата, оној што ќе го удри ѕвоното во црквата и ќе замисли желба – ќе ја оствари. Прекрасен повод за мала зимска авантура!
Бледскиот замок – стражар над езерото
На една карпа над езерото, се издига Бледскиот замок, најстариот словенечки замок. Во јануари, погледот оттаму е вистинска зимска разгледница: планините во далечината, тивкото синило на езерото, островот како бисер… А во самиот замок може да се посетат старите одаи, музеј, па дури и традиционална винарија во која посетителите сами можат да си наполнат шише и да го запечатат со восок.
Термално уживање – топлина среде студ
По прошетка низ студениот алпски воздух, телото и душата најмногу уживаат во природните термални извори. Неколку хотели покрај езерото имаат базени со топла минерална вода, идеална за опуштање, регенерација на мускулите и подобрување на циркулацијата.
Гастро уживање
Блед има свој заштитен знак: бледската кремшнита или крем пита – лесен ванила десерт со крцкава кора. Едно парче е доволно за да сфатите зошто целиот свет го знае ова мало слатко чудо.
