Од заборавен град до светска сензација
Постојат места што едноставно ги посетуваме. И постојат места што нè менуваат. Матера припаѓа на вторите. Таа останува во сеќавањата, во чувството, во тишината што ја носи. Тоа е град што не вика гласно, туку шепоти. И ако го слушнете доволно внимателно, ќе ви раскаже приказна што нема да ја заборавите. Сместенa во срцето на јужна Италија, овој град не е само дестинација, туку жив музеј впишан во карпите и времето.
Живот издлабен во вечноста

Матера е еден од најстарите населени градови во светот, со историја долга повеќе од 9 000 години. Наместо да се гради нагоре, тука животот се врежувал навнатре: куќи, цркви, па дури и цели квартови се ископани директно во варовничките карпи.
Овие пештерски домови не се само архитектура што предизвикува восхит, тие се сведоштво за човечката издржливост. Во минатото, Матера била симбол на сиромаштија и беда, за денес да се трансформира во културна и туристичка сензација.
Кога каменот оживува
Најмагичниот момент во Матера е токму кога сонцето почнува да заоѓа. Топлата светлина ги бои камените фасади во златни и розови нијанси, додека градот постепено се претвора во светлосна мапа од илјадници мали ламби. Шетањето низ тесните, лавиринтски улички е како откривање тајна зад секој агол – мала тераса со поглед, стара врата со цветни саксии или тивка црква скриена во карпа.
Ноќ во пештера – луксуз со душа
Она што некогаш било симбол на сиромаштија, денес е врв на уникатен луксуз. Матера нуди искуство што ретко се доживува – ноќевање во пештерски хотел. Замислете си простор со камени ѕидови, меко осветлување и минималистички дизајн, каде што историјата и модерниот комфор се спојуваат во совршена хармонија.
Вкусот на југот
Ниту една приказна за Италија не е целосна без храната. Во Матера, гастрономијата е едноставна, но автентична. Свеж леб печен по традиционални рецепти, маслиново масло со интензивен вкус и локални вина што ја раскажуваат приказната на регионот.
