Сместена на западниот брег на Грција, покрај тиркизните води на Јонското Море, ова мало гратче плени со атмосфера што потсетува на медитеранските разгледници – шарени фасади, тесни улички од калдрма, мирис на морска сол и вечери што траат до доцна под светлата на малите таверни.
На прв поглед, Парга изгледа како спој помеѓу грчки остров и италијанско крајбрежно гратче. Куќите се наредени амфитеатрално по ридот, во нијанси на жолта, портокалова и црвена боја, додека над нив доминира старата венециска тврдина – симболот на градот и местото од кое се отвора еден од најубавите погледи кон заливот.
Во текот на денот, животот во Парга се движи бавно и лесно. Локалните плажи, како Valtos и Piso Krioneri, нудат кристално чиста вода и опуштена медитеранска атмосфера. Утрото започнува со кафе покрај морето, продолжува со долги капења и прошетки низ малите продавници со рачно изработен накит, маслиново масло и локални деликатеси.
Но, вистинската магија на Парга започнува навечер.

Кога сонцето ќе потоне во Јонското Море, градот добива сосема поинаков ритам. Светлата од рестораните се рефлектираат на водата, музиката тивко се слуша од малите барови, а шеталиштето се исполнува со луѓе кои без брзање уживаат во топлите летни ноќи. Токму таа комбинација на енергија и мир ја прави Парга толку посебна.
Тука нема преголем луксуз, нема пренападна гужва, туку само едноставна медитеранска убавина што лесно освојува.
15 август – денот кога Парга е најмагична
По повод празникот Успение на Пресвета Богородица, пристаништето и тврдината се претвораат во спектакуларна сцена со огномет, светлосни ефекти и музика што трае до доцна во ноќта. Најдобриот поглед е од шеталиштето покрај морето или од некоја од таверните со поглед кон тврдината.
