Додека градот сè уште спие во длабока тишина, меки и топли сончеви зраци нежно ве галат по лицето. Ве будат тивко и ви најавуваат нов ден, нова чиста страница, уште една прекрасна шанса за личен напредок, мир и победа. Не затворајте ги ролетните! Станете на две нозе, вдишете го свежиот утрински воздух и прегрнете го денот пред сите други.
Дали би се одлучиле на овој чекор ако знаете дека зад него се крие клучот за вашето ментално и физичко здравје?
Го подобрува менталното здравје
Раното будење носи непроценливи моменти за себе. Кога утрото го започнувате без брзање, имате простор за вежбање, планирање или едноставно уживање во тишината, што спонтано води до позитивно расположение. Плус, раната изложеност на дневна светлина може природно да го подобри расположението.
Истражувањата потврдуваат дека луѓето што го поместуваат распоредот за спиење само два часа порано чувствуваат значително помал стрес и депресија. Голема студија, опфаќајќи над 840.000 лица, покажа дека склоноста кон рано будење го намалува ризикот од депресија за дури 23 %. Спротивно на тоа, доцното легнување често е поврзано со поголема анксиозност и негативни мисли.
Ја подобрува продуктивноста
Нашиот мозок е биолошки програмиран за будност во утринските часови благодарение на циркадијалниот ритам. Со првата дневна светлина, телото постепено ја зголемува температурата и ослободува кортизол, кој природно нè прави будни и фокусирани, без потреба од итни количини кофеин.
По будењето, сите минуваме низ т.н. инерција на спиењето (утринска зашеметеност) која трае од 2 до 4 часа. Кога станувате порано, му давате време на мозокот целосно да се разбуди пред да започнат работните обврски. Истражувањата откриваат дека утринските типови ретко ги одложуваат обврските, имаат побрзи реакции, покажуваат поголема иницијатива и полесно ги остваруваат своите цели бидејќи имаат помалку дистракции.
Придонесува за поквалитетен сон
Редовното придржување до исто време на легнување и на будење може да помогне во регулирањето на циркадијалниот ритам и да придонесе за поквалитетен сон.
Во едно истражување, луѓето што легнувале и станувале порано имале подолг и поквалитетен сон во споредба со оние што легнувале и се буделе подоцна.
Една од можните причини е тоа што доцното спиење може да го намали времето поминато во РЕМ-фазата на сонот. Меѓудругото, РЕМ-сонот е важен за обработка на сеќавањата, регулирање на расположението и заштита од деменција. Едно истражување покажало дека секое намалување на РЕМ-сонот за 1 % било поврзано со зголемување на ризикот од деменција за 9 %.
Други истражувања покажуваат дека луѓето што легнуваат подоцна почесто се соочуваат со вознемирувачки мисли пред спиење во споредба со оние што легнуваат и стануваат порано. Тоа може дополнително да го наруши квалитетот на сонот.
Го подобрува здравјето на кожата
Бидејќи раното будење се поврзува со поквалитетен и подлабок сон, истражувањата укажуваат дека тоа може позитивно да влијае и врз здравјето и изгледот на кожата.
За време на спиењето, клетките на кожата се обновуваат, протокот на крв се зголемува, а колагенот учествува во обновување на оштетувањата предизвикани од изложеноста на ултравиолетови зраци.
Токму затоа, последиците од неквалитетниот сон честопати веднаш се забележуваат на лицето. На пример, едно истражување покажало дека само една ноќ со лош сон може да предизвика отечени очи, потемни подочници и поизразени брчки и фини линии.
Придонесува до поквалитен избор на храна
Луѓето што се будат порано најчесто имаат повеќе време да подготват здрав појадок, кој според истражувањата може да донесе повеќе здравствени придобивки.
Едно истражување покажало дека редовното појадување може да помогне во намалувањето на ризикот од дијабетес тип 2, додека други истражувања укажуваат дека прескокнувањето на појадокот може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања.
Истражувањата покажуваат и дека луѓето што јадат здрав и избалансиран појадок имаат повеќе енергија во текот на денот и можат да бидат побудни и порасположени од оние што го прескокнуваат утринскиот оброк.
Како да си го олесните раното станување?
Дајте му време на организмот да се приспособи
Истражувањата покажуваат дека доследноста е клучна за да ги почувствувате придобивките од раното будење. Придржувањето до приближно исто време за легнување и будење ќе му помогне на организмот да воспостави стабилен ритам.
Доколку сте навикнати да се будите подоцна, најверојатно ќе треба постепено да го приспособите и времето за легнување. Останувањето будни до доцна е една од главните причини поради кои луѓето тешко стануваат рано.
Дури и да станете рано по доцно легнување, нема да можете целосно да ги почувствувате придобивките доколку сте ненаспани.
На некои луѓе им помага постепено да го поместуваат времето за спиење и будење во текот на неколку дена, со што му овозможуваат на организмот полесно да се приспособи.
Бидете доследни и за време на викендот
По цела работна недела исполнета со рано станување, можеби ќе бидете во искушение да спиете подолго за време на викендот. Сепак, истражувањата покажуваат дека тоа може да направи повеќе штета отколку корист.
Задоцнетото легнување и будење за време на викендот може да има сличен ефект како промената на временската зона при патување. Тоа се случува затоа што се нарушува циркадијалниот ритам, па организмот се чувствува како да се наоѓа во друга временска зона.
Ова може да објасни зошто многу луѓе се чувствуваат особено уморно кога во понеделник се враќаат на работа.
Од друга страна, почитувањето на распоредот за спиење и за време на викендот води до поквалитетен сон, но и до полесно будење во текот на работната недела.
Поставете го алармот подалеку од креветот
Според истражувањата, повеќе од половина од возрасните го одложуваат алармот наутро. Тоа укажува дека за многумина најтешкиот дел е самото станување од кревет.
Доколку и вие ја имате оваа навика, поставете го алармот на спротивната страна од собата, за да мора да станете и да го исклучите.
Не обесхрабрувајте се доколку на почетокот ова ви изгледа тешко. Раното будење станува полесно со текот на времето, откако организмот ќе се приспособи на новиот циркадијален ритам.
Изложете се на силна светлина веднаш по будењето
Утринската светлина има особено важна улога во регулирањето на циркадијалниот ритам. Таа му испраќа сигнал на мозокот да го прекине создавањето мелатонин, хормонот на спиењето, со што се зголемува чувството на будност.
Стручните лица препорачуваат веднаш по будењето да ги отворите ролетните или завесите и да се изложите на природна дневна светлина.
Смислете утринска рутина на која ќе ѝ се радувате
Полесно е да станете од кревет кога наутро ве очекува нешто пријатно. Едноставни нешта, како утринско кафе или вкусен појадок, можат да направат голема разлика.
Вклучувањето физичка активност во утринската рутина може да биде особено корисно, бидејќи ја зголемува будноста и целокупното ниво на енергија, а воедно создава позитивен почеток на денот.
Слични придобивки се поврзуваат и со утринската медитација и практикувањето свесна присутност.
