Одберете растенија во зависност од осветленоста во просториите. Запомнете, помала е штетата ако ги оставите цвеќињата неколку дена без вода, отколку да ги прелиете. Со овие неколку видови невозможно е да погрешите.
За боја и свежина во просторот, декорирајте го домот со цвеќиња едноставни за чување.
Тиландсија
Целиот вид опфаќа околу 650 растенија и сите до едно растат без земја што ги прави одлични за почетници. Еднаш неделно натопете го растението во вода околу половина час, а потоа со кујнска хартија нежно избришете ги листовите. Поставете го во ваза, во стаклен сад, на подлога од дрво или на кое било друго место во домот каде влажноста е поголема. Кога растението цвета, се појавуваат околу 2 до 8 пупки во еден циклус. Со отстранувањето на пупките, придонесувате тоа да се размножи.
Спатифил
Ретко кој останува рамнодушен на белите листови на ова растение. Сместете го на топло и повлажно место во домот, но избегнувајте директна светлина. Растението е чувствително на хлор, па затоа, ако сте во можност, полевајте го со флаширана вода еднаш на секои 10 дена, а аеднаш неделно прскајте ги листовите со вода. Пресадувајте го секоја втора година, штом ја надрасне саксијата. Наведнатите листови се знак дека на спатифилот му недостасува вода, а жолтите и кафени врвови дека сте претерале со залевањето. Спатифилот е одличен прочистувач на воздухот.
Монстера
Големите и темнозелени листови одлично се вклопуваат во модерните и ненатрупани ентериери. Расте до метри височина, а засенетото место најмногу му одговара. Потребно му е многу малку вода (во лето на секои 5 дена, во зима на секои 10). Листовите повремено прскајте ги со вода, а еднаш месечно потхранувајте го со ѓубриво за листести растенија.
Ѓаволски бршлен
Ако ви треба мотивација за одгледување цвеќиња, ова е вистинскиот избор бидејќи им успева на сите. Потребна му е многу малку светлина, а вода еднаш неделно. Штом забележите дека листовите го губат сјајот, освежете ги со вода. Имајте на ум дека бршленот е всушност ползавец, па планирајте каде ќе го распостелете.
Сансеверија
И да заборавите да ја полеете, таа ќе преживее. Сансеверијата складира вода во нејзините темнозелени дебели листови. Изискува лесна плодна земја мешана со речен песок. Пред да ја полеете со вода, проверете дали земјата е целосно сува. Во зимскиот период доволно е да ја полеете само еднаш месечно. Важно е да ја залевате со стоена, дестилирана вода или дождовница. Не дозволувајте да се собира вода помеѓу листовите, бидејќи може да дојде до гниење на коренот.
Сукуленти
Сукулентите ја задржуваат водата во листовите и во стеблото. Воодушевуваат со изгледот, а се многу лесни за одржување. Најдобро е сукулентот да го посадите во долгнавеста саксија, бидејќи има тенок и долг корен. Земјата треба да е пропустлива исто како кај кактусите. Наводнувајте го еднаш на 10 дена, а во зима еднаш месечно.
Кактус
Можете да бирате меѓу 1750 видови кактуси кои во домот се пожелни за да ја апсорбираат сината светлина што ја емитуваат екраните. Кактусот најмногу успева во почва која воопшто не задржува вода и е специјализирана за кактуси. Кактусите сакаат барем неколку часови светлина во текот на денот, па најдобро е да ги сместите крај прозорецот. Додавајте му по малку вода еднаш во неделата од пролет до есен, но само ако земјата е целосно сува.