Дали исто го гледате светот со партнерот?

Дали исто го гледате светот со партнерот?

Партнерите кои го гледаат светот со исти очи, водат помалку неизвесен и поисполнет живот, особено во хаотични времиња како денешните.

Сетете се на момент кога сте сфатиле дека размислувате за светот на ист начин како некој што ви е близок. Можеби сте споделиле интимна шега со пријател или сте реагирале на некоја вест и веднаш сте знаеле дека вашиот партнер би имал исто мислење.

Ваквото доживување, психолозите го нарекуваат заедничка реалност – нешто што може да се искуси и во долгорочни односи и во кратки интеракции со непознати луѓе. Истражувањата покажуваат дека чувството на заедничка реалност, односно гледањето на светот на ист начин како некој друг, носи придобивки како чувство на блискост. А кога се обидуваме да разбереме нешто нејасно, чувствуваме поголема сигурност во нашата интерпретација ако соговорникот го гледа тоа исто како нас.

Нов сет студии открива уште една корист: Споделувањето заедничка реалност со романтичниот партнер им помага на луѓето подобро да го разберат светот, а со тоа и да чувствуваат поголема смисла за животот. Според трудот објавен во Journal of Personality and Social Psychology, ова дури може да нè одржи и во периоди на стрес и на неизвесност.

Ми значиш, ти значам

Истражувачите побарале од учесници во врски да пополнат прашалници за квалитетот на нивната врска, чувството на смисла во животот и заедничката реалност со партнерот, мерени преку изјави како: „Обично ги споделуваме истите мисли и чувства за….“.

Кај 96 парови, истражувачите ја анализирале и нивна интеракција додека едниот партнер зборува за својот најголем страв. Видеата од интеракцијата биле анализирани за да се утврди колку заедничка реалност покажуваат, на пример: колку често се согласуваат, си ги довршуваат речениците, како и колку љубов и наклонетост искажуваат еден кон друг.
Откритието? Паровите со посилна заедничка реалност, и според прашалниците и според однесувањето, пријавиле поголемо чувство на смисла во животот. Но, да разграничиме, споделената реалност не е мерило за тоа колку партнерите се задоволни од својата врска.

Иако задоволството во врската има одредено влијание, врската меѓу однесувањата поврзани со заедничката реалност и смислата во животот постои и откако ќе се исклучи факторот љубов и наклонетост. Со други зборови, да го прифатите начинот на кој вашиот партнер ја доживува реалноста, покажувајќи дека го гледате светот како него, носи многу подлабоки придобивки отколку само покажување грижа.

Како заедничката реалност помага во време на стрес? Во две последователни студии, истражувачите ги проучувале: здравствените работници во раната фаза на пандемијата КОВИД-19 и Афроамериканците по убиството на Џорџ Флојд.

Анкетата во која биле вклучени 190 Афроамериканци, пролетта и летото 2021, покажала дека партнерите кои споделуваат посилна заедничка реалност исто така пријавуваат поголема смисла во животот. Истите тие партнери чувствувале помала неизвесност околу моменталната ситуација.

Во студија со над 100 здравствени работници во 2020, истражувачите откриле дека заедничката реалност не водела до директно чувство на поголема смисла за работата, но ја намалувала неизвесноста за истата. Токму таа намалена неизвесност, пак, ги поттикнувала овие луѓе да ја доживуваат својата работа како поосмислена.

Како да изградите заедничка реалност со партнерот?

Дали моменталните промени во чувството на заедничка реалност даваат слични придобивки?

Истражувачите побарале од 364 учесници да се сетат на времето кога биле синхронизирани со партнерот и кога не биле. Потоа ги прашале колкава неизвесност чувствувале за темата во тој момент, но и колку им се чинел животот исполнет со смисла кога биле на иста страна.

Резултатот? Сеќавањето на период или момент на согласување предизвикувало помала неизвесност. Помалата неизвесност секогаш водела до зголемување на чувството на смисла за животот.

Иако чувството на заедничка реалност само по себе не ја зголемува смислата за животот, индиректно придонесува таа смисла да порасне така што ја намалува неизвесноста.
Сепак, постои потенцијален ризик: ако заедничката реалност е премногу силна, може да ги ограничи новите идеи. Водечката авторка на трудот, Катарина Енестрам, предупредува дека висока заедничка реалност може да ја намали отвореноста за алтернативни перспективи или да ги засили ехо-коморите – состојба којашто се создава под влијание на компјутерски програмирани алгоритми коишто ги одредуваат информациите што ги примаме. Потребни се дополнителни истражувања за да се утврди кога заедничката реалност е навистина корисна, а кога не.

Ако чувствувате како да не сте синхронизирани со партнерот, пробајте го следново:
  • Одвојте време за отворена комуникација
  • Споделувајте активности (на пример, гответе заедно или спортувајте)
  • Размислувајте за заеднички спомени и идни цели

Создавањето заедничка реалност со вашиот партнер не само што ја зголемува блискоста и ја намалува неизвесноста за светот, туку може да ви помогне да го доживеете животот како поисполнет. Сепак, имајте на ум дека она што го одржува односот жив и интересен се различните ставови што треба да се надминат.