Едно поинакво режирање на реалноста
Младата режисерка Дина Дума поседува талент кој Европа го препозна уште на самиот старт на нејзиното креативно творештво. Нејзиниот краткометражен филм „Враќање“, собра неколку награди низ филмските фестивали низ Европа, а тоа беше сосемa доволно за Дина да застане рамо до рамо со далеку поискусните колеги во филмската режија.
Нејзините фокус-теми се доста комплексни, теми за кои повеќе се молчи. Но, преку префинет уметнички израз, Дина наоѓа начин да фрли светлина врз нив и да ги актуализира со цел да поттикне промена во општеството.
Токму тоа го стори со својот прв дебитантски долгометражен филм „Сестри“.
Филмот премиерно беше прикажан пред македонската публика на отворањето на 42-то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Филмот „Сестри“ се закити со Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари и беше македонски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм за 2022 г., одбран од Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).
Уште поважно, филмот се закити со голема популарност меѓу гледачите од сите генерации. „Сестри“ обработува добропозната тема за која обично се зборува меѓу редови. Филмот е брутална исповед на реалноста што ја живеат тинејџерите денес.
Врсничкото насилство и изложувањето на туѓата интима пред бројната јавност на социјалните мрежи се глобални проблеми поради кој страдаат најкревките, тинејџерите.
Негативниот удар врз развојот на овие млади жртви е двојно поголем поради деликатноста на нивниот карактер, сосема својствен за годините.
Свесни сме, но сите молчиме! Имаме став кој останува задушен во нашето неделување. А како да делуваме?
Дина Дума го одбра филмот и одбра добро! „Сестри“ се врежува во потсвеста, како реална приказна што во моментот кога ќе ја чуете не престанувате да ја прераскажувате, за да стигнете да ги предупредите сите.
„Сестри“ е лекција за секој родител!
Љубомора, завист, љубов, почит, неверство, отсекогаш имало и ќе има. Истото е и со насилството меѓу врсниците. Според ваше мислење, дали социјалните медиуми само направија да се гледа она што порано се случуваше зад затворени врати или направија полошо, луѓето ги претворија во луѓе без морал, па следствено на тоа зачестија булинг случаите?
Новите генерации се родени со социјалните медиуми и за нив еден лајк може да значи сè. За да добијат еден лајк или следбеник, спремни се да одат далеку. Тие се опседнати со тој свет, а ние постарите не обрнуваме доволно внимание на овој проблем затоа што не сме ни свесни колку многу им значи и колку овој виртуелен свет е нивна реалност. Драго ми е што „Сестри“ стана еден мост што ги поврзува генерациите и ги отвора овие прашања, но за жал младите кај нас не се опремени со алатки и знаења за тоа како да се справат со врсничкото насилство и траумите кои остануваат. Дополнително, ни образовниот систем не е подготвен да се справи со овој проблем, не само што не е подготвен, туку системот комплетно ја игнорира оваа ситуација и најчесто придонесува до друштвеното исклучување на жртвите на врсничкото насилство и slut-shaming.
Зошто го одбравте токму филмот како начин на изразување? Творите ли користејќи друг тип уметност?
Се чувствувам комотна да се изразам преку филмската уметност, во слободно време сакам да фотографирам и пишувам.
Дина Дума својот последен филмски проект „Skateboarding is not for girls“ имаше прилика да го претстави на резиденцијалната програма Residence du Festival на овогодинешниот Кански филмски фестивал.
Во последниве неколку години забележуваме поголемо застапување и препознавање на жените во филмската индустрија, и на светско ниво и кај нас. Како вие гледате на овој тренд, кој го стимулира женското учество во индустријата и каде лоцирате дека има сè уште место за работа?
Има тенденција да се прикаже дека жените се еднакво застапени во филмската индустрија на светско ниво, но апсолутно не е така. Лесно е да се направи илузија дека е различно, со прикажување на изолирани случаи, но треба да се погледне статистиката, а таа кажува дека нема родов баланс во филмската индустрија, соодносот е 20 со 80 %.
Во нашата земја жените не се присутни во јавната сфера на општеството, но не се присутни ни на авторските позиции во филмската индустрија. Промените во едно вакво младо општество како нашето не се случуваат брзо. Со самото тоа што агенцијата за филм финансира филмови од женски авторки се гледа дека работите почнуваат да се менуваат.
Дали филмот „Сестри“ ќе го достигнеше истиот успех ако зад улогите застанеа професионални актери? Дали можеби вам, како млада режисерка и жена, ќе ви беше потешко да извлечете емоции од нашите домашни актери?
Македонија има навистина талентирани актери и актерки, но конкретно за овој филм уште додека го пишував сценариото знаев дека ќе биде потребно да ангажираме непрофесионални актерки, односно тинејџерки. Целта беше на најавтентичен начин да се долови светот на тинејџерите. Легитимен е и пристапот на ангажирање млади актерки и актери кои на свои 25 години можат да глумат осумнаесетгодишни, тоа често го гледаме и во филмовите и во сериите. Но, во конкретниот случај, сметав дека кастирање на вистински тинејџери само ќе придонесе кон светот кој сакам да го прикажам.
Колку суета и дискриминација има во филмската уметност кај нас?
Предноста во тоа да се биде режисер е дека сме во позиција сами да го избереме тимот со кој работиме. Драго ми е што од соработниците сум добила само поддршка и во ниеден момент не сум се почувствувала обесправено или дискриминирано, на мојот сет нема простор за суета, сите работиме заедно како еден тим.
Како консумент на социјални медиуми, но и како истражувач на темата сајбер булинг за целите на филмот, дали можете да наброите некои правила или мерки на претпазливост кои би им ги укажале на младите и на нивните родители?
Сметам дека најважно е да почнеме како општество отворено да дискутираме за проблемите, наместо да ги табуизираме и дополнително да ги потиснуваме. За оваа промена ќе биде потребно време, но мислам дека првиот чекор до овие промени е отворена дискусија за проблемите, наместо стигматизирање и осуда.
Сите сме зависници од социјалните медиуми. Во изминативе пет години имав многу обиди да ги избришам или да намалам со употреба на социјалните мрежи, но тоа едноставно беше невозможно.
Проблемот на новата генерација е што социјалните медиуми се темел на нивните морални вредности. Најчесто како се прикажуваат на Инстаграм, ТикТок, Фејсбук е сосема спротивно на тоа кои навистина се, и тоа е постојано живеење во лага. Лајкот и следбениците значат повеќе од вистинското пријателство и вистинската конекција.
Потребните алатки за справување со оваа појава за мене лежат пред сѐ во освестување дека овој проблем е сериозен и реален, и дека почнува да дефинира една нова генерација. Во нашето младо и конзервативно општество никој не го гледа ова како сериозен проблем. Како да живееме во едно колективно негирање на проблемите, или само како да се жалиме и на крајот никој ништо не презема. За да се случат промените ќе биде потребно време, но тоа на што се надевам е дека овој филм ќе отвори дискусија. Се надевам дека ќе допре до институциите и надлежните кои треба први да се освестат и да признаат дека имаме сериозен проблем.
„Проблемот на новата генерација е што социјалните медиуми се темел на нивните морални вредности.“
„Предноста во тоа да се биде режисер е дека сме во позиција сами да го избереме тимот со кој работиме.“
Светот сака да гледа реалност. Но, светот сака и да одмори од реалноста и да побара утеха во филмски хумор, некоја љубовна приказна или научна фантастика. Која е вашата водилка кога одбирате на која тема ќе снимате филм, што најчесто ве инспирира и што ни подготвувате во моментов?
Избирањето теми за мене доаѓа потсвесно. Некогаш сè почнува само со една слика, некогаш е инспирација од вистински настан, некогаш е само емоција, навистина нема правила. Моментално работам на мојот нов филмски проект кој го развивам со помош на „Резиденцијата“ на престижниот Кански филмски фестивал. „Скејтбордот не е за девојчиња“ е приказна која е повторно сместена во светот на тинејџерите, но сѐ уште е рано да ви откријам повеќе.
Филмската уметност сигурно ви нуди вистинско бегство, всушност тоа е привилегија на сите оние кои се занимаваат со каква било уметност. Но, дали имате некој друг механизам за да се опуштите?
Филмската индустрија и процесот на создавање филм знае да биде исцрпувачки, затоа што е процес кој трае неколку години и е навистина интензивно. Сакам да патувам или да поминувам време во природа, на тој начин се рехабилитирам од напорната работа.
Во каква реалација сте со здравиот животен стил – исхрана и спорт?
Се обидувам редовно да спортувам и да се хранам балансирано.