За секој активен консумент на стрес, умор и исцрпеност.
Навистина би било убаво кога уморот би го решавале со сон, а стресот со сесија јога. Но, ниту времето, ниту обврските не го дозволуваат тоа. Затоа, не е ни чудно што посегнуваме по втората најдобра опција – витаминските суплементи. Всушност, 1/3 од нас дневно внесуваат витамини како додатоци на исхраната, додека 15% ја зголемуваат дозата кога се чувствуваат слабо, изнемоштено или уморно. И тоа е сосема во ред!
За енергија – Б комплекс
Ако имате навика да консумирате кафе во големи количини, веројатно имате недостаток од Б витамини. иако организмот се снабдува со Б витамини преку исхраната, особено преку месото, рибата и млечните производи, во најголем број случаи потребите не се докрај покриени. И тогаш настапува умор и пад на концентрацијата. Б витамините имаат задача да ја претвораат храната во енергија и внесувањето на истите како комплекс е идеален метод за забрзано надминување на хроничниот умор. Најдобро е да ги пиете наутро или за време на ручекот, бидејќи имаат тенденција да ја зголемуваат енергијата што може да влијае на сонот.
За стрес – Ашваганда
Билката позната како зимска цреша или индиски женшен, многу одамна се користи во ајурведската медицина. Денес е особено актуелна ширум целиот свет и тоа најчесто е барана за полесно справување со стресот. Билката ги инхибира хормоните на стрес кортизол и адреналин, кои телото има тенденција да ги излачува кога е изложено на стрес. Но, на некои луѓе ашвагандата им делува силно, небаре се напиле седатив, по што следува и намалување на крвниот притисок. Затоа, консултирајте се со лекар пред да почнете да пиете ашваганда.
За кожата – јод
Различните состојби на кожата како многу масна или многу сува, вклучувајќи ги и акните, може да бидат резултат на проблеми со тироидната жлезда. Јодот е минерал од големо значење за организмот и покрај тоа што е потребен само во трагови. Во присуство на јод, мала е веројатноста да дојде до намалување на функцијата на тироидната жлезда (хипотиродизам). Како да знаете дека имате недостаток на јод? Сува кожа, распукани нокти, сува коса, опаѓање на косата и умор. Јодот е силен антиоксидант кој делува врз слободните радикали насочени да поттикнат флеки брчки по кожата. Преку исхраната лесно се стасува до јод, а најмногу го има во кељот и морските плодови. Но, ако не милувате морска храна или кељ, на пазарот има доволно суплементи со јод во формулата. Консултирајте се со лекар пред да земете јод преку суплемент, бидејќи и прекумерените дози на минералот можат да го влошат хипотиродизмот.
За благосостојба – Цинк
Постојано сте болни? Цела сезона се дружите со шамичињата и спрејовите за одзатвнување на носот? Време е да му се посветите на имунитетот. Несомнено сите витамини и минерали се пријателски настроени кон имунитетот, но многу често забораваме на цинкот кој всушност е водечки минерал за изградба и одржување на имунолошкиот систем. Цинкот е важна алка во клеточното размножување, дигестијата, репордуктивното здравје и одбраната од слободните радикали. Благодарение на цинкот, се формираат белите крвни зрнца кои штитат од бактерии и вируси. Не заборавајте дека кога пиете цинк на телото му се потребни аминокиселини за минералот да се апсорбира, затоа внесувајте повеќе месо, јајца, пиперки, лук, броколи и овес. Консумирањето синтетички форми цинк на празен стомак може да предизвика гадење, затоа пијте го суплементот после оброк.
Секој витамин е важен!
Но, овие се неопходни за актуелниот животен стил што речиси сите го водиме.
Есенцијални масни киселини
Омега-3 и омега-6 масните киселини помагаат при намалување на воспаленијата, ја подобруваат меморијата и ја одржуваат хидратацијата во кожата.
Магнезиум и калциум
Одлична комбинација за одржување на густината, цврстината, еластичноста на коските и мускулите. Особено се корисни за релаксирање при голем стрес, напнатост и грчеви во екстремитетите.
Пробиотици
Здравиот дигестивен систем кој работи беспрекорно води до зајакнување на имунитетот и подобрување на мозочната функција во секоја смисла.