Стресот и понатаму царува во вашиот живот?!
Празниците и стресот одат рака под рака како руска салата и кифлички, иако луѓето имаат сосем поинакви очекувања. Но, салатата ќе се изеде, слободните денови ќе завршат, а празните џебови, вишокот килограми и несигурното секојдневие ќе почнат да си поигруваат со вашиот ум.
Експлозивниот коктел од лоша ТВ-програма, малку повеќе алкохол и нездрава храна, лажни и неискрени честитки од лица коишто ве дружат од корист вистински го замајуваат мозокот во месец јануари. Се чини дека депресијата го достигнува врвот во февруари, бидејќи следните слободни празнични денови и долго посакуваното лето се многу далеку.
Вознемирениот стомак, изнемоштеноста, тремата дека започнува нова работна година и економската фрустрација дека се изнададовте куп пари за да купите непотребни работи за блиските (ако не го поминевте редот ќе ви беше уште потешко) се факторите кои создаваат една општа меланхолична атмосфера.
Што може да ве спаси од очајот? Малку сонце и психијатар?! И статистиките покажуваат дека во првите месеци од годината психијатрите имаат полни раце работа, особено брачните советници, а разводите и раскинувањата се во пораст за разлика од останатите месеци во годината. Чувствувајте се слободни да појдете на советување, а, во меѓувреме, ќе се обидеме да ве увериме дека навистина сѐ е во ред со вас!
Човечки е да подлегнете на стресот
Мајк Фишер е познат британски гуру за менаџирање со стресот и тој вели дека стресот е всушност страв од неможноста човекот да ги контролира работите. Значи, секогаш кога ќе почувствувате дека нештата ви бегаат од раце, вие чувствувате страв кој пак лесно поминува во лутина. Лутењето е обид индивидуата да се ослободи од тие страшливи чувства. Затоа, секогаш кога ќе му се налутите на партнерот, пријателите или роднините, без причина… среде празник… не значи дека сте ужасна личност, туку типично човечко суштество. За што последно им се налутивте на колегите? Дека појдоа на ручек за кој вие не добивте покана? Зад лутината всушност се крие вашиот страв дека можеби тоа ќе им стане навика или уште полошо дека ќе воочат дека едноставно им е позабавно кога се без вас.
И вашата несовршеност е убава
Клиничкиот психолог д-р Хелен Најтингејл вели дека морате да правите разлика помеѓу двата различни типа стрес: продуктивен и непродуктивен. Првиот ни помага да ги оствариме целите кои сме ги замислиле, на пример да му купите на партнерот подарок на денот на роденденот, а не после 3 месеци. Проблемот со непродуктивниот стрес е тоа што е производ на стравот од неуспех. Тој може да ги совлада и најодговорните и самоуверени индивидуи. Па ако вие сте од оние луѓе кои со денови размислуваат дали подарокот што ѝ го купивте на директорката беше премал и недоволно инвентивен, тогаш сте потенцијална жртва на лошиот стрес. Имајте на ум дека ваквиот стрес делумно е резултат на вашата желба да влијаете на нештата кои не можете да ги контролирате. Оние што постојано се загрижени за туѓото мислење сигурно се препознаа?! Не трошете си го времето залудно, најважно е вие да сте среќни со изборите што ги правите.
Емоциите ве прават луѓе, прифатете ги
Интернетот, социјалните медиуми, паметните телефони, пандемијата, сите како да се здружиле да нѐ замолчат, да нѐ отуѓат. Сѐ поголем е бројот луѓе кои преферираат да пишат пред да се јават, а средбата во живо веќе не ја ни споменуваме. Е дотаму е стигната работава. Згора на тоа, нашиот презафатен животен стил нѐ прави повеќе практични, а помалку емотивни. Почнавме да работиме по рокови и во приватниот живот, ништо не е оставено на случајноста. Но, кога ќе дојдат празници, особено еден по друг, сите современи навики како да попуштаат. Дома сме, комуницираме со домашните, со блиските, и повторно ѝ се враќаме на искрената, емотивна комуникација која е врежана во нашиот човечки код. Ако широко ги отворите очите и сами ќе увидите дека само бизнис-зделките се склучуваат тактички, за сите останати врски и односи неопходни се емоции. Затоа бидете подготвени за напливот на емоции со кои ќе се соочите периодов. Радувајте им се, препуштете им се, иако ќе ви го отежнат враќањето во машинеријата.
Не губете нерви на безначајни кавги
Интересен е податокот дека празничниот период е вистински тест период за „тазе“ брачните двојки, со ова се согласува и Сузана Абс, психијатар од Центарот за двојки „Tavistock“. Таа вели дека празниците се првиот тест за брачните другари, вториот е летниот одмор. Еве ги потенцијалните теми за кавга: Каде да се појде на ручек, кај родителите на жената или мажот? За кои внуци ќе се потрошат повеќе пари за подароци, дали сите ќе добијат ист третман? Ваквите препреки меѓу сопружниците може да се повторуваат со години, но анкетите потврдуваат дека раздорот е најгласен првата година. Најмудро е да склопите договор што ќе ви служи со години, бидејќи така и другите ќе ги научат токму вашите традиции. Ако за Божиќ сте на гости кај едните родители, секогаш го имате Велигден за да им укажете чест на другите. Така е фер, нели?