Ивана Кнез

Ивана Кнез

Најголемиот драматург на модната сцена

Ивана Кнез е една од ретките модни дизајнери кои и покрај многуте турбуленции во модниот свет, сè уште дизајнира со многу љубов и посветеност. Нејзините дизајни се драматични, уметнички и крајно уникатни, епитети кои на модната сцена им припаѓаат само на вистинските познавачи на модата, кои макотрпно работеле и се школувале за себеси да се наречат не само модни дизајнери, туку и диктатори на трендови.

Во време на брза заработка на пари, текстилната индустрија не бира средства за да дојде до својата цел. Таа загадува, таа се потпира на ранлива, па дури и на детска работна сила, таа крши безброј природни закони и човекови права за да дојде до замислената цифра со многу нули.

Додека чекате ред заедно со илјадниците жени и мажи во светот кои копнеат по идентичното парче облека како вас (за кое најверојатно немате никаква реална потреба), сетете се дека поминало низ рацете на некоја изнемоштена жена во Бангладеш која нема ниту чиста вода за пиење.

Дали сега ви е малку појасна големината на модните дизајнери, особено оние како Ивана, кои не се откажуваат од своите модни интерпретации и по цена на својата заработка?
Македонија, Србија, Турција, Англија, Холандија, па сè до Обединетите Арапски Емирати, патуваат колекциите на оваа драматична дама која дише за мода.

Имавте чест да ја отворите четвртата сезона на Skopje Fashion Festival со нова колекција и 15 години неизмерна креативност зад себе. Дали сте горда на себеси? Дали за овие 15 години успеавте да ги постигнете сите свои замислени цели преку модата?

Мислам дека зацртани цели и замисли се резервирани за организираниот дел од социјалното општество, себеси се категоризирам во креативци, за нас важат други правила. Татко ми покоен велеше: Ивана, ти си уметник, тебе ние не те разбираме а камоли светот. Не сум ги постигнала сите свои замислени цели, имам уште, вријам и ми треба тоа да го извадам, ми треба да работам уште и уште и уште. Секојпат сè повеќе и сè подобро, сама со себе се натпреварувам.

Ivana Knez

Кажете ни нешто повеќе за последната колекција, што ве инспирираше и за кого е наменета? Всушност, како останувате инспирирани и креативни сезона по сезона?

Сите мои дизајни од RTW до оваа колекција се за храбри и за самоуверени жени. Сè што правам е наменето за мојот идеал на жена, онаа која живее вистински, не преживува, онаа која има поголема амбиција од зготвен оброк и лајк на полугола слика на Инстаграм, онаа на која образованието ѝ е пред телевизијата и која не се плаши да остане сама со себе.
Ова е некој млак омаж на мојата работа 15 години наназад, морав да дозирам, сепак сум свесна каде творам и создавам, и кој е локалниот вкус. На крајот од денот сметките сама си ги плаќам, тоа е пред сè тригерот на моето креативно постоење, што и веројатно е и виновникот за мојот успех, јас си ја познавам мојата публика.

Можете ли да нè прошетате низ вашиот креативен процес од зачнувањето на идејата до финалниот производ? Дали има некои ритуали или рутини што ги следите при дизајнирањето?

Пристапот ми е повеќе сликарски и филозофски, многу сакам да навлегувам во сржта и во суштината, во мојот свет платонска е само сината боја. Немам правила, имам приказна и немам временски рокови, некогаш знам да ме нема со денови, а некогаш знам и да не пипнам ништо.

Како успевате да се движите низ трендовите, а сепак да останете верни на сопствената визија? Со какви предизвици се соочувате како моден дизајнер и како ги надминувате?

Тоа е моќта на образованието, јас сум сепак школуван креатор. Завршив на „Академија лепих уметности“ во Белград и се описменив, тоа ми беше личен приоритет, едноставно мојот спонзор е книгата. Затоа и моите дизајни се препознаваат, затоа и мои колеги ме бришат од списокот на живи, дишам со цели гради во оваа професија и никогаш не ми е доволно. Предизвиците се разни, некогаш технички, некогаш ментално се блокирам. Кога единка создава, нормално е да наидува на препреки во процесот. Сето тоа е дел од чинот.

Дали има дизајнери или модни икони кои особено влијаеле и влијаат на вашата работа? Што би сакале да знаевте кога почнувавте во индустријата?

Од оваа перспектива ќе сакав да знам дека ќе се појават социјалните медиуми и ќе ја разлигават целата модна сцена. Да го знаев тоа, веројатно ќе завршев филологија, заљубена бев во јазици. Станав дизајнер заради бистрината и интелектот на модните ревии во 90-тите, заради минатата костимографија која маѓепсува. Ме убива современиов консумеризам и капитализам, три за сто се претвора цел свет.

Денес многу гласно се зборува за одржлива и етичка мода, но колку нашата домашна модна индустрија е подготвена за овие промени?

Не е, на рециклиран материјал наша жена реагира со: Е како не, ѓубре ќе ми продаваат. Видете, и тоа не знам колкава вистина крие, од една страна да, модата загадува, но не е модата онаа која ве тера да купите десет пара фармерки, ние сме ненаситни. Да се вратиме на занает, на едно ама вредно, на висока мода, на уметност и култура, многу ќе се намали светскиот рејтинг на загадување. Ама па така нема да ја богатиме индустријата.

Каков совет би им дале на идните модни дизајнери? Дали има некои клучни лекции што сте ги научиле на патот до успехот, а кои мислите дека ќе им користат на другите што влегуваат на теренот?

Деца, прво образование, ама не купена диплома, не да плати тато, туку ТИ да се активираш за себе. Голтај книги, биди љубопитен за минатото за да можеш здраво да ја оформиш твојата иднина. И никогаш, ама никогаш не откажувај се, гризи, греби и касај за твојот сон.

Ivana Knez

Кои се вашите планови и цели за иднината на вашиот уникатен бренд кој веќе е достапен онлајн?

Немам. Работам, тоа е сè што знам и умеам. Остарев, сонувам будна и реално.

Можете ли да споделите лично мото или филозофија што ја води вашата работа? Што значи модата за вас лично, освен начин на облекување?

Емоција. Ако ми се шета денес по пижами, ти преврти се наопаку, јас така ќе шетам. Ако мислам дека не треба да има друга жена на настанот, така и ќе се облечам и нема да има, гардеробата е сериозно моќна алатка за освојување на светот преку освојување сама себе. Сè минува, сè се менува, па дури и ние, пушти, немој да држиш и не читај таблоиди.

Низ годините отворено зборувате дека депресијата сте ја преточиле во креативност, зборувате за борбата со вишокот килограми, за љубовта што му е потребна на светот, па на младите им влијаете на многу повеќе начини освен преку модата. Дали тоа ви создава чувство на одговорност за претпазливо користење на социјалните медиуми? Дали мислите дека сите јавни личности ги користат одговорно?

Апсолутно не! Саем на лажни животи е по социјалниве медиуми, ко ќе ги видам намонтирани и светнати на сите постови ми доаѓа да ги рашамарам сите до еден.

Животот не е порцеланска насмевка, најскап автомобил, стан… животот не е тоа што го гледате на Инстаграм.
Кога ќе те гушне тој што го сакаш без да имаш потреба да постираш слика и да ни покажеш на сите колку се сакате, тогаш вистински ќе почнеш да живееш. Секој ден е борба, секој ден е предизвик и секој ден е можност за личен напредок за оној кој сака да оди напред. За другите… кликајте лајк. Уз Нетфликс.