Младата пејачка и водителка ја обнови љубовта со музиката
Пред шест години младата пејачка Јана Бурческа нѐ претставуваше на изборот за песна на „Евровизија“ во Киев, Украина со песната „Dance Alone“.
Што се случуваше со нејзиниот живот во меѓувреме? Стана сопруга на музичарот Александар Филиповски, стана мајка на две дечиња, работи како музички новинар и водител на емисијата „Стисни плеј“ преку која активно ги следи и поддржува колегите од музичката сцена.
Денес, по подолга пауза, може да се пофали со нова песна што сама ја потпишува. „Home Alone“ е насловен синглот со која младата пејачка ѝ се враќа на македонската музичка сцена во комплетно светско издание кое наиде на одлични критики од публиката.
Многу музика има во вашиот живот, сама ја создавате, ја следите онаа на колегите, ја консумирате и од сопругот, што е прекрасно. Сѐ помалку музика има во домовите, додека порано сѐ се работеше додека во позадина работи радиото. Колку вашите дечиња, иако се мали, консумираат и реагираат на музика?
Колку убаво прашање. Навистина музиката е постојано околу мене и има денови кога сѐ што сакам да правам е само да слушам и ништо друго. Но, тоа е луксуз кој што со оглед на обврските не можам да си го дозволам.
Дона и Дарин уживаат во музиката. Дона веќе и не е толку мала, многу разбира и веќе има свои музички преференци што многу ме радува, бидејќи во нејзините музички избори се гледам и себе па понекогаш знам и да се „прчам“ со тоа што сме ја научиле да слуша. Покрај ова, таа е и многу музикална и жедна за настап. Дарин е помал, и иако не може многу прецизно да искаже, сепак евидентно е дека музиката му носи радост и знае да изненади со откачени танчерски потези.
Дали имате навика да им свирите и да им пеете со сопругот?
Тоа е секојдневие во нашиот дом. Едно време ова го практикувавме толку често, што помисливме дека можеби треба да се вклучиме како музички аниматори на детски родендени – репертоарот ни е подготвен: Кап-кап, Бејби шарк, Македонската азбука, Џони Џони и многу други…
Децата ни се секогаш главна публика додека се подготвуваме за ретките акустични настапи, а Дона дури знае да биде и критичар кога мама ќе згреши некој тон или мелодија. Покрај ова, музицираме по дома и со терапевтски цели. Музиката е беспрекорен трансформатор на стресот во позитивна енергија.
Конечно нѐ почестивте со нова песна и видео спот. Какви се реакциите за „Home Alone“ досега, но и плановите за во иднина?
„Home Alone“ се случи 6 години по евровизиската „Dance Alone“, но сепак се случи во вистинско време од проста причина што за прв пат кон крајот на минатата година се почувствував целосно подготвена да издадам нешто ново. Процесот беше еден прекрасен предизвик, а финалниот производ наиде на огромна поддршка кај слушателите, но и од колегите музичари и новинари – нешто што особено ме радува и за што сум бескрајно благодарна. Се работи и на нов проект, кој што би требало да се реализира до крајот на годинава, но во моментов е сѐ уште во фаза „никулец“ и затоа не би откривала премногу. Едно е сигурно – музичкиот тим останува ист како и за „Home Alone“, јас и Драги Иванов, музичар кој многу го ценам и почитувам, а читателите ќе го препознаат како соработник на Дина Јашари и дел од составот на Фанк Шуи. Доколку ми дозволите, во овој контекст морам да го издвојам и мојот ветер во грб, а тоа е компанијата Gulf Македонија која стои зад „Home Alone“, но и зад идниот проект на кој што работам, како и Смарт Ливинг и Каре Македонија кои се погрижија за фантастичната сценографија за потребите на видео записот за „Home Alone“.
Колку мајчинството ви служи како инспирација? Како успевате да балансирате помеѓу семејството и работата?
За илустрација ќе посочам дека „Home Alone“ e песна која е посветена на стравовите, а во мојот случај тие станаа значително поизразени откако станав мајка. Рефренот го напишав додека бев сама дома со децата и се буквален превод на мислите кои што ми поминаа низ главата: Што ако некој се обиде да нѐ ограби, што ако избие пожар и нѐ успееме да избегаме… Можеби пресликовито ви опишав, но тоа е фактички пример за тоа колку може да биде инспиративен секој момент. Се трудам да најдам време за себе, а во тој контекст се разбира дека најмногу ми асистира сопругот и моите родители. Имам среќа што имам работа која искрено ја сакам, па со тоа балансирањето станува многу полесно.
Дали помладите мајки се во предност?
Искрено, мојот став е дека мајчинството е исклучително голем и безобразно непознат предизвик за секоја жена и затоа мислам дека возраста е од второстепено и помало значење. Промените и предизвиците со кои што се соочуваме како мајки се толку шаренолики и индивидуални што не оставаат простор за споредба. Она што нѐ обединува како повеќе и помалку возрасни мајки, е силата и посветеноста и бескомпромисноста кога станува збор за најдоброто за своето дете.
Како мајчинството ве смени?
Јас сум истата јас, но во подобрена верзија. Да речеме дека мајчинството создаде Јана Бурческа 2.0. Понапреден модел со нови и подобрени перформанси, особено во делот на менаџирање со времето. Еко-френдли батерија која се полни од детски насмевки и досетки. Единствена слабост е послабата меморија, со оглед на тоа што сѐ почесто се случува системот да биде оптеретен со податоци.
Какво детство имавте? И вие го искусивте оној прекрасен живот на улица?
Имав прекрасно детство, ја искусив маалската и безгрижна дружба, комуницирав со моите родители преку прозор или тераса и не се грижев што цел Карпош ни го слуша муабетот, сите најблиски другари ми беа во комшилук, а со голем дел од нив и денес се дружиме. Продавав бомбици од кал, наплаќав 10 ден. влез за маалска претстава или концерт во тревникот пред зграда, врвот на технологијата за мене беше Тетрис на Нинтендо гејм бој, а првиот мејл во 2003-та година (пред 20 години – д в а е с е т) го испратив до мојот брат за да му соопштам дека имаме сетричка на пат во мешето на мама.
Денес животот повеќе се одвива на социјалните мрежи, па колку правите оддишка од нив?
Според современите стандарди јас дури и потфрлам со своето дигитално присуство. Социјалните мрежи се трудам да ги консумирам на здрав начин и најчесто ги користам како средство за олеснета комуникација и извор на информации и инспирација. Има моменти кога се чувствувам презаситено и тоа го решавам со тридневна апстиненција од мрежите.
Како се носите со негативните коментари кои многу лесно можат да стасаат до вас?
Ќе излажам ако речам дека не ме допираат, но ветувам дека станувам сѐ подобра во справувањето со таквите ситуации. Се разбира, не ми пречи кога ќе видам умерен негативен коментар или конструктивна критика, но сум се соочила и со екстремни примери и активно работам на тоа таквите помалку да ми влијаат.
Правејќи споредба на минатото и она што го живееме денес, имате визија како ќе ги воспитувате дечињата?
Секојдневно се обидувам да создадам што подобри услови за развој на моите деца, со цел тие да станат пред сѐ добри луѓе, но можеби најважно ми е да ги научам отворено да комуницираат за своите потреби, проблеми и чувства затоа што сметам дека постои едно генерално потфрлање во оваа област со генерации наназад едноставно затоа што со генерации така сме научени. Сакам да се чувствуваат слободно да споделат дури и во ситуации кога се сигурни дека другата страна размислува поинаку и исто така да бидат ОК со тоа дека не сите мислиме и се чувствуваме исто за исти појави.
Изгледате одлично, модерно, свежо, светски. Која е вашата тајна?
Ви благодарам на комплиментот. Во секојдневието сум прилично едноставна, дури понекогаш си велам дека можеби треба повеќе да се „тинтрам“, но кога станува збор за јавни настапи тогаш целосно им се предавам на моите долгогодишни соработници: најпросперитетниот млад дизајнер во земјата Митко Занов кој што со својата естетика веќе го освои и регионот, потоа исклучително талентиранта мејк ап артистка Ивана Деловска за која допрва ќе слушате, како и Елена од Social Hair Salon која и е добро позната на јавноста како стилист на бројни јавни личности, но и задоволни клиенти во главниот град.
Стасувате ли да излезете на состанок со сопругот?
Од состаноци само службено. Навистина се реткост, но во предност сме затоа што поминуваме квалитетно време заедно кога сме музички ангажирани, па така компензираме за неостварените романтични состаноци.
Како ја откривте водителката во вас и дали продолжувате и во таа насока и понатаму?
Мојот апетит за говор пред камера со роди при евровизиското патешествие во 2017-та година, поточно за време на промо турнејата кога во еден ден, во Лондон, дадов можеби 40 интервјуа. Кога сфатив колку уживам во тоа, можам да кажам и дека го манифестирав мојот ангажман во МТВ затоа што никогаш јас отворено не зборував за моите скриени афинитети за таа професија, но очигледно колегите го забележале тоа и ете ме… Ме исполнува новинарската работа, особено тоа што имам можност да работам на специјализирана музичка емисија која ги обединува моите две најголеми пасии: музиката и убавиот збор. Продолжувам, се разбира.
Кој е вашиот совет за добро здравје и ведар дух што би го споделиле со читателите?
Негувајте го телото и умот и ве молам грижете се за менталното здравје.