Како да уживате во празниците без да го загрозите здравјето?

Како да уживате во празниците без да го загрозите здравјето?

Празниците се време кога сите се радуваме на дружењето со најблиските, храната и веселбите. Но, со толку многу искушенија, лесно е да се занемари здравјето и да се изгуби редот. Според истражувањата, во текот на празничните месеци, луѓето во просек качуваат од 0.5 до 2 килограми, а најзагрижувачки е тоа што овие килограми ретко се губат по празниците. Клучот е во умереноста и во мудрото донесување одлуки – затоа празнувајте, уживајте, но секогаш внимавајте да не го загубите фокусот на она што е најважно: вашето здравје!

1. Помала чинија, за помала порција

Истражувањата покажуваат дека користењето помали чинии и прибор може да помогне во контрола на внесот на храна. Едно истражување на Универзитетот „Корнел“, откри дека луѓето кои користеле помали чинии јаделе до 30 % помалку без да имаат чувство дека се лишени од гурманското задоволство. Оваа едноставна промена може да направи разлика на долг рок, особено во периодот на празници кога порциите се поголеми и калориските замки се насекаде околу нас.

2. Порани оброци, за помалку калории

Циркадијалниот ритам, биолошкиот часовник на телото, игра огромна улога во тоа како метаболизмот ги обработува хранливите материи. Научниците од Универзитетот во Тел Авив откриле дека оброците доцна навечер можат значително да ја зголемат телесната тежина и да го нарушат метаболизмот. За време на празничните вечери, обидете се да јадете главни оброци порано во денот, кога телото е најспремно да согорува калории.

3. 20 % празен стомак за долговечност

Овој принцип, популарен во Јапонија, препорачува да јадеме до 80 % од капацитетот на стомакот. Луѓето во Окинава, Јапонија, кои го следат ова правило, се познати по нивната долговечност и доброто здравје. Ова е одличен начин да уживате во празничните деликатеси без да се прејадете. Вежбајте внимателно јадење – бавно џвакање и слушање на сигналите што ги испраќа телото за да разберете кога сте сити.

4. Помалку течни калории

Алкохолот и шеќерните пијалаци се најголемите виновници за скриени калории во празничниот период. Чаша вино има околу 125 калории, а коктелите може да достигнат и до 350 калории по чаша. Според студија на American Journal of Clinical Nutrition, алкохолот не само што додава калории, туку го намалува метаболизмот, правејќи телото да складира повеќе масти. Алтернатива е да се изберат коктели со ниска калориска вредност или да се ограничи внесот на алкохол на една чаша.

5. Пешачење после оброк

Едно кратко пешачење по обилен оброк може да биде клучно за одржување на стабилен шеќер во крвта. Според студија објавена во Diabetologia, 15-минутно пешачење по оброкот може да го намали нивото на гликоза во крвта за 30 %, што е особено важно за оние кои имаат ризик од дијабетес. Затоа, по празничниот ручек или вечера, предложете им на членовите на семејството една кратка прошетка. Доколку студот или загадувањето не дозволуваат, активирајте се по дома.

6. Доволно сон за чувство на ситост

Недоволниот сон може да ги вознемири хормоните што го контролираат апетитот – грелинот и лептинот. Едно истражување објавено во Annals of Internal Medicine покажа дека луѓето кои спијат помалку од шест часа ноќе имаат значително повисоки нивоа на грелин (хормон што го стимулира апетитот) и пониски нивоа на лептин (хормон што сигнализира ситост). За време на празниците, кога распоредот може да биде похаотичен, важно е да се одржува редовен и квалитетен сон.