Шминкањето е ритуал кој жените различно го доживуваат. За некои, целта на шминката е да ја штити и негува кожата и суптилно да ги засили цртите на лицето. За други, пак, е во функција да ја истакне жената и да ја одвои од толпата. А има и такви кои во зависност од приликата и расположението прибегнуваат кон едниот или другиот концепт.
Со овој ритуал жените ја истакнувале својата сензуалност со цел да им се допаднат на мажите и околината. Денес шминката е резервирана за самоуверени жени кои ја користат за да ја истакнат својата индивидуалност.
Каква и да е целта што сакате да ја постигнете преку шминката, сѐ паѓа во вода ако не владеете со клучните мејкап потези. Подобро е да се појавите без шминка, отколку со погрешно нанесен и неуреден мејкап.
Интензивни усни
Темните усни во црвени и кафени тонови карактеристични за 90-тите години одново се актуелни, со таа разлика што денес се прифатливи и за преку ден. На пример, нема да погрешите ако ставите црвен кармин за на работа.
Прецизноста е клучна за темните усни, во спротивно ќе изгледате неуредно. Затоа, нанесувајте го карминот со тенка четка за да ги оцртате границите на усните и за да можете рамномерно да го аплицирате карминот. Ако ви е полесно, претходно оцртајте ги усните со моливче за полесно да го нанесете карминот.
За малку сјај, нанесете балсам за усни во центарот на долната усна.
Темните усни и задебелените веѓи се одлична комбинација. Темните усни го носат фокусот на долниот дел од лицето, но истакнатите веѓи го поткреваат фокусот за некој сантиметар со што се создава одличен баланс.
Црвени усни и силно нашминкани очи за преку ден се премногу. Затоа, прескокнете ги капаците и евентуално истакнете ги трепките со малку маскара.
Сјајна кожа
Потребата за мејкап со блескав и сјајен ефект резултираше со создавање на револуционерен производ познат како хајлајтер. Доаѓа во облик на стик, во течна форма, во облик на камена пудра, а служи за истакнување на клучните контури на лицето.
Хајлајтерот може да ви послужи да креирате два тотално различни ефекти. Тука е оној здрав сјај што природно го стекнувате после вежбање, а од друга страна го имате класичниот холивудски гламур кој подразбира истакнување на клучните агли.
Доколку го нанесете хајлајтерот на целото лице во мала количина, ќе добиете блескав, оросен и здрав ефект на кожата. За филмски ефект, нанесете го хајлајтерот тапкајќи го на стратешки места на лицето.
Најлесен и најсуптилен начин за да блеснете? Капнете неколку капки од течнот хајлајтер во пудрата што вообичаено ја користите. Убаво соединете ги состојките и нанесете ги на целото лице.
Хајлајтерот што доаѓа во облик на крем формула ќе ви помогне да го постигнете оној влажен оросен сјај. Стиковите се најпрактични бидејќи можете директно да ги нанесете на високите точки на лицето – јаболкцата, мостот на носот, аркадата, врвот на брадата, врвот на горните усни. Формулата во облик на пудра дава најсилен ефект и обично е резервирана само за образите.
Луксузни трепки
Толку се модерни, што денес никој не се ни труди да го сокрие фактот дека густите трепки не секогаш се дело на природата.
На пример, свилените трепки делуваат природно, но неопходна е редовна екстензија, бидејќи со текот на времето паѓаат. Ако немате толку слободно време и буџет за редовно да ги дополнувате трепките, потрудете се да го извадите максимумот од вашите природни трепки.
Извиткајте ги со специјален извиткувач, а потоа нанесете маскара за волумен. Бојадисувајте ги трепките влакно по влакно и задолжително поминете со четката и озгора врз трепките за да го засилите ефектот.
Доколку одите на варијанта вештачки трепки, одберете модел каде влакненцата се поврзани со безбојна, речиси невидлива трака (оние со црна трака во основата ќе направат да изгледа како да сте ставиле туш, а таа линија ги затвора очите). Најдобра опција се трепките во снопчиња, бидејќи делуваат природно и пердувесто.
Густи веѓи
Густите дебели веѓи се тотална спротивност на традиционалниот гламур на кој бевме навикнати. Жените го корнеа секое едно влакненце што се испречуваше на патот на тенката совршена линија. Затоа, денес мака мачат оние кои трајно ги проретчија веѓите поради редовното скубење.
Денес веѓите е дозволено да се густи, неуредни, раштркани и малку подолги. Среќа што имаме цел еден арсенал од шминки и третмани за да го постигнеме тоа.
Поттикнете го растот на веѓите така што редовно ќе ги мачкате со билни масла (маслиново, рицинусово, ленено) и задолжително чешлајте ги за да поттикнете циркулација или слободно нанесете серум што поттикнува раст.
Правите и остри веѓи се актуелни, затоа чешлајте ги во тој правец – хоризонтално кон надвор. Не посегнувајте по ножичките или пинцетата, секое нескротливо влакненце ќе го најде своето лежиште доколку редовно ги чешлате веѓите. Најдобра четка за ваков ефект е онаа што не се разликува од четката за маскара.
Со молив за веѓи пополнувајте ги местата каде што не растат влакненца. Бидете внимателни во однос на потезите, бидете брзи и не притискајте премногу кога цртате лажни влакненца, тие не смеат да бидат пренагласени.